Working Mom на Неделата - Катерина Гиевска

Сите ние посакуваме денот да трае подолго, за да ги завршиме сите обврски во денот, а сепак да имаме и доволно време за да се гушкаме со своите деца. ⌛

Сепак, треба да се потсетиме дека работните часови не се смислени случајно. Работиме за да живееме, а не живееме за да работиме.

Токму Катерина Гиевска ни покажува што значи да не се прави компромис кога станува збор поминување квалитетно време со своето семејство, на сметка на перфекционизмот на работното место.

„Едноставно не правам компромис кога станува збор за квалитетно време поминато со семејството, односно со моето дете. Можеме да се стремиме кон перфекционизам на работното место, но сѐ повеќе сфаќам дека тоа не е здраво, а ниту пак е потребно. Се сметам себеси за исклучително професионална и посветена, но тоа не би било доволно да сум комплетна личност ако не сум посветена и како мајка. Да, посакувам денот да трае повеќе часа и да имам повеќе енергија. Но, бидејќи тоа е невозможно, се фокусирам да имам добар план за денот и текстуално дефинирани потточки за најважните нешта што треба да се завршат. Приоритет ми се обврските околу мојата ќерка која има најголема потреба од мене. А во однос на работните активности приоретизирам онаму каде нештата зависaт исклучиво од мене или пак можат директно да влијаат на нечиј живот. Сепак работам во Движењето на Црвениот крст”. 

Адаптирање и синхронизација на работното време, пристигнување до и од работното место во град со хаотичен сообраќај и системот за згрижување на деца во претшколска и школска возраст, се најголемите предизвици за мајките и татковците во една компанија, вели Катерина.

Таа го гледа решението во следново: ⬇️

„Потребно е компаниите да покажат поголема флексибилност за разбирање на животниот период во кој се наоѓаат родителите, особено додека децата им се мали. Треба да се задоволат минимум стандарди и непречено почитување на Законот за работни односи без различно толкување на истиот. Секој да добие дозвола за работење од дома. Фокусот да се стави на грижа за сработеното, а не за времето поминато на работното место”.

Нејзината најголема поддршка се мајка ѝ, таткото на Лаура и другарките. 🫴

„Да се биде мајка во нашата земја каде бенефициите и позитивната дискриминација не се баш познати е речиси невозможно без поддршка. Дефинитивно мојата најголема поддршка е мојата мајка која се држи до стандардите и вредностите од некое време во кое не живееме повеќе. Таа често знае истите да ги постави како “правила на игра“ за мојата ќерка. Таа е тука и за некои практични нешта и да постави ред. Секако, татко ѝ на Лаура е присутен и особено важен, но во мојот контекст тоа не би сакала да го потенцирам за никој татко – бидејќи родителството е заеднички работа. Пехарите нека останат за на филмските оскари. Во мојот живот и другарките играат огромна улога. Тие ме потсетуваат на мојот личен идентитет, на тоа што сум јас сега и која сум била пред да станам мајка и сопруга. Со нивното искуство сум чекор понапред во релаксирано мајчинство. Тие се и тука во улога на персонални психотерапевти за да ме сослушаат кога главата ми бучи или кога имам стравови. За среќа, јас работам со дел од тие другарки”.

Токму целиот овој систем на поддршка ѝ помага на Катерина да се справи со вината и самокритичноста кога нема да успее да ѝ посвети доволно време на својата ќерка.

„Тоа е дефинитивно најтешкиот дел. Вината и самокритичноста се апсолутно моја одлика. Искрено, справувањето не ми оди баш од рака. Затоа е потребен систем на поддршка на секоја мајка за да ја потсети на сето тоа што го постигнала досега. Некогаш сме поприсутни со своите деца, некогаш помалку. Но, мора да сме свесни дека на тој начин им оставаме простор да се индивидуализираат, да се снаоѓаат полесно и да градат самодоверба. Кога сум преморена или едноставно не можам да си играм со неа, знам да ѝ речам да си игра сама. Тогаш се потсетувам дека за моето дете да биде добро и здраво, најпрвин морам јас да сум добра и здрава мајка. А тоа подразбира одмор и заслужена пауза”.

Трката со времето за доење е еден најголемите предизвици со кој што Катерина се соочила досега. 🤱

„На почетокот најголем предизвик ми беше трката со време за доење, како да стасам порано од работам за да можам да ја нахранам. Денес, најголемиот предизвик ми е да стасам дома да направам квалитетен ручек согласно нејзината динамика. Мојот предизвик за 2024 година е да бидам поздрава, пофлексибилна, поубава, посреќна мајка на мојата ќерка. Тоа значи да посветам повеќе време на себе”. 

Вежбање, масажа и излегување се начините како таа се грижи за себе и си го дава времето потребно за издишка.

„Морам да признаам дека ретко се грижам за себе. Се грижам за себе само кога одвојувам долги часови на гушкање, галење и игра со мојата ќерка. Дополнително, правам план на кои начини да работам помалку часови за да имам повеќе време за себе. Факт е дека со 8 часа работно време, 5 дена во неделата, ни останува многу малку часа во текот на денот за детето, за домот, за семејството, за себе. Компромисот е дека неколку пати месечно одам да вежбам, еднаш месечно на добра релакс масажа и повремени вечерни излегувања”.

Ова се советите што Катерина од своето лично искуство ги споделува до идните родители:

Совети за мајките:

✅ Првите 3 години од растењето на детето се најтешки, но ќе поминат. Во тој период импулсивното однесување не е посакувано, но често се случува.

✅ Првите 5 години на детето се најважни на свет, не е случајно кажано. Во тој период инвестирајте многу во детето. Тоа ќе се враќа со примено однесување, радост и среќа.

✅Не се ограничувајте на сопругот и детето. Негувајте го и Вашиот круг на другарки/пријатели.

✅ Правете мали ситни работи што Ве прават среќни, макар да е тоа и еднаш месечно професионален маникир.

✅ Бидете толерантни и третирајте ги со почит бабите и дедовците. Сепак тие се повозрасни и ова е време кога и тие треба да земат здив. Без нивната поддршка каква и да е, би ви било уште потешко и покомплицирано.

✅ Прочитајте ја книгата „Becoming” на Michelle Obama.

Совети за татковците:

✅ Штом ќе се роди детето, фокусот Ваш нека биде на мајката. Тоа нема да трае засекогаш, но ќе ја балансира атмосферата во домот. Таа се соочува со хормонални промени, дел од неа веќе е експониран надвор во светот. Тоа е посебна психологија и нема потреба да ја разберете. Едноставно, бидете трпеливи и премолчете понекогаш. Работите ќе се средат и сѐ ќе си дојде на свое место.

✅ Немојте да се чувствувате само како логистичка поддршка, па дури и да е тоа така. Имате непроценлива улога не само за Вашето дете, туку за мајката на вашето дете. 

Совет и за двајцата:

✅ Караниците во домот на почетокот не се реални. Тие се резултат на ненаспаност, премногу обврски, незнаење… но ќе помине. Сето тоа е нормално. Заедно ќе успеете да бидете и професионалци и родители. Потребно е само време за адаптација.