Мојата приказна како working mom започнува кога дознав дека сум бремена. Во тој период веќе бев дел од „пробниот период“ за лидерска позиција во компанијата во која што работам.
Иако бев пресреќна кога дознав дека сум бремена, во исто време бев и уплашена. Стравував дека можеби целиот вложен труд до тој момент ќе падне во вода.
Иако работам за компанија од Велика Британија, мислев дека во корпоративниот свет вестите дека си бремена значат крај за напредокот во твојата кариера, бришење од сите листи на зголемување на платата и слично. 👀
Имајќи го сето ова на ум, неуморно продолжив да работам и да се надевам дека токму јас ќе бидам таа која ќе го добие унапредувањето како тим лидер.
Она што се случи, не само што докажа дека не бев во право, туку и ме изненади позитивно: Токму јас (6 месеци бремена) бев наградена за својата напорна работа и вложен труд со унапредување – тим лидер. Веста за унапредувањето дојде само 3 месеци пред официјално да заминам на породилно. 🤩
Додека бев на породилно отуство, ме контактираа да ми кажат дека компанијата претрпува одредено реструктурирање и дека мене ме земаат предвид за позиција на Delivery Manager.
По 9 месеци, кога ми заврши продилното отсуство, се вратив на работа. Бев поставена да раководам со сосема нов тим на луѓе (кои не ги знаев претходно), во сосема нов отсек.
Од сегашна гледна точка, слатко си се смеам на стравовите што ги проживував во тој период. Првиот шок ми беше како тоа мало бебе јас да го оставам и да се вратам со полно работно време? Како ќе му биде без мене? Дали ќе му фалам, како тој што ми фали мене? И многу слични прашања. 😳
Првите недела, две беа навистина тешки. Секогаш кога го оставав бебето, се чувствував како дел од мене да се кине. Чувствував некоја тежина во желудник. Живеев во копнеж да го видам повторно.
Тој период помина. Полека почнав да се навикнувам на фактот дека нема да го гледам 8-9 часа во денот. Меѓутоа, копнежот е сѐ уште присутен и мислам дека засекогаш ќе го има кога не сум со него.
Во врска со работата, од една страна емотивно „патев“ за бебето, а од друга страна морав многу да учам и да се навикнувам на новата работна атмосфера, да ги запознаам и проценам карактерите на луѓето, да ја придобијам нивната доверба за да можеме да функционираме како успешен тим.
Во тој момент, навистина се чувствував виновно зошто не можам да изберам да не работам и да останам дома со бебето. Но, морав да се помирам со тој факт бидејќи не постојат услови за да можам да бидам stay-at-home mom.
Она што многу ми помогна во целата ситуација е поддршката од сопругот (не постојат зборови да ја опишат мојата благодарност што постои). Тој не само што е мојот најдобар пријател и љубовта на мојот живот, туку е и вистински посветен родител на нашето дете. ❤️
Потоа, овде се и неговите родители, кои го чуваат и се грижат за детето додека мама и тато се на работа, што некогаш знае да биде и 9 часа и за што сум им искрено благодарна.
Секако, тука вреди да ја споменам и сениор менаџерката, која од самиот почеток беше полна со поддршка и која има разбирање за тоа што значи да си родител, особено на мало дете.
Нејзината поддршка доаѓа во форма на совети, флексибилност со работното време, ад хок слободен ден или боледување, што навистина многу значи за некој како мене – првпат мајка.
Она што досега го научив е дека добрата организираност на времето, но и поддршката од семејството и работодавецот е она што ми овозможува да бидам успешна во работата која ја сакам. Но уште побитно, да се чувствувам исполнета во улогата на мајка на едно преслатко кадраво момченце и да уживам во секој миг поминат со него.
Затоа:
✅Не се потпирај многу на бабини деветини и не побарани совети – луѓето знаат да бидат непотребно злобни.
✅ Верувај му на својот мајчински инстинкт. Ти секогаш знаеш што е најдобро за твоето дете.
✅Избегнувај да го споредуваш своето дете со другите “совршени деца”. Луѓето многу често претеруваат со неосновано фалење за квалитетите на своите деца, што може да те направи да се чувстуваш многу инфериорно. Запамети: Секое дете е посебно и има своја патека кон развојот и покажувањето на чувствата.
✅ Оставете го вашето дете самото да го открива и осознава светот околу него. Ние како родители сме тука да им дадеме насока, не да ги “држиме за рака” додека чекорат низ животот.
Автор: Тијана Цветиќ
© 2023 Created with love