Не, насловот на овој блог не е жалење. Иако на прва можеби звучи така, сепак тоа е само еден од предизвиците со кои се соочуваат жените фриленсерки. 💯
Како што секоја форма на работа има свои предизвици и добри страни, така е и со фриленсерството.
Намерно го употребувам зборот „предизвици“, а не „проблеми“ или „лоши страни“. Зашто на крајот од денот, сè е до перспективата. Какви ни се мислите – таков ни е животот.
Звучи како клише, но верувам дека голем дел од вас го имаат тоа почувствувано и на своја кожа.
Но, да се вратиме 5 месеци наназад од денешниот ден…
По 9 месеци исполнети со радост и исчекување, но и стресни моменти дали сè ќе биде во ред, дојде моментот. Го запознавам Јан – најслаткото бебе што некогаш го имам видено (можеби дека е мое 😊).
Породувањето поминува во најдобар ред и по 2 часа ме враќаат во соба. Кратко потоа ми го носат Јан и прв пат го земам во раце.
Ова е највозвишеното чувство на светот. Тогаш сфаќате што значи да ви се промени животот. Заедно со сопругот уживавме во моментот и го запознававме нашето прво дете. По одредено време медицинските сестри го земааат бебето, а мене ми даваат време да одморам.
И додека лежам во болничкиот кревет ми текнува:
Колку нови потенцијални клиенти ми пишале на Fiverr? Ако не одговорам, ќе ми падне „response rate-от“. 🤔
Можеби на некој ова ќе му звучи чудно и ќе си помисли: „Како во таков момент може да мислиш на работа?!“
Но, оние жени кои работат фриленс сигурно ќе ме разберат. Бидејќи, неработењето ќе значи и губење на приходот. А, пелени мора да се купат.
И така, некои 4 часа по породувањето, го земам телефонот и им одговарам на потенцијалните клиенти кои ми пишале во меѓувреме. Постоечките клиенти пак, ги известувам дека сум се породила и ги замолувам да ми дадат 5 дена додека да дојдам дома, па тогаш да продолжиме со нашите активности.
Ви должам објаснување за подобар контекст: работам како фриленсер на платформата Fiverr. Подетално, нудам услуги во областа на маркетинг за социјални мрежи, со фокус на content creation.
Во изминативе 6 години колку што сум активна на платформата, успеав да станал дел од Pro каталогот на Fiverr и да бидам Top Rated Seller (се извинувам на сите македонисти за употребените англицизми).
Од индивидуален фриленсер, сега заедно со сопругот изградивме една мини агенција и водиме мал тим кој ни помага во работата главно со клиенти од САД.
Иако имав само 5 „слободни“ денови по породувањето и веднаш морав да продолжам со работа, затоа што бенефициите што ги носи фриленсерството се многу поголеми од предизвиците.
✔️ Го имам луксузот сама да си го организирам времето.
✔️ Работењето од дома ми овозможува постојано да бидам со моето дете и да гледам како секојдневно се повеќе и повеќе го осознава светот.
✔️ Можам во среде седмица, во работен ден да отидам со него во парк.
✔️ Немам шеф кој ќе ми создава притисок.
✔️Можностите за напредок и финансиска заработка зависат исклучиво од мене.
Сигурна сум дена на голем дел од луѓето овој модел на работа нема да им се допадне. И тоа е сосема во ред. Секој треба да се води од сопствените желби и потреби.
Јас ја сакам мојата работа. И уживам да создавам, да смислувам нови стратегии, да стигнувам до нови клиенти. Сето тоа додека сама го диктирам темпото на работа и имам привилегија да го гледам моето дете како расте.
Да бидеме на чисто:
Сигурно дека ќе ми беше многу полесно ако имав 9 месеци породилно отсуство и 9 месеци не морав ништо да работам. Особено во првите месеци од мајчинството кога предизвиците се големи. Но, со поддршка и целосна вклученост од сопругот, успеавме и сега секој ден е сè полесен.
Затоа, секоја чест на мајките фриленсерки кои успеваат да балансираат и да работат во моменти кога душата им спие.
А, сега мора да одам, Јан се разбуди. 😊
Автор: Катерина Смилева Божиновска
© 2023 Created with love