Секој се соочува со барање на работа, без разлика дали бара работа за прв пат или нова работа. Секој еден е запознаен со самиот процес на интервјуа, избор и селекција на кандидати.
Вообичаено, процесот на вработување се состои од прво интервју, поточно запознавање. Потоа следи задача или тест, потоа презентацијата за задачата, односно резултати од тестот или уште едно интервју и последно е резултатот, поточно понуда или одбивање.
Секогаш постојат прашања што нè ваделе од такт.
На пример, во една компанија ме прашувале колку чевли се продаваат годишно во Македонија, или ми барале пресметка за тоа доколку патувам со точак од Прилеп до Битола, за колку време би стигнала и би се вратила назад ако возам 20 км на час и направам пауза од пола саат. 🤦♀️
Бидејќи работам маркетинг со години, на првото прашање одговорив дека фали објаснување и дека жените купуваат повеќе обувки годишно од мажите, исто дека тоа зависи од сезоната, од брендот…
Девојката го праша својот колега дали е тоа точно, па почна мене да ме притиска да ѝ дадам хипотетички одговор. Лупнав некоја бројка без врска за да престане агонијата, а за второто пресметав оддалеченост поделено со брзина, плус паузата. Нормално, ми побараа да го објаснам резултатот….
Инаку, фирмава не е во модна индустрија, единствено нешто што беше задолжително е познавањето на Ексел. Да претпоставувам колку чевли се продавале годишно во Македонија е стварно бесмислено, особено ако немам доволно информации за истото. Стварно, дај не ја тупете!
Кога немав дете, прашањата што ме вадеја од кожа беа:
„Дали имаш дете? А ако немаш, дали планираш да имаш?”
Потоа, овие прашања се забранија со закон, па на интересен начин регрутериве се обидуваа да дознаат…
Сум имала ситуација кога интервјуто завршило, па ај чај/кафе да те понудиме доколку имаш време и во некој неформален разговор овие прашања биле нафрлани.
Претежно регрутеров гледа во телефонот и вика:
„Аман овие на вибер родителиве сè нешто им фали, само се жалаат…. а ти имаш дете?“ 👀
Претпоставувам сега дека те шпионираат по Инстаграм/ Фејсбук за да дознаат.
Си мислев дека овие прашања се глупави, ама имало и поглупави испади откако станав мајка.
Процесот е сè уште истиот, но интересно ми е што некои фирми имаат скратено дел, така што првото интервју всушност беше телефонски разговор од 15-20 минути, па после тој разговор се закажуваше интервју.
Е на овие разговори имав страшно интересни ситуации на кои ми идеше да го прекинам регрутерот и да имаме час по биологија и објаснување дека човечкиот поредок и опстанок зависи од раѓање, чување и имање деца.
Имав 2 негативни ситуации и 1 позитивна во овие разговори. До душа, втората негативна ситуација беше повик за закажување на интервју, но морам да ја споделам.
За првата, ми се јавува машко, нормално ми се претставува ми кажува дека сум аплицирала за позиција во нивната фирма и ме праша дали имам време за разговор.
Јас му кажав дека има време, но ја чувам ќерка ми чисто да знае, да не се изненади од плач, детски џагор или некое пекање по мама.
Следуваше збунувачка пауза и одговорот од таму беше: „Имаш дете?…“ 🙄
Кажано со запрепастувачка збунка.
Ама некако се извади регрутеров со продолжување на муабетот: „Оќеј јас прво да ти ги кажам условите за работа во компанијава. Работиме во две смени. Дали тоа ќе ви пречи?“
Одговорив дека не ми пречи и дека многу компании работат сменски.
Реално гледано можеби и би имала повеќе време за поминување со ќерка ми, од сабајле би си играле заедно, а попладне би била со тато.
Го продолживме разговорот кој траеше нешто повеќе од 20 минути. Регрутерот ми кажа дека за голем дел од работите што ги бараат, јас го имам искуството, па следна недела да очекувам повик од неговиот колега (ми го кажа и името од колегата) за да закажеме физичко интервју во нивните канцеларии.
Повикот никогаш не го добив иако спремав и излагање за самото интервју дека голем дел од мајките работат во смена.
На пример, медицински персонал работи и ноќни смени и има дежурства што траат по 24 часа. Исто, персоналот во маркети, во фабрики, во бутици, полиција, армија итн. работат сменски.
Доста ИТ компании работат само втора смена бидејќи клиентите им се на другиот крај од светот. Не е ништо ново работењето во смени. Ама сепак во ред е да се праша.
Од друга страна пак изненадувањето дека имам дете… Мислам машко, ти како си дошол на светов? Знајш дека си од жена роден, така? Не те насадиле во саксија.
Во мојата глава си вртеа смешни проекции за селекции на кандидатите.
Замислете си разговараат двајцава колеги за мојот случај:
„Еј, оваа е добар кандидат, знае ова да го прави, знае и она… Ама има дете… штета.“
„Еј, оваа дете има, а солиден кандидат…ќе бара боледување на секое.“
И ред други проекции.
Втората, па и не толку негативна ситуација беше исто преку телефон. Ми се јавува регрутерка за да закажеме онлајн интервју во период од 10 до 12 часот.
Јас ѝ кажувам дека тој период не можам бидејќи си го чувам детето, па доколку имаат интервјуа попладне околу 15 часот би ми одговарало. Културно ми кажа да се консултира со колегите, па ќе ми се прејави.
Ми ѕвони по неполни 10 минути и ми вика:
„Колегите ми рекоа да прашам бидејќи чувате дете, дали би можеле да доаѓате во канцеларија оти позицијата е за во канцеларија?“
Почнав да се смеам, таа почна да се смее, мислам дека и начинот на кој го постави прашањето беше со воздржување да не се насмее. И одговорив дека детето ќе оди во градинка, време ѝ е за во градинка и дека мене не ми смета дали работам од дома или сум во канцеларија. Закажавме интервју попладне.
И јас со моите проекции во глава очекував мажи на интервјуто бидејќи кој будала би поставил такво прашање. Кога на интервјуто две жени, а едната работи од дома. Која иронија!
Тотално поинаку од моите проекции во глава. Интервјуто помина супер, најдомаќински ме прашаа за плата ми кажаа дека не ни морам да одговорам чисто сакаат да знаат затоа што биле со фиксен буџет.
Нормално дека им ја кажав очекуваната сума, па не сакам да го истераме процесот до крај и на крај за плата да не се погодиме.
Следното утро добив одговор дека не продолжуваме понатака оти имаат понизок буџет. Баш го ценам овај дел бидејќи не си го губиме времето од двете страни.
И аман кадровци, почнете да ставате плата во огласите, на тој начин ќе добивате порелевантни кандидати и нема да заглавувате во долг процес што реално може да ви скрати денови работа!
Последната ситуација што ја имав беше доста позитивна и крајно се изненадив од самиот начин и пристап на регрутерката.
Се бркавме неколку пати со пораки по телефон, таа со состаноци, јас со обврски и конечно закажавме телефонско интервју попладне додека трае дремката од ќерка ми. Но, ќерка ми реши тој ден дека сака да ми спие во прегратки и дека за ништо нема да се одлепи од мама.
Ми се јави девојката и ѝ ја објаснив ситуацијата со детето, па таа ми предложи повторно да презакажеме, ама бидејќи ќе оди на одмор тоа би било покасно следната недела.
Па пак да не се бркаме, одлучив да го имаме телефонското интервју додека ќерка ми ми спие во раце. Девојката ми се извини неколку пати и ми нагласи дека доколку ми стане непријатно слободно да и кажам и дека ќе продолжиме следна недела.
Интервјуто помина супер, ќерка ми не се разбуди, поточно – се изнаспа. Следниот ден ми се јави регрутерката за да закажеме следно интервју после две недели од како ќе се врати од одмор.
Овие беа неколку од ситуациите дирекно поврзани со мајчинство. Другите ситуации со позициите за кои аплицирав.
Да не почнам да ви кажувам за тие што ти даваат обемна задача, задачата е цела стратегија и ти кажуваат дека продолжуваат со друг кандидат, па по некој период си ги гледаш твоите идеи во акција на нивните канали.
Тие се посебна приказна и се надевам дека веќе во пеколот има создадено уште еден круг, посебно само за нив, за тие лажни огласи што сакаат само да соберат креативен труд, а реално не вработуваат нов човек.
Поентата ми е дека е нормално да имаш и да сакаш да имаш деца. Кариерата е еден дел од животот, фамилијата е друг дел, социјален живот е трет, вежбање, хоби и рекреативни занимации се сосема друг дел, ама ти како единка си создаден од сите овие делови, сегменти што те прават целина.
Не си ти само кариера и работа. И доста е гледање на работникот само од призма на работни обврски.
Аман и од фирми кои пропагираат дека тие се фамилија, а прашуваат дали имаш деца по интервјуа. За фирми што не вработуваат мајки бидејќи ќе земаат боледување за дете. 🙄
Ако се работи за земање боледување за дете, да, ќе земаме боледувања бидејќи по закон ни следува. Исто и татковците можат да земат боледување за дете, чисто ако не сте знаеле.
Прво, мајкиве имаат природна дарба за мултитаскинг, работат брзо и квалитетно. Прават и грешки, но кој не ги прави?
Знаат што е растргнатост на сите страни и голем дел од нив би излегле во пресрет да помогнат доколку некој од тимот има пренатрупаност.
Функционални се и после непроспиени ноќи. Знаат за грижливост, земаат во предвид работи што на голем дел не би им текнало. Голем дел од организацијата дома ја водат тие, така да и на работното место би биле исто така добро организирани. Буквално, можат и кога не можат.
Верувам дека сите сме имале и смешни и глупави и позитивни и негативни ситуации со кадрово пред да станиме мајки и откако сме станале. Сигурно и татковците имаат. Па редно е да ги споделиме!
Автор: Лидија Магдеска
© 2023 Created with love