Борбата со чувството на емоционална растргнатост помеѓу семејството и работата

Сакам да верувам дека не постои мајка која не сака своето дете да го израсне и воспитува да прерасне во добар човек. Во исполнување на оваа цел ја вложуваме целата наша енергија и посветеност. Сакаме да сме присутни во секоја минута од растењето на нашето дете. 🤱

Но, како и за секоја од нас, тука се и нашите работни ангажмани, каде што исто така, се очекува да ја дадеме нашата максимална посветеност и преку кои работиме за нашиот професионален развој. На крајот на денот, нашата кариера ја посветуваме на нашите деца, за тие да имаат подобро утре.

На 28 години ја добив и мојата Дариа, која ми е почетна точка за мотивација во сѐ што следи понатаму. ❤️

Не е тајна дека како мајки, растењето на нашите деца и кариерниот развој ни носи предизвици со коишто секојдневно се соочуваме. 

Но, без оглед на предизвиците, растењето на своето дете е можеби најблагодарната работа во која го вложуваме своето време и енергија, којашто на долг рок е бенефит и за целото општество. 💡

Уште од своите рани 20-ти години сум дел од Министерството за финансии, на позиција која ме исполнува и во која професионално се надоградувам. 

Токму работата и желбата за научно истражување придонесе да се идентификувам себеси како “tax nerd” што несомнено ме доведе до мојата докторска дисертација на која неуморно работам периодов. 

За предизвиците со кои јас се соочувам како Working Mom, ќе зборувам низ призмата на личен пример, но верувам дека со нив се соочува секоја од нас.

 

⚡ Предизвик #1

Наоѓање на баланс помеѓу кариерата и мајчинството е предизвик со кој јас лично се соочувам секојдневно. Настојувањето да бидем сеприсутна, секогаш и секаде е луксуз што верувам дека малкумина можат да си го дозволат, а особено мајките кои работат, кои се во постојана борба со времето, ресурсите и мајчинството. 

Едната од нив сум и јас!

 

⚡ Предизвик #2

Присуство на чувството на вина и стрес во денови кои не течат како што сум замислила доведуваат до прашањето дали доволно бев присутна во конкретниот ден за моето дете, за сопругот и за семејството во целост. 

Дали доволно добро одговорив на сите поставени прашања за вештерки, џинови, планети и универзуми? Дали и после завршувањето на работните обврски, сепак дел од проблемите со коишто се соочив во текот на денот, несвесно ги рефлектирав на моето семејство? 

Кон стресот придонесува и листата на обврски која што понекогаш е навистина долга, набавка на намирници за ручек, балетот на ќерка ми, обврски поврзани со факултетот, крајните рокови, итн…

 

⚡ Предизвик #3

Чувството на емоционална растргнатост помеѓу семејството и работата понекогаш се јавува како непоканет гостин. 

Да бидам присутна во домот и на работа е вечната борба со која се соочувам. Најизразена е во денови на детските минливи заболувања кои честопати се присутни во мојот дом, особено во зимските денови. 

Сепак во овие денови, иако физички сме присутни и во домот и на работата, присутна и неминовно видлива е и емоционалната борба помеѓу двете, која лесно е забележлива од нашите блиски, пријателите, колегите на работа, соработниците…

 

Како ги победувам овие предизвици?

Во борбата да бидам најдобрата верзија на мајка за моето дете, кариерното напредување и пишување на мојата научно-истражувачката работа, користам неколку техники што ми овозможуваат да бидам исполнета на овие полиња.

 

✅ Time Blocks за планирање на времето

Во постигнувањето на овој баланс ми помага секојдневното планирање на времето. Претпочитам времето поминато со моето дете и моето семејство да биде максимално посветено на нив. 

На крајот на денот, си делегирам “time blocks”, време кое го посветувам исклучиво на пишување на мојата докторска теза, која ја подготвувам во изминативе две години и е професионален предизвик што ме исполнува. 

Неретко, ова значи и останување после полноќ. Понекогаш навистина би било идеално кога еден ден би траел повеќе од 24 часа. 😂 Но, верувам дека дури и тогаш би се прашувала што ако имав уште еден час повеќе…

 

✅ Безрезервна поддршка на семејството

Секој мој личен или професионален избор, е пропратен со поддршката од мојот сопруг и поблиското семејство. 

Сметам дека без нивната поддршка, надминувањето на предизвиците е невозможна мисија. Несомнено сум благодарна на нивната помош без која не би можела да ги исполнам професионално зацртаните цели.

 

✅ Незавршените обврски не се неуспех, а утре е нов ден

Незавршените обврски (професионални или лични) не ги сметам како неуспех, туку како мотивација за наредниот ден да работам уште повеќе. 

Не секогаш денот ќе биде како што сум испланирала, било дали е тоа поврзано со мајчинството или работата. Но, мојот став спрема плановите е тоа што го дефинира текот на наредниот ден или пак, наредната недела. 

Во овие случаи, настојувам сите препреки да ги решавам со “ладна” глава и да се придржувам до мантрата дека тоа што е зацртано, мора да се исполни во текот на утрешниот ден.

Во некои денови, си давам оддишка како благодарност кон себеси за сите постигнати цели. Во овие денови, се посветувам на прошетките со моето семејство, кафе-пијачка со моите најблиски пријатели и неделните утра со моите баба и дедо. Овие денови ми даваат сила и инспирација за новата работна недела.

 

Како за крај, ќе ја цитирам познатата изрека од непознат автор која верувам дека сте ја слушнале, а која гласи: 

Од мајките се очекува да ги растат своите деца како да немаат работа и да ги извршуваат работните обврски како да немаат деца.” 

Моја искрена поддршка за овие мајки, Вие сте хероините на денешното време! 👸

 

Автор: Маринела Петровска