Најголемите кариерни и приватни предизвици со коишто се соочив како татко

Како татко на новороденче сè ми претставуваше предизвик: менаџирање со времето поминато со семејството, работата и време за себе, справување со секојдневните домашни обврски, справување со семејните конфликти, обновување и одржување на љубовта и бракот, справување и барање на решенија кога бебето беше болно, обидите да останам смирен и да не реагирам бурно во различни ситуации. 👀

Сепак, најтешкиот дел беше прилагодувањето на секојдневните работни обврски. Со оглед дека работев 2 работи (економска криза во семејство), работев секој ден двократно (од 7 до 15 часот и од 17 до 20 часот), вклучувајки и сабота наутро од 8 до 14 часот. Едноставно не беше лесно!  

Во слободното време што го имав помагав во сè она што се вика обврска во домот (чистење, средување, пеглање, хранење на бебе, успивање, правење храна за сите, масажи на грб и дојките на сопругата поради тешкотии и проблеми кога бебето одбиваше да цица, обиди за справување со емотивните состојби што ги имавме сопругата, бебето, јас. Буквално бдеење и спиење само по 2 до 4 часа навечер во таа една ипол година. 

Стратегии за справување

Мислам дека таа една ипол година бев како машина на којашто батериите првите неколку месеци траеја, но почнаа да се трошат. На почетокот кога дојде бебето бев мотивиран и сè уште ме држеше предходниот период на еуфорија. 

Но, како одминуваше времето соочен со практично новите секојдневни предизвици, сфатив дека животот ми се смени од корен. 

Несоницата и работните обврски секојдневно притискаа. Чувствував дека полека пропаѓам и дека се доведувам на работ пред прегорување. Физички бев изморен, психички забележував многу промени во моето однесување, чувства, мисли и расположение.

Главен извор на стрес ми беше кога бебето ќе се разболи и ќе крене и до 39.6 температура навечер. Буквално не знаев што да правам. Се случуваше и да почнам да плачам и да бидам високо вознемирен, ко мува без глава. 

Почнував веднаш да им пишувам на мои колеги доктори и педијатри за да ме советуваат, а потоа им се извинував зошто ги замарав. За среќа ме разбираа. 🙏

Буквално не знам од каде ја црпев енергијата за да ги завршам домашните и работни обврски! Тука бев доведен во состојба да си речам на себе: Нема не сакам или не можам – морам!

Затоа што никој за жал не те прашува дали ти можеш или не, дали имаш сила или не. Сепак, ти како родител си одговорен за сите членови на семејството, а не само за бебето. Затоа што ако мајката не е ок – нема да е ниту бебето. Ако бебето не е ок – сите нема да сме ок!  Затоа што ако таткото не е ок – кој ќе се грижи за мајката, бебето и куќата во тој период? 

Тоа е еден затворен круг во кој секој член влијае на другите. Тоа е и убавината на семејството. За кого да се борев(ам), ако не за нив? Знам дека бев во постојана борба и со самиот себеси, но кога ќе си одговорев на клучните прашања, од таму и извираше мотивот, енергијата и успехот. 💪

Последици врз работата vs. приватниот живот

Мислам дека работата не трпеше последици на сметка на родителувањето, бидејки редовно успевав да ги совладам обврските (можеби со намален перформанс).

Можеби долгорочното неспиење повеќе влијаеше на моето здравје – ми се појавија многу бели влакна што претходно ги немав. Но сметам дека единствено за коешто ми е жал е тоа што во тие една ипол година не минував повеќе време со семејството. 

Тие први моменти, првите чекори, првите зборови, за жал се случуваа кога не бев дома. Можев да ги гледам на камера, буквално скриен во некој ќош на работа надополнет со емотивна болка, солзи и гнев, затоа што во тие моменти не си дома. 💔

Отсуството од дома дефинитивно не можев да го надоместам. До ден-денес сè уште чувствувам тага и болка што во тој период не бев дома повеќе (но такви беа економските околности).

Кога бев дома, се обидував да ги развеселам жената и бебето, да се шетаме заедно, да им готвам храна, да бидам лулашка за бебето и цел ден да сум со него – тоа време нема цена!

За разлика од кариерата, приватниот живот во тој период трпеше промени, како што со сопругата се соочувавме со различните фази на детето, така и ние поминувавме низ фази во бракот.

Мислам дека таа прва година ми беше пекол. Целокупните промени од неспиење, постојана грижа, трка со времето, доведоа до зголемена дистанца меѓу мене и сопругата. Сè помалку имаше време за нас.

Двајцата бевме затворени во себе и со свои обврски, а тоа доведе и до чести расправии и несогласувања. Надополнето и со надворешно мислење (тоа е нели нормално-ненормално во нашата култура), тоа додаваше само поголем жар. 

Но, бидејки двајцата бевме свесни дека и со нас нешто се случува, разговаравме на теми како „Зошто сме заедно?,” „Што е тоа што не спојува двајцата?” Имавме отворена комуникација, израз на потиснати чувства (позитивни и негативни), емоции, како и допир кој ни недостигаше на двајцата. 

Овој пристап ги смируваше и средуваше сите конфликти. Сепак, рационалниот пристап – отворената комуникација и љубовта ја завршуваа својата работа. На двајцата ни недостигаше повеќе време за нас, партнерска топлина, разбирање – љубов! ❤️

Најголемите лекции што ги научив како татко

💡 Времето поминато со детето и семејството немаат цена и не се враќаат назад.

💡 На моето здравје влијае здравјето на членовите на семејството.

💡 Таткото заедно со мајката се одговорни за растот и развојот на детето.

💡 Никој нема да те праша „Како си ти, Можеш ли?” Тоа е прашање за дете.

💡Таткото има одговорности за доброто на семејството и неговата работа.

💡 Татко сум – можам да ги надминам сите препреки!

💡 Колку повеќе учиш за семејството, толку повеќе учиш за себе и ги подобруваш сопствените способности и особини.

Совети до идните татковци

✅ Прифати ја новата реалност! 

✅ Соочи се и ако има потреба, постојано барајте решенија и поддршка.

✅ Ти и само ти си одговорен за бракот, жената и детето.

✅ Обиди се на најдеш баланс помеѓу времето поминато со семејството и кариерата. 

✅ Времето не се враќа – парите можеш и утре да ги направиш!

✅ Ако можам јас да се изборам – можеш и ТИ!

✅ Татко си, треба да знаеш или да научиш да ги завршуваш домашните обврски.

✅ Љубовта полека избледува поради презафатеност со обврски. Но не заборавај зошто сакаш семејство и зошто си со таа жена – љубовта се обновува!

✅ Жената се менува кога ќе дојде бебето (физички и психички).

✅ Прифати го тоа и помогни и на жената да се справи со сите промени колку што можеш – затоа што воопшто не и е лесно.

✅ Решенијата за проблемите во бракот не барај ги надвор од домот!

✅ Со отворена комуникација, почит и разбирање – сè се средува!

 

Автор: Ивица Павлов