Working Mom на Неделата: Данче Стефановска-Апостолова

Еден од најтешките предизвици на мајчинството е грижата на совест кога поради неодложни работни обврски, не секогаш имаш време за да му ги исполниш сите желби на детето. Но, овде е важно да застанеме и да се потсетиме дека сè што правиме е токму вложување во иднината на тоа дете. 🚀

Данче Стефановска-Апостолова фантастично ни ги доловува подемите и падовите што ги искусува една млада мајка на 3 деца која се наоѓа менаџерска позиција. Среде хаосот од креативни предизвици на работа и големо семејство, таа нашла начини како да го најде својот баланс и секако – мир во душа.

„Справувањето со чувството на вина или грижа на совест кога немаш секогаш време за детето е всушност најтешкиот дел од мајчинството. Понекогаш посакувам да имам една недела само за нив, да потонам во нивните мириси и да ги исполнам сите нивни желби, кои верувајте, ги има во изобилство!😄 Тоа е најчесто кога чувството на вина го достигнало својот врв и ме преплавиле емоции. Но, бргу се освестувам и ми текнува дека сè што правам е на некој начин за нив, прво вложувам во нивната иднина, а второ ја знаете онаа познатата: Среќна мајка-среќни деца!”

Како Chief Operating Officer, таа вели дека кога си на чело на компанија, работата си ја носиш секаде: дома, на патување, на одмор, итн.

„Претпоставувам дека во одредени дејности може да се направи граница и кога ќе заврши работното време (прва, втора или трета смена) да завршат и работните обврски. Во светот на маркетингот, барем кај мене – такво нешто нема. Работата си ја носам и дома, и на патување, и на одмор. Се намалува интензитетот на обврските кога сум надвор од канцеларија, но немам фиксно работно време. Иако изгледа сурово вака кажано, ова дава и многу предности. Или едноставно, толку се имам навикнато што повеќе ги гледам предностите отколку недостатоците. Како и да е, не би менувала ништо во сегашниот setup”.

Колку и да си умешен со менаџирање на обврските, таа вели дека со деца – никогаш не знаеш што може да ти донесе денот и затоа мораш да бидеш навистина флексибилен. 👀

„Имајќи предвид дека децава се сè уште премногу мали и несамостојни, приоритетот секогаш мора да го имаат тие. Бидејќи нели, ние родителите добро знаеме дека настинките, вирусите и бројни други ситуации директно поврзани со децата не можеме да ги „предвидиме“. Интересно е што кога си working parent, и работните обврски не можеш да ги планираш долгорочно. Едноставно, како и се останато што ме опкружува, така и плановите поврзани со работата гледам (кога е возможно, нормално) да се пократкорочни. Тука мислам на зададените обврски, со цел да можам добро да го изменаџирам и своето а и времето на луѓето кои што работат со мене. Така што, верувале или не, има денови кога ќе се разбудам наутро и не знам точно што ќе донесе работниот ден. Од друга страна, особено годинава откако се вратив од породилно, пробувам времето дома да биде време „за дома“, односно се трудам да „ги прочитам“ децата и да бидам тука за нив секогаш кога ќе почувствувам дека им требам, било да е тоа за да им спремам оброк, да се гушкаме или да си играме. Нормално, во првите 5 минути кога ќе заспијат навечер јас сум пред компјутер, да доработам, да го доорганизирам следниот ден”. 

Оставање на  “луфта” од половина час помеѓу фиксни обврски е тактиката што се покажала како најефективна досега.

„Времето го организирам според секојдневните, фиксни обврски на работа и дома со сопругот и децата. Е сега, покрај тие фиксни обврски знаеме дека има милион состаноци кои се појавиле „во 5 за 12“, воншколски активности, детски родендени и слично. Затоа не би рекла дека менаџирам со времето, повеќе му доаѓа како тактичко справување со сите обврски на дневно ниво, односно креирање рутини кои сите ги следиме без големи отстапки. Најчесто имам „тактика“ да оставам луфта, односно пола час простор измеѓу некои фиксни обврски за ако се појави нешто вонредно што е итно да се сработи. Не дека секогаш успевам, но признавам дека се трудам”. 🤭

Нејзината најголема поддршка е нејзиниот сопруг. ❤️

„За среќа работно време на мојот сопруг е фиксно, па можеме деновите да ги организираме според моите обврски, редовни и вонредни. Заеднички успеваме (најчесто одлично) да се организираме. Не велам дека е лесно, но е возможно”. 

Таа вели дека нашава платформа ѝ е уште една голема поддршка што ѝ покажува дека не е сама во своите “маки”. 🙏

„Working Mom платформата значително ми влијае на самодовербата. Ми покажува дека не сум само јас и дека сите мајки-кралици се соочуваат со исти или слични предизвици. А тоа верувајте е огромен чекор напред во општество што сè уште делумно живее во стигма и патријархат”.

Најголем предизвик што досега го искусила како Working Mom е неизбежниот момент – пуштање на дете во градника.

„Мислам дека најголем (или најсвеж) предизвик ми беше да се раздвојам од „бебето“, односно најмалово бебуле кое веќе е човече од година ипол и да го пуштам во градинка. Бидејќи е најмало во споредба со поголемите бато и дада и сè уште доенче, некако не можам да се ослободам од чувството дека е сè уште бебе и дека е премногу мал за градинка. Сега кога веќе објективно размислувам, сфаќам дека тоа е неточно и дека навистина му е супер со другарчињата, но ете, таа separation anxiety ми беше голем предизвик да ја надминам”.

Според неа, најголемите предизвици за мајките и татковците во една компанија се поставувањето на јасни граници дома-работа кога работата не е со стандардни работни саати и изнаоѓање начини како да се биде во исто време на две места (и на состанок со важен клиент и на лекар со дете со температура).

Решението го гледа во воведување на флексибилни работни часови и скратено работно време за мајка/татко до наполнување на минимум две години возраст на детето. 💡

„Единствен начин како компаниите можат да им помогнат на своите колеги-родители е да распределуваат дел од обврските на други вработени во ограничен временски период, онолку колку што им дозволуваат можностите. Друга опција се флексибилни работни часови, што е случајот во нашата компанија и начин на кој успеав да се вратам на работа уште пред истекот на породилното отсуство. Иако, не сум сигурна дека ова е возможно во сите дејности и на сите работни позиции”.

А еве што би ги советувала идните родители: