Working Mom на Неделата: Ивона Јовановска

Непроспаните ноќи се најголемите предизвици за родителите што работат. Преголем предизвик е да работиш одговорна позиција ако претходната вечер да не си имал добар сон. Децата не се свесни за нашето работно време кога ноќта ја претвораат во ден. 👀

Ивона Јовановска го гледа решението во продолжување на трудничкото отсуство, најмалку две години од животот на детето, со тоа што мајките би можеле да изберат како би го користеле истото. 

„Сведоци сме како мајките по враќањето на работа се откажуваат од процесот на доење. Kомпаниите би требало да овозможат поголема поддршка за мајките што дојат, со што и ќе се зголеми важноста за тоа колку е здраво доењето. Процесот на доење умее да биде исцрпувачки, но затоа со добра флексибилност на работното место и време, се надевам дека во иднина ова ќе се промени и ќе ги охрабри мајките да не го прекинуваат доењето”.

Воведување на дневни центри во склоп на компанијата каде што децата ќе се згрижени од учители се до крајот работното време на родителот е уште една добра практика. 🪁 

„Најголемиот предизвик што го имав како мајка, започна со следење и полагање испити во текот на бременост, а продолжи со вработување по 9-иот месец на бебето. Предизвикот стана поголем што како мајка со полно работно време требаше во одреден рок да ја спремам мојата дипломска работа. И успеав! Дипломирав со 2 титули – првата како мајка, втората како машински инженер. Предизвиците не застанаа тука. Продолжија како мајка на тодлер од градинка, втора бременост и полно работно време. Родителството е една од најважните улоги во животот, а воедно и најголем предизвик”.

Најмоќното влијание што го имаме врз децата е примерот што им го даваме додека растат. Затоа уште од мали нозе треба да им покажеме како се поставуваат здрави граници помеѓу работата и семејството. Со тоа ќе ги научиме на вистинските вредности.

„Нашите деца постојано и незабележително нѐ набљудуваат. Ти впиваат сѐ. Како родители, нашата најважна задача е кај децата да всадиме систем на вредности и да го изградиме нивниот карактер. Ова ќе се постигнеме така што ќе ги научиме кои вредности се важни – како чесноста и вистината. Кога ќе се постават здрави граиници помеѓу работата и фамилијата сведена на овие вредности, децата ги учиме како правилно да растат и да се развиваат во општеството. На децата им е потребна љубов исто колку и кислород. Затоа, кога ќе станеме родители, мора да се дисциплинираме и да го организираме својот живот на начин што ќе ни овозможи да поминуваме повеќе време со своите деца додека растат. Сето тоа мора да се разграничи со работните обврски и проблеми. Затоа ние како семејство, најдобро го организираме времето преку запишување на обврските на лист хартија”. 

Фамилијата е нејзината најголема инспирација и мотивација за да го даде својот максимум на сите полиња. ❤️

„Сопругот и двете деца се мојата инспирација и мотивација. Овде се и моите две прекрасни мајки кои безусловно се посветени и се нашата најголема поддршка. Ова се мајки коишто целиот живот работеле и успеале од мене и мојот сопруг да направат силни и самостојни луѓе”. 

Личноста која сака да постигне големи деловни успеси мора да биде свесна за важноста за грижа за својата физичка и ментална благосостојба, смета Ивона. 

„Како родители, мораме брзо да ги прекинеме оние навики што не ни користат и итно да се усвојат оние што ќе ни помогнат да го оствариме саканиот деловен и семеен успех. Само со здрави навики може да се постигне саканата цел. Прошетка покрај езеро, читање книги и работење на себе како родител и инженер е водилка низ мојата животна траекторија”. 👷🏻‍♀️

Таа со право вели дека најголем ресурс за воспитување на децата се – самите деца! Секое дете е сопствена книга што треба да се чита, да се дополнува и заедно со своите родители да израсне во здрава личност. 

„Кога ги извршувам домашните обврски како на пример пеглање, обожавам за слушам подкасти. За среќа, во денешно време има многу добри профили за слушање и примери за следење. Јас секогаш се водам според тоа дека мора да се учи од експерти во животот. Никако не можеме да живееме доволно долго за да научиме сѐ сами. Две години по ред сум дел од online конференција за свесно родителство! Топла препорака за секоја мајка – ова е конференција од којашто може многу да се научи. Платформата Working Mom е исто така одлична за споделување искуство. Се надевам дека компаниите на овој начин ќе го слушнат гласот на младите родители и ќе преземат нешто. Книгата е секогаш добар избор, но за жал со премногу обврски, времето за читање книги не е исто како што било претходно”.