Кога мислиш дека не можеш повеќе - сети се за кого се бориш!

Јули 2018та година, јас и Даце решивме дека сакаме бебе. 👶

„Ајде бе да ни трча едно мало “Миленче” низ куќа. Нека победи љубовта годинава!”, велеше тој.

5 години подоцна, низ куќава ми трча некој којшто е пола јас, а пола љубовта на мојот живот. 

Само што… не излезе така како што планиравме.

milena paneva

Нашата љубов на крај не победи, само животот продолжи без нас двајца заедно. 💔

Не сме во нашиот дом, јас се борам со сите препреки со коишто може да се соочи една самохрана мајка (за жал, не по мој избор).

А малото “Миленче”….пораснато, изменето, личи на тато.

Син ми, за жал го изгуби татко си во најлошиот период – кога си премногу мал за да ја памтиш неговата љубов. 

Тој ќе му остане само некаква идеална слика од “што би било кога би било”. 

Вистинската љубов за него не знам ни дали ќе ја чувствува.

Но, живот продолжува понатаму. Јас имам за што да се борам, а на ова патување само храбрите се нафаќаат.

Последниве 2ипол години, работниот ден ми започнува со 15 минути me time, кога го пијам сама моето утринско кафе во комплетна тишина.

А потоа, почнува спремањето, Иво го оставам во градинка, а јас возам до работа. Некои 120км секој ден во двата правци. 

Ок е, се навикнав.

Од породилно се вратив кога син ми имаше само 7ипол месеци, во екот на ковид мерките.

Откако направи годинка, решив да променам позиција и да одам во нова фирма.

Не беше лесно, но по речиси 6 години, собрав храброст да си дадам отказ и да почнам да учам нешто ново.

Прилагодувањето во градинка беше трауматично, плачење со месеци, нејадење….па потоа дојдоа и настинките. 🥵

Антибиотици, лекари, лаборатории, лежење во болница на Детско одделение….сама бев со него. Ама правев сè како што треба!

Со промената на работното место, сфатив дека сум направила супер избор бидејќи новата компанија и колегите ми се одлична поддршка во сите важни мигови во мојот живот.

Тие што ме знаат ќе кажат дека сум доста посветена мајка, но и интелектуалец кој си ја сака работата.

Работам во фабрика како поддршка на продажба и клиенти, што сосема одговара на мојот карактер како екстроверт кој обожава работа со луѓе!

Има моменти кога сум страшно нервозна поради фактот дека денот има 24 часа, а јас немам време за сè.  ⌛

Времето со детето ми е ограничено на неколку часа во денот и за тоа време само технички ги завршувам обврските (подготовка на храна, ужинка, сокови).

Има моменти кога сум преморена и едноставно сакам да спијам.

Но бесценето е да имаш некој којшто со душа ќе те чека да се вратиш од работа. Ме чека на портата со баба му и скока и вришти од среќа кога ќе се вратам.

Кога ќе ме види, ми се фрла во прегратка и ме бакнува, а потоа ми ја грабнува ташната за да го бара чоколадното млеко Моја кравица. 😅

Навечер заспивам пред него. Ќе се разбудам околу 12 часот, го преместувам во кревет и продолжувам да спијам.

Таман кога ќе помислам дека сум преморена од сè, тој ќе ме врати во живот.

Пред некоја недела бев до кај него во градинка и тој ме виде, истрча, ме зеде за рака и гордо ме покажуваше на децата велејќи: „Ова е мојата мајка, најубава е, гледајте деца!”

Mи наидоа солзи радосници и 10 пати се покајав поради моментите кога сум мислела дека не можам повеќе.

Викендите ни се испланирани за одење некаде заедно, на кафе, во кафана, итн.

Колку и да е немирен, сакам да биде со мене каде и да одам. Дури и тие што ме поканиле некаде, свесни се дека не одам никаде без него.

Затоа што имам сила да го освојам светот со една рака, ако тој ме држи за другата. 💪

Автор: Милена Панева