Working Mom на Неделата: Јулија Тодорова

Најголемиот ризик е да не се преземаат никакви ризици. Во свет што се менува навистина брзо, единствената стратегија што ти го гарантира успехот како родител и вработен е преземањето ризици”. 👀 

Ова е мотото што секојдневно ѝ помага на Јулија Тодорова да живее исполнет и автентичен живот, знаејќи дека во секој момент го прави најдоброто што може со ресурсите што ги има на располагање.

Јулија Тодорова

Како успешен Маркетинг Менаџер и Сметководител, но и посветена сопруга и родител, таа се води според строго дефинирана листа на обврски и приоритети за сè да се заврши навреме и ефективно. 📅

„Прва и основна стратегија за менаџирање на моето време е мојата листа со обврски и задачи во текот на неделата. Оваа листа ми помага да бидам попродуктивна во извршување на моите професионални и домашни обврски. Исто така, ми помага и кога ги категоризирам сите мои активностите согласно важноста и ургентноста”. 

Сепак, не секогаш работите се одвиваат според планот. 

Затоа и таа научила дека не треба да ветуваш нешто што можеби и нема да можеш да го исполниш, бидејќи на тој начин ќе им покажеш на децата дека не си стоиш на зборот – нешто што никој родител не смее да си го дозволи. 

„Кога ми се родија децата, си дадов самата себеси обврска дека никогаш нема да ветувам нешто што нема да можам да го постигнам. Затоа, кога ќе завршам со работните обврски, целосно им се посветувам на децата и се трудам да поминам квалитетно време со нив. Си имаме и наши ритуали што особено ме радува бидејќи гледам дека тоа ги прави среќни”. 🤸‍♀️

Една работа што би ја променила во своето досегашно искуство како Working Mom е да не се вознемирува кога нема да успее да постигне сè што си зацртала за денот.

„Посакувам да не се вознемирувам доколку не можам да постигнам сè што сум планирала, но и да си ги разграничам обврските на приватни и професионални. Додека сум на работа – работам. Кога сум со децата, им се посветувам комплетно. Секако, кога се работи online од дома, малку е потешко да ги разграничиш овие две работи. Но, откако почнав да си поставувам приоритети, ми стана многу полесно. Со оглед на тоа што сама си го менаџирам времето поминато на работа, многу ретко ми се случува да заглавам на работа. Но, кога ќе се случи тоа, знам дека тоа време морам да им го надоместам на децата со многу гушкање, играње и прошетки”.

Болно дете е дефинитивно еден од најголемите предизвици за секоја Working Mom, бидејќи планот што си го имала за денот ти се менува од корен.

„Најголемиот предизвик ми е кога некое од децата ќе се разболи и не оди во школо или во градинка. Тогаш знам дека морам 100% да им се посветам, додека од друга страна ме чекаат многу, многу работни обврски. Но, среќа мајка ми секогаш е тука да ми помогне, па некако успевам да избалансирам сè за ништо да не биде запоставено”.

Својата најголема поддршка ја гледа во фамилијата, особено мајка ѝ, за која вели дека без нејзината помош немало да успее да постигне и да избалансира сè. ❤️

„Викендите се време за фамилијата. Тие два дена ги користиме за прошетка во природа, за одмор и дружење со децата. Доколку имам некои работни обврски за време на викенд, ги завршувам кога децата ќе заспијат”.

Ресурси што Јулија ги препорачувам за сите Working Moms се следниве:

✅ Книгата „Чудесното утро” од Хал Елрод

✅ Советите на нејзината пријателка Catherine B. Roy

✅ Инстаграм профилот на Dr Siggie Cohen (@dr.siggie)

„За 10 години од сега, се гледам себеси како среќна и задоволна мајка којашто ги има воспитано децата да ги ценат вистинските вредности во животот. Се гледам како успешна деловна жена што ќе продолжи успешно да го менаџира својот бизнис. A со тоа да можам и дополнително да помогнам и финансиски на оние на коишто им треба помош”. 🚀

Ова е најдобриот совет што Јулија би го дала на сите идни мајки: ⬇️

Јулија Тодорова