Kако да воспоставиш рутина комбинирана од кариерата и слатките задоволства?

Секое искуство нѐ оформува како личности и влијае на нашите идни одлуки. Така беше и со моето второ породилно отсуство. 

Додека бев на породилно, гледав да го искористам и да уживам максимално во него. Големо влијание имаше и мојата постара ќеркичка која што влезе беспрекорно во улогата на поголема сестра. 👧🏻

Се грижев за семејството, но најважно – се грижев и за себе. Од првото породилно бев запозната што е дијастаз и како можам да го корегирам, па откако дојде правилното време, почнав да вежбам. Тоа ми прерасна во убава, здрава навика. 

Иако немав премногу време да седнам и да читам, слушав аудио книги додека го шетав синот во количка, а тој мирно си спиеше. 

Не велам дека секогаш беше лесно и дека немаше тешки денови, но за разлика од првото породилно, знаев дека тоа се само денови, а не вечности. Со неколку позитивни афирмации и многу љубов, полесно го поминав второто. 

Но, сѐ има свој почеток и крај. Откако заврши породилното, требаше да се вратам на работа. Имав голема анксиозност како ќе биде откако ќе се вратам, бидејќи пред да отидам на породилно бев влезена во некоја кариерна трка со многу обврски што ми помогнаа професионално да напредувам.

Најголемата несигурност ми беше дека ќе морам да се откажам од сите позитивни промени што ги направив во текот на тие неколку месеци пред да се вратам на работа.

Благодарение на огромната поддршка и организација од мојот сопруг, јас успеав да најдам баланс помеѓу работата и слатките задоволства како што се вежбањето и читањето книги. 📚

Мојата кариера е сѐ уште на добар пат. Сфатив дека тој пат ќе биде многу долг. Во меѓувреме, децата треба да пораснат со мајка која е среќна и исполнета. 

Сега имам нова рутина во која уживаме и јас и мојата фамилија. Со оваа нова рутина сум спремна за секој нов предизвик, без да почувствувам анксиозност и несигурност. 

3 совети за да воспоставиш дневна рутина како мајка

Доколку некоја мајка што го чита овој блог си помисли во себе „И јас сакам да имам таква рутина“ еве неколку корисни совети и линкови:

✅ Совет #1 

Доколку сакате да почнете да вежбате, за почеток треба да го проверите вашиот дијастаз и да ги прилагодите вежбите. Линк за да го проверете вашиот дијастаз може да најдете тука, а тука ќе најдете подетално објаснување. 

Мојот совет е дека конзистетноста во вежбањето е подобра од интензитетот. Тоа значи дека вежбите не мора да бидат премногу тешки и напорни за да добиете добри резултати за телото. 

Исто така, може да заштедите на време со кратки вежби (како што ќе најдете на овој линк). Тие нема да ви одземат премногу време, а лесно ќе ги вклопите во вашата рутина. 

✅ Совет #2 

Сигурно сите ве советуваат да си најдете време за себе, а можеби веќе сте се договориле да испиете едно кафе со другарка. 

Иако после добриот разговор имате тон енергија, следниот ден сте назад на истата рутина и повторно се чувствувате дека немате време за себе. 

Мој совет е: времето за себе да ви прерасне во рутина. Моето време за себе се вежбањето и книгите. 

Поради нашата фамилијарна рутина, јас се организирав да одам 2 пати неделно на вежбање рано сабајле (7 часот сум во теретана). 

На почетокот, ми беше тешко, но после кратко време се навикнав и сега не пропуштам тренинг. А аудио книгите најчесто ги слушам додека трчам на лента. Тоа ми дава огромен спокој, бидејќи во тој момент не размислувам на домашните или работните обврски.

✅ Совет #3 

Чувството на вина го имаат сите мајки! И ниту еден совет нема тоа да го промени. И јас бев една од тие мајки што мислев дека ако најдам време за себе дека ќе треба да одземам од времето за мојата фамилија или од времето за кариера. 

Но, откако почнав да вежбам, согледав дека имам поголема енергија додека работам и дека работам многу поефикасно. Мојата фамилија сега има посреќна мајка која што секогаш ги завршува своите домашни обврски и си игра со своите деца. 

Да бидам најискрена, чувството на вина го имам сѐ уште, но знам дека на подолг временски период, вежбањето целосно ќе ги трансформира моето здравје и благосостојба! 💪 

Автор: Елена Најдова