Working Mom на Неделата: Ивана Тодоровска-Холт

Ивана Тодоровска-Холт е одличен пример за тоа како да се остане храбра, силна, но и флексибилна во предизвикувачки ситуации, особено ако во равенката е вклучена и грижата за своите најмили. Како Менаџер за грижа на ИТ корисници, Ивана научила на потешкиот начин дека „ако го ставите вработениот во ситуација да бира меѓу работата и детето, секако ќе изгубите!“💡

ivana-todorovska-holt

„Поминав неубав период во времето кога затворија градинките по прогласувањето на Ковид пандемијата во државата. Страв од новонастанатата ситуација со вирусот, неизвесноста што траеше со месеци, дете (тодлер!) затворено дома во најголем дел од времето и како капак на сѐ, микроменаџмент на извршувањето на секоја обврска на работното место. Предизвикот беше во тоа дека преку ноќ морав да научам да „жонглирам“ со сè гореспоменато и грижа за детето, а да останам достојна и професионална иако бев исправена пред една нова (дотогаш непозната) појава во однесувањето на претпоставениот, како и страшен притисок при извршувањето на секоја работна обврска. Можеби не победив на предизвикот, затоа што решив да си заминам од тоа работно место, ама денес можам гласно да им кажам на сите работодавци: „Ако го ставите вработениот во ситуација да бира меѓу работата и детето, секако ќе изгубите!“ 

„Стекни добри работни навики уште на почетокот на кариерата како би си го олеснила подоцнежното работење кога ќе ти се сменат приоритетите” e најдобриот кариерен совет што го добила пред да има деца.

Токму овој совет и ден денеска ѝ помага одлично да го менаџира својот натрупан распоред. 

„На почетокот на денот секогаш правам „To-do” листи со приоретизирање на задачите/обврските. Исто така, со тоа што продуктивноста ми е повисока на почетокот на денот, се обидувам тогаш да ги завршам најголемиот дел од задачите и обврските и ги намалувам сите дистракции на минимум во овој период од денот. Втората половина на денот, кога почнува да ми опаѓа нивото на продуктивност, е резервирана за состаноците затоа што уживам во комуникацијата со луѓе, па тоа ме одржува „жива“ во потешкиот дел од денот. Следствено, сè што ќе произлезе од состанокот е прва точка на утрешната „To-do” листа. Дополнително, секогаш се трудам да го „исчистам“ маилбоксот пред завршување на денот, за утрешниот ден да го почнам со „чиста страница“ наместо со заостанати задачи”. 

Нејзината “тајна” за балансирање на мајчинството и кариерата е следнава: ⬇️

„Можеби ова ќе звучи малку контрадикторно, но поставувањето и следењето на рутини колку и да звучи ригидно, мене лично ми дава одредена визија и план за текот на денот и увид во тоа што, како и кога можам да очекувам. Од друга страна, прифаќањето дека некогаш нештата нема да течат по план и дека и тоа е во ред. Пронаоѓањето на таа „златна средина“ е сосема индивидуално и често претставува прилично тежок пат кој секој нов родител мора да го помине, како би го избегнале чувството на грижа дека или „не сме добри родители“ или „не сме добри работници“. 

Ако може да го врати времето назад, таа посакува порано да сфатела дека на работа сме многу лесно заменливи, а дома не. 👀

„Ако главиме на работа многу често, тоа покажува дека се соочуваме со многу голем проблем на работното место. Во тој случај би се обидела да го најдам коренот на проблемот (дали е недостаток на ресурси, лошо менаџирање на времето, неоправдани високи очекувања од менаџментот итн.) и би го решила проблемот, пред „главењето“ да се претвори од еднаш/инцидентно, во секојдневно/очекувано”.

Работата ја прави среќна и исполнета и таа се погрижила тоа убаво да им го долови на своите деца, објаснувајќи им и тие кои бенефити ќе ги имаат од нејзиното работење.

„Многу рано разграничив со поголемото дете дека јас сакам да работам и мене работата ме прави среќна и ме исполнува. Истовремено, тој е сега свесен и дека тоа што јас работам носи одредени бенефити и за него, неговото братче и за целото наше семејство. Па така, му беше објаснето дека додека јас и сопругот сме на работа, тој и брат му ќе одат во градинка. Не затоа што ние „мораме“ да работиме, туку затоа што градинката има бенефити за нив, нивната социјализација и нивната понатамошна едукација. Затоа, сето време пред почетокот и по крајот на работното време е посветено на нив. Инцидентно може да се случи да мора да се заврши одредена работна обврска во времето што треба да го поминуваме заедно, но се обидувам тоа да биде сведено на минимум. Преку овие навики ја минимализирам и грижата на совест дека во некој сегмент не сум доволно присутна”. 🙌

Нејзината најголема поддршка се сопругот, семејството и другарките. ❤️

„Мојата најголема поддршка се мојот сопруг кој е рамноправен родител (колку сум јас, толку е и тој) со сè што прави и придонесува за нашето семејство. Тој е некој на кој што можам да му се доверам, да ме посоветува, да ме турка тогаш кога сама во себе се сомневам. Моите родители затоа што се секогаш тука за да нè поддржат (или прекорат) како индивидуи, како пар, како родители и за љубовта и помошта што ни ја нудат околу децата. Трите најдобри другарки што отсекогаш сум ги посакувала, а сега и ги имам. Една група од многу способни и квалитетни жени и мајки. Реализирани индивидуи што секогаш подаваат рака да се искачиш едно скалило погоре во која и да е сфера од животот”.

Таа смета дека голем дел од пласираните информации за родителување даваат една искривена слика за тоа како треба да се однесуваме за да постигнеме некои вештачко поставени идеали. 

„Сметам дека ни треба повеќе искреност, доста е од ставање розеви очила. Доста е од прикривање детали, како резултат на тоа дека никој друг не ги спомнал и не ги раскажал. И доста е од вечниот натпревар кој е во право, а кој не. Сите сме во право затоа што сите се трудиме да ги правиме работите на начин што сметаме дека е најдобар и најсоодветен. И сите сме „криви“ затоа што независно од сите книги прочитани, сите доктори консултирани и сите совети прифатени, никогаш не сме целосно спремни за станување родител се додека не го искусиме истото”. 💯

Наместо консумирање нерелевантни ресурси што не ја отсликуваат реалноста, Ивана се води по својата мајчинска интуиција во комбинација со личниот пример во семејството.

„Често пати, дури и ако е само шега, наидувам на коментари, објави, кратки видеа во кои што мајката е „вундер“ човек, а таткото е мрзелив, ги преспива ноќите, не менува пелени и на сметка на високата работна позиција не е доволно вклучен во животот и растењето на децата и слично. Сакам да верувам дека тоа е само шега и дека во реалноста работите се поинакви. Иако, тоа што функционира за мене, не значи дека е правилниот избор за некој друг. Сакам да се водам и по личниот пример во моето семејство, каде што не се става преголем акцент на матријархат/патријархат, туку повеќе обрнуваме внимание на балансирање на нештата и наоѓање на еден еквилибриум определен од динамиката и начинот на функционирање на нашето семејството. Ако веќе морам да одберам и да препорачам одреден ресурс, би ја издвоила книгата “The Unmumsy Mum” од Sarah Turner”.

Најдобриот совет што би го дала на сите идни мајки е следниов: ⬇️

ivana-todorovska-holt