Working Mom на Неделата: Гордана Михајловска

Ако барате начин како да ја одржите својата физичка, ментална и духовна благосостојба како мајки, извојувајќи победа над постојаниот стрес и хаотичното секојдневие, тогаш практикувањето јога е моќен начин за креирање на светот во кој живееме. 🧘‍♀️

Најдобар пример за ова е Гордана Михајловска, која што освен што е основач на брендот tvoipari.mk е и јога учител. Таа ни покажува дека грижејќи се за себе, мајката директно влијае врз создавањето хармонично семејство и општество.

„Секое утро станувам рано и практикувам јога. Тоа е моето “час и половина” уживање во мир и тишина. Попладневните часови по јога во Куќа на јогата исто така ме полнат со енергија. Среќна сум за секоја личност што ми доаѓа во пресрет и со која разменувам знаење и искуство на некое повисоко, енергетско ниво”. 

Таа смета дека за да станеме подобри родители, не треба само да читаме, туку и да работиме на себе и да ја примениме теоријата во пракса, а јогата е одличен начин за тоа.

„Не следам и не читам литература за тоа како да станеш подобра мајка/родител. За тоа нема универзален рецепт, бидејќи сите ние сме различни на енергетско, емоционално и интелектуално ниво. Ние, пред сѐ, треба да станеме подобри и посвесни личности. Само така ќе можеме да бидеме добри кон себе и кон останатите. И не е доволно само да читаме. Самото примање на информацијата и вербално повторување на истата нема да направи промена кај нас. Треба да ја примениме практично и дури тогаш ќе ја искусиме корисноста. Мојот учител е јогата. Самото практикување јога можеби не изгледа дека нѐ учи на нешто. Сепак, на суптилно, енергетско ниво, сите тие асани (јога положби) го менуваат нашиот ум и тело, ги менуваат вредностите и приоритетите и нѐ менуваат нас”. 💡

Ако би можела да промени една работа во своето досегашно искуство како мајка, тоа би било да има поголемо трпение и разбирање за своето синче и најблиските. 

„Мојот темперамент и леснотијата на разбирање и учење на работите понекогаш се одразуваат на мојата комуникација со најблиските. Трпението е одлика на зрела и свесна личност, во што секој од нас треба да се трудиме да прераснеме. Затоа, постојано се потсетувам дека сите ние сме со различни квалитети и афинитети”. 

Токму разновидната поддршка што ја има при одгледување на синот, ѝ помага да биде успешна на приоритетните животни полиња.

„Мојот партнер живее на друго место, па јас сум мајка што речиси сама се грижи за своето дете (плус и за баба и дедо). Имам голема помош од мојата сестра заедно со нејзиниот сопруг, внуците и од една супер бабичка која веќе ни е член на фамилијата и извонредно добро се грижи за синчето. Без сите нив, моето секојдневие сигурно немаше да биде толку исполнето и весело. Им благодарам на сите што се дел од нашите животи!” ❤️

Менаџментот со време и организациските способности се една од нејзините силни страни. По долгогодишното менаџерско искуство и одговорност во корпоративниот сектор, Гордана научила како да биде уште поорганизирана. 

Сепак, понекогаш чувствува дека ѝ фали време за себе.

„Мајчинството кај мене почна на позрела возраст (на 46 години), кога веќе бев реализирана на професионален план. Затоа, свесно донесов одлука дека сакам пред сѐ да бидам мајка и мојот син ми е најголем приоритет. За среќа, навреме донесов одлука дека сакам јас да го менаџирам темпото на работа и нивото на стрес во работата. Затоа решив да се вратам повторно на јогата и мојот кариерен пат да го посветам градејќи сопствен бизнис. Преку ден имам доволно време да се дружам со детето, а додека тој спие, јас имам време и да работам. Флексибилноста што ми ја нуди работата, љубовта кон тоа што го работам и добрата организација ми овозможуваат лесно да се прилагодувам на ситуациите и да имам поголемо задоволство”. 💪

Најголемот предизвик што Гордана го искусила како Working Mom е неопходноста да се грижи за новороденче и за своите болни родители истовремено.

„Веднаш по раѓањето на Константин, моите родители се разболеа. Истовремено се грижев и за нив и за синчето. Покрај тоа одев и на работа, а работното време морав да го адаптирам и на Македонска и на USA временска зона. Практично работев по 14-16 часа на ден. После некоја година кај мене дојде до акумулација на замор. Па последните 7-8 месеци пред да заминам, целосно ги предадов работните обврски на колешка, за да можам лесно и брзо да излезам од компанијата. Од тогаш, квалитетот на мојот живот се смени целосно. Неизвесноста беше голема и сѐ уште се провејува од време на време, но вербата и визијата за помирен и поубав живот се присутни постојано”.

Поголемо разбирање за вработените што имаат деца, флексибилни работни часови и можност за работење од дома се практики што ќе им го олеснат животот на родителите, смета Гордана. 💡

„Моја одлука е да бидам пред сѐ – мајка. Сѐ останато може да почека. Сите обврски што можам да ги завршам заедно со Константин, ги правам заедно со него. А времето што го поминувам без него е посветено на работата”.

Доволно е само да прочитате неколку текстови од платформата Working Mom за да сфатите дека не сте сами во своите предизвици како родител, додава таа.

„Преку споделување на личните искуства како родители на платформата Working Mom, се гради една заедница што ги промовира различностите што ги искусува секој родител. Тоа е голема поддршка за секој родител, особено за помладите. Доволно е да се прочитаат неколку искуства од други родители и да заклучиме дека не сме само ние, дека има многу други кои се соочуваат со различни предизвици. Така ќе ја согледаме леснотијата на “предизвикот” што сме си го креирале во нашиот ум”.