Working Moms: Како применувањето на родителските вештини ве прави подобри професионалци?

Во самиот момент кога стануваш мајка автоматски добиваш работа и титула Working Mom. Независно дали си вработена или не, ти веќе имаш дополнителна работа што нема дефинирано работно време и од која нема пензионирање. 👀

Е, таа мајчинска работа не се наплаќа материјално туку со: безусловна љубов, гушкања, бакнежи, гордеења, радувања и тон убави работи, но и со: непреспани ноќи, треперења, потребни и непотребни стравови, стресови.

Ќе беше полесно ако мајчинската работа имаше обврски и задачи чиешто неисполнување ќе резултираше со: непостигната норма, кратење на плата, незадоволни клиенти, губење на клиенти или отпуштање од работа. 

Не, обврските и последиците не се толку едноставни. Одговорна си за одржување и растење на еден нов живот, одгледување на здраво дете, добро воспитано, едуцирано, и негово претворање во самостојна, способна, адаптирана личност. Може не си ти главниот одговорен за сите аспекти, ама цело време се чувствуваш така. 💯

Working Mom сум веќе 2 децении и треба навистина да се замислам за да можам точно да кажам кога сум била или не сум била официјално вработена. Обврските со децата ми даваа чувство на постојана зафатеност, ако не физички, тогаш зафатеност во мислите. 

Најпрво грижата за бебе, живот кој потполно зависи од тебе. Полека тоа бебе расте, се развива и прави сѐ повеќе работи независно и самостојно. Потоа доаѓа училишна возраст и уште еднаш ги поминуваш сите училишни предмети со него (со секое дете одново, како веќе да не си го завршил еднаш твоето школување), го знаеш распоредот на памет, што има за учење и домашна работа, на кој курс и кога треба да се однесе. 

Во тинејџерството пак, детето мисли дека веќе е возрасно, а ти се обидуваш дипломатски да му помогнеш затоа што знаеш дека му треба помош. И така по инерција стануваш зависен од нагонот да им помагаш на своите деца, да бидеш секогаш тука за нив, да им бидеш потребен. 🫴

Да се биде или да не се биде мајка, да се оствариш како мајка порано или подоцна е право на личен избор. Затоа треба да ги почитуваме туѓите избори и одлуки. Само така и другите ќе го почитуваат нашиот избор и ќе се обидат да ја разберат ситуацијата или фазата од животот во која сме во даден период.

На сите ни е јасно дека да се биде мајка е тешка и одговорна задача, а уште повеќе ако си вработена мајка. Но, тука би сакала да пристапам оптимистички и да ги посочам предностите на мајките како вработени лица. И да ги охрабрам сите вработени мајки дека во многу аспекти, тие се во предност.

Уште од првиот ден како мајка несвесно почнуваш да вежбаш вештини што се изоструваат со денови и години и стануваат дел од твојата рутина. Може во еден период од растењето на детето вежбаш една вештина, во друг период друга вештина, но секоја од нив може да биде корисна. 

Образецот по кој се однесуваме во приватниот живот често пати без да сакаме, се отсликува и во професионалниот живот. Па затоа треба да ги прифатиме сите стекнати позитивни навики и да ги искористиме да бидеме подобри во својата работа.

Низ годините работа и родителство се стекнуваш со многу вештини. Еве дел од нив што можеш да ги искористиш како предности како Working Mom:

 

✅ Вештина #1: Планирање и организација 

Како мајка, стануваш одличен планер на времето. Почнувајќи од смислување на распоред за доење/хранење, менување пелени и спиење додека детето е бебе или распоред за тоа кој во кое време ќе го чува, нишка, шета, колку да седи или да лежи на една страна, да се анимира и што уште не. Важно сѐ да биде покриено и во потребно количество. 

Кога ќе тргне на училиште почнуваш со ново планирање на училишните денови: време на станување, патување до училиште, распоред на училишни обврски, време за домашни работи и учење, курсеви, слободно време и оброци. 

Искористи ја оваа вештина за планирање на твоите работни обврски, за нивно навремено извршување и достигнување поголема ефикасност и ефективност.

 

✅ Вештина #2: Креативност

Како што растеме, често ја губиме нашата детска вродена креативност и фантазијата ја ставаме во заден план. Но, со нашите деца, во нас повторно се разгорува нешто што сме го имале претходно или тлеело во нас. 

Полека ја одмотуваме креативноста кога си играме со нашите деца, танцуваме, им читаме приказни или смислуваме приказни, цртаме и боиме заедно со нив. 

Мајките најчесто се „главни виновници“ за бајковити родендени со тематски декорации кога преземаат улога на планери на настани. И додека децата се мали мајките се препознаваат во уште една креативна улога – стилист за малите модели – смислување стајлинзи за облека и фризури. 

Кога детето не сака да јаде или некоја намирница не му е по ќејф, знаеме да бидеме исклучително креативни и упорни да најдеме начин како да го изеде оброкот. 

 

✅ Вештина #3: Преговарање

Нема потежок клиент за убедување да не купи нешто, од дете во продавница за играчки. Сака да ја купи играчката, а дома веќе има исти 3 такви или цената е многу висока или едноставно сметате дека не треба да ја купите. 

Ако успешно се справите со ова, без да има плачење, правење сцени и слично, тогаш потапкајте се по рамо и дајте си заслуга. И присетете се на таа ситуација кога треба да преговарате со клиент, соработник или менаџер како да добиете одлука во ваша корист.

 

✅ Вештина #4: Комуникација

Како мајки, сакаме да имаме одлична комуникација со нашите деца. На почеток, додека се мали, сакаме да знаеме што им треба, да ги научиме што е добро и лошо, што е правилно и неправилно. 

Умешноста да се објаснат комплексни поими на едноставен начин, за да може дури и дете да разбере, е умешност на добар комуникатор. Во денешната ера на милион дистракции потребно е да бидеш виртуоз за да им го привлечеш и задржиш вниманието на децата, да им пренесеш јасна порака која тие правилно ќе ја разберат и прифатат. 

Помислете на сето ова кога треба да комуницирате со ваши соработници или треба да напишете email.

 

✅ Вештина #5: Адаптација

Мислам дека не постои друга работа во светот како работата на мајка што постојано те соочува со ситуации на кои треба да се прилагодуваш. Твојот распоред го прилагодуваш со распоредот на спиење на бебето. Таман мислиш дека имаш воспоставен ред, почнуваат да излегуваат заби на малото и ајде – нова адаптација.

Штом почне во градинка, а потоа и во училиште, ти треба да се адаптираш на неговиот/нејзиниот/нивниот распоред во училиште за да ги завршуваш работните обврски, да спремиш ручек, да се земат од градинка/училиште на време. Како растат и влегуваат во пубертет треба да го прилагодиш твојот начин на однесување и комуникација со нив. 

Кога ќе наидете на нова, непозната ситуација на работа, само сетете се низ колку адаптации сте поминале како мајка. И таа ќе биде само една во купот, со голема шанса за успешност.

 

✅ Вештина #6: Емпатија 

Да сочувствуваш со другите е полесно и поприродно откако си мајка. Како мајки дури и претеруваме со емпатијата кон нашите деца, но тоа е некоја нераскинлива магична врска што прави децата да ги чувствуваме како дел од нас. Она што тие го чувствуваат или доживуваат (или претпоставуваме дека е тоа) го преживуваме и ние. 

Овие искуства може да ни помогнат во работата да бидеме поемпатични со колегите, да пробаме во одредени ситуации да се ставиме во нивна кожа, да погледнеме низ нивната призма на работите и да не избрзуваме со обвинувањата. 

Мајчинството не е само личен избор, туку и уникатно патешествие што секоја жена го доживува на свој начин. Да се биде мајка значи да се има постојана, неплатена, но изразито значајна улога која формира личности и гради иднина. 

Овие искуства, иако исполнети со предизвици, нудат непроценливи лекции во организација, адаптација и емпатија, кои се трансферираат во секој аспект од животот, вклучувајќи го и професионалниот развој. 

Прифаќајќи ги и ценејќи ги овие моменти, можеме подобро да ја разбереме и поддржиме динамиката на секојдневните обврски на мајките кои работат. 💪

 

Автор: Гордана Мишевска