Искривената слика за совршеното мајчинство

Најголемиот предизвик на секоја мајка во денешно време е да се носи со општествените очекувања на идеалната замисла за една мајка, како и за балансот помеѓу личниот и професионалниот живот. 

Практично е невозможно да функционирате на „on-off“ копче, особено кога сите знаеме дека мајчинството нема работно време, особено ако од другата страна имате професионален живот и сопствен бизнис што исто така нема работно време. ⏰

Баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот

Ваков баланс е вистински предизвик за секоја жена, нема дефиниција ниту критериуми, туку е индивидуализиран кај секоја мајка, односно вработена жена.

Во мојот живот, мојот приоритет е синот. За да можам да бидам најдобрата верзија на мајка, свесна сум дека треба да бидам среќна, задоволна и исполнета со самата себеси. Тоа задоволство и исполнетост ми го дава мојата професија – адвокатурата и социјалниот живот.

Дел од мојот живот се занимавав и со висока политика како генерален секретар на политичка партија, и за тоа време станав и мајка.

 

Реални очекувања наспроти идеализирање на замисленото

Балансот помеѓу улогата на мајка и кариерата кај мене подразбира периоди кога повеќе сум посветена на семејството и периоди кога имам зголемен број на работни обврски, па повеќе време поминувам на работа. 

Од моето лично искуство, можам да кажам дека таквиот баланс бара свесност за реални очекувања, дефиниција на приоритети, соочување со фрустрации, разум, психичка истрајност и строга дисциплина.

На дневно ниво, мојот баланс изгледа вака:

За да си посветам повеќе време за себе, станувам многу порано од мојот 3-годишен син и сопруг, да го испијам кафето на раат со читање на книга, скролање на социјални мрежи или само со гледање низ прозорец. ☕

На сметка на моето спиење, работниот ден го започнувам задоволна со тоа што ќе си дадам простор сама да си го испијам кафето и да се подготвам онака како сакам за на работа. 

Доручекот, ужината и подготовка за ручекот секогаш ги правам рано сабајле. Јас сум личност на која ѝ е многу важно детето да има речиси секој ден балансиран и здрав оброк. Секако дека постојат и денови на премор, немање на време или волја, па тој оброк се заменува фамилијарна пица.

Престанав да се оптеретувам со таа наметната слика од општеството за совршено чист и среден дом. Секако дека секогаш хигиената треба да биде на задоволително ниво, но речиси секогаш играчките се расфрлани. Тоа воопшто не ме засега бидејќи ми е важно детето да учи низ игра, да е среќно и слободно дома.

Тоа се тие реални очекувања што ни покажуваат дека не мораме, а ниту можеме секогаш да постигнеме сѐ. Треба да знаеме да се носиме со таа реалност.

 

Искривена слика за совршено мајчинство

Јас лично одбивам да прифатам да ги сменам навиките за грижа за себеси поради тоа што имам дете. Многу често на социјални мрежи на пародичен начин се прикажани мајки како преморени и несредени жени или жени кои немаат време за себеси. 🤱

За мене тоа е неприфатливо. Да, секако дека на секоја жена ѝ се менува животот и времето за себе се крати кога ќе стане мајка. Но, тоа време за себе, секоја жена може да го има на сметка на спиењето, доколку дозволува биоритамот, зависно од организмот и со голема дисциплина. 

 

Како се учи мајчинството?

Мајчинството едноставно се учи откако ќе станеш мајка. Не е возможно тоа да се разбере со читање книга или слушање на стручно лице. 

Ниту една жена не е свесна пред да стане мајка што значи мајчинството, каква бура на емоции носи и како самата жена се учи да ја игра улогата на мајката со текот на времето. 

Каква љубов е тоа што ќе те натера дел од денот да го поминеш како робот за да ги завршиш сите обврски и да имаш време за да му посветиш внимание на своето дете.

После работното време и после фамилијарниот ручек, издвојувам од 30 до 40 минути за средување на нередот и после тоа сум 100% посветена на мојот син.

Низ игри и разговори, најчесто му го прераскажувам целиот ден како да разговарам со човек на моја возраст.  

Концептот „Working Mom“ подразбира избор на приоритети и опортунитетен трошок, па така мојот баланс е всушност одземање од сонот во разумна мера.

Дополнително, она што го отежнува балансот е влијанието на која култура припаѓа самата мајка. Овде олеснителна околност се поддршката од партнерот и најблиското семејство. 

 

Соочување со фактот дека работното време никогаш не завршува

Балансот е всушност помирување со фактот дека на работното време му нема крај. 

Мајчинството дефинитивно нема работно време. Тоа не завршува ни кога детето ќе заспие. Напротив, многу е веројатно да останете будна во текот на целата ноќ ако детето е болно или слично. 

Мајката работи и како мајка дури и кога ќе отиде на одмор. Таа не се одмора, само детето го чува на друго место. 😅

 

Задоволство на крајот на денот

Пред да станам мајка, ги слушав другите мајки кога зборуваа за мајчинството. За истото имав мислење дека тоа е одговорност, но и биолошка функција. Сметав дека не треба мајчинството толку да се истакнува мислејќи дека секоја жена има способност да роди.

Денес, имам спротивно мислење. Сметам дека мајчинството треба да истакнува и раѓањето на детето како најмалиот проблем во целиот тој процес. Предизвиците започнуваат токму по пресекување на папочната врвца.

Досега, најсреќните моменти во мојот живот биле мои лични достигнувања како дипломирање, магистрирање и така натаму, се до моментот кога за прв пат го земав мојот син во раце.

Едноставно, не постојат зборови да се опишат тие емоции. Не знам дали постои во некој јазик, таков фонд на зборови за тие емоции, за таа победа и гордост што сме ја почувствувале.

Не постојат ни зборови да се опишат тие чувства на победа кога навечер го успивате вашето дете. Кога сте среќни, задоволни и исполнети што тој ден сте посветиле внимание на вашето дете, сте се потрудиле да има здрав оброк, сте биле продуктивни на работа и сте украле малку време за партнерот и пријателите.

Не постои стрес што не се лечи со таа мала прегратка и тој сладок мирис.❤️

 

Автор: Едина Зекировиќ Фазлагиќ