Отсекогаш сум ги сакала финансиите затоа што ги поврзувам со независност. Кога сум финансиски стабилна, сметам дека имам контрола врз сопствените избори, носам рационални одлуки и не дозволувам никој да ме ограничува.
Ова чувство уште повеќе се засили откако станав мајка од 2 причини:
✅ Многу подобро управувам со семејниот буџет (вклучувајќи го и долгорочното штедење) ако знам што ми се приоритетите.
✅ Сакам моите деца од најмала возраст да гледаат и знаат дека двајцата родители се подеднакво вклучени во управувањето со финансиите. Отсекогаш сум сметала дека жените кои знаат како да управуваат со парите имаат поголема самодоверба да остварат сѐ што ќе посакаат.
Финансиите се мојот свет, едноставно уживам во јасноста што ја носат, логиките на кои функционираат, како и моментот што се основа за раст на секоја компанија, без оглед на големината.
Како и да се свртиме, на крај, секоја одлука која ја носиме (приватна или деловна) мора да има финансиски импликации.
Но, и покрај тоа што финансиите се една од основните вештини што треба да ги имаме совладано, најчесто се доживуваат како товар и напор.
Во соработка со моите клиенти (кои се исклучителни во она што го работат и имаат фантастични идеи за раст и развој), она што најчесто го слушам е:
🤷♀️Не разбирам јас финансии, дај кажи што да правиме.
🤷♂️ Не можам јас да заштедам, парите се за трошење.
🤷♀️ Не ја отварам сметката затоа што ми е страв од тоа што ќе го видам.
🤷♂️Како да испреговарам подобри услови за кредит кога не ги разбирам баш сите работи поврзани со кредитов?
🤷♀️ Добро, како да ги одделам приватната и деловната сметка, за да на крај на месецов не биде хаос?
И уште милион слични изговори кадешто се тргнува од концептот дека за финансии или те бива или не те бива (односно дека е вроден талент), а не животна вештина што треба да ја научиме.
Особено ми беше иритантен фактот што жените со кои соработувам и комуницирам си го прифаќаат недостатокот на финансиски знаења како нормален факт.
За таа цел, решив да организирам курсеви за Управување со финансии за мали бизнис кои имаа супер одзив, но заради моите останати обврски ги ограничив групите на максимум 10 учесници. Тоа беше поиндивидуален пристап и насочен кон управување со финансиите на компаниите.
Во меѓувреме, добивав многу прашања за тоа дали ќе направам нешто поврзано со управување со лични финансии.
Тоа некако се одложуваше затоа што професионалниот ангажман и ограниченото време не ми дозволуваше – после 16 часот сум full time мајка без дистракции. 👩🍼
Во април оваа година бев дел од учесниците на ПроКредит Академијата, каде што имавме модул за разбирање на основни финансиски концепти.
Дури 85% од учесниците одговорија дека не ги разбираат финансиите и дека дури ни завршната сметка не ја погледнуваат затоа што не знаат што треба да гледаат и да заклучат. Велеа дека тоа се одразува на нивната заработка и средствата за лична потрошувачка.
Тоа ми беше wake up call. 💡
Се потсетив на еден момент кога се вратив од породилно после 15 месеци и кога морав (скоро) од почеток да ја градам компанијата што и тоа како влијаеше на мојот личен буџет.
Воопшто не беше лесно да се покриваат сите лични трошоци со мојот тогаш многу ограничен буџет (читај минимална плата), па и да остане нешто заштеда.
Многу ми беше поразително да си ја гледам заштедата на нула. Се чувствував како без сигурносна мрежа, еден погрешен чекор и толку е. Во еден момент, дури и размислував да кренам раце од сѐ и да се вработам некаде.
Сепак, си дадов период од 1 година деловно да ја ставам компанијата на нозе, а приватно да се вратам на коцептот на водење на ограничен буџет и контрола на секој денар.
Дојде времето да споделам сѐ што научив за финансиите на потешкиот начин. Сите имаме ups and downs, но вештината за управување со финансии секогаш нѐ носи чекор понапред.
И еве нѐ, од септември ќе стартува серија од 4 работилници по наслов Financial Empowerment, овој пат исклучиво наменети за жени. 💪
Секоја од работилниците ќе обработува различни теми како управување со личен буџет, поставување цели, баланс меѓу заштеда и трошење при ограничен буџет, разделување на деловните од личните финансии (за сопственици на компании и freelance), разјаснување на термини како депозит, кредит, камати во насока на подобра преговарачка позиција со банки, па дури ќе опфатиме и еден дел за инвестирање (многу основно, но корисно).
На секоја работилница ќе има по еден гостин од областа, ќе споделуваме успешни приказни и нивните behind the scenes, ќе се мотивираме и учиме.
Стартуваме од 25 септември со првата работилница, по што ќе следи последователно по една во октомври, ноември и декември.
Пријавувањето започнува од 5 септември, на инстаграм профилот на ЕССЕ.
Искрено се надевам дека овие работилници ќе имаат добар одзив затоа што содржината ќе биде многу практична и ќе се споделат многу корисни алатки.
Крајно време е да прифатиме дека познавањето на финансии е вештина што се учи. Ајде да се соочиме со сопствените несигурности за да носиме подобри и поинформирани одлуки што позитивно ќе влијаат врз целото семејство! 🚀
Автор: Мартина Анческа Георгиев, сопственик на ЕССЕ Консалтинг – друштво за финансиско советување, CFO и финансиски едукатор
© 2023 Created with love