Никогаш не знаеш колку си силен, се додека тоа не е единствениот избор што го имаш

Да се опише една работна недела на родител, можеби нема да има место во една објава. 

Исцрпувачки состаноци што траат со часови. Разни рокови, стрес, комуникација со милион луѓе, извештаи, планови, безброј активности, обуки, настани, гужва во сообраќај. Потоа домашни обврски, едно дете на кошарка, друго на англиски, пишување домашни задачи, заборавен проект што бил за вчера, роденден на другарче. Помеѓу сето тоа пазарење, спремање доручек, ручек, вечера, ужинки и така секој ден. Секое ново утро пак одново, со по уште некоја обврска плус. 😩

Често со сопругот знаеме да си кажеме ″Животов ни е проект″. Не велам дека на останатите им е полесно, но кога си родител на дете со атипичен развој, добиваш уште неколку обврски плус на оние што веќе си ги добил во описот на работно место дента кога си станал родител. 

На списокот од погоре додаваш логопед, дефектолог, арт терапија, сензорна соба, шетање по 4 часа. Плус дома играње, возење велосипед одма после работа, шетање во 6 наутро низ парк со детето пред работа, затоа што не можеш да објасниш дека веќе не е викенд и мама и тато мораат да одат на работа. Рутината е таа и мора да се испочитува секој ден, на празник, на делник и на викенд.

Темата е широка и опширна, можам да пишувам уште три дена, но би сакала овој пост да не биде посветен на тоа колку ни е тешко и колку не чини државата што не нуди ресурси за напредок на овие деца, па родителите сами “кубурат”. 👀

Иако е така, овој пост сакам да биде поттикнувачки, да споделам некои мои сознанија кои сум ги стекнала низ годиниве. 

Текстов го посветувам на сите мајки, татковци кои лавовски се борат со предизвиците кои ги носи попреченоста на нивното најмило. 

Ќерќа ми пред некое време ми кажа: „Мамо колку малку му треба на Павел за да биде среќен. Додека ние бараме аир џорданки, ајфони, скапи алишта, тој ќе се израдува со едно чоколадо”. 🥹

Ми ги насолзи очите. Навистина е така, очите им светат само ако ги прошетате низ парк и им купите цеден портокал од приколките, ако изедат сладолед, крем банана, ако им го пуштите омилениот анимиран филм. Толку им треба за среќа. Чисти души без трошка лоши мисли, знаат само за насмевки, прегратки и љубов.

Во минатото бев заглавена дека мораме да направиме милион работи за син ми да биде среќен. Некогаш дури и форсирав работи и активности, затоа што така треба, така сум прочитала некаде, затоа што на другите деца тоа им е убаво. 

Не форсирајте, како родители точно знаете што сака вашето дете. Ако не сака гужви – не мора да има роденден во игротека со милион звуци, светла и стимулации. Нему не му е убаво иако сите други деца слават роденден во игротека. Прославете онака како што него ќе му биде убаво. 🪁

Откако едноставно ми легна тоа сознание и го прифатив целосно – ми требаше време, не велам не, но навистина ми стана полесно. Па затоа, прошетајте заедно

низ парк, одете на Водно, седнете покрај река, уживајте во тишината, направете му го омиленото јадење дома и сите заедно уживајте во ручекот.

Знам дека не е бајковито како што пишувам. Кога сме во парк и ќе видам деца од 17 години како се дружат, а Павел шета со мајка му или татко му, не ми е лесно. Ама воопшто не ми е лесно, солзиве одма идат. 

Сме имале и ние многу непроспани ноќи и тешки денови кога не сме знаеле што да правиме и како ќе го преживееме денот. А наредниот ден треба да станеме и да се дотераме, да одиме на работа и да ги истераме сите тековни работни обврски. А попладнето кога ќе се вратиме дома, повторно истата борба. 😔

Но жалењето колку ни е тешко – не помага, барем не на мене. Тешко е, претешко, нема зборови со коишто може да се опише како е. Ниту овој текст може да го опише тоа. Но колку порано се соочиме и ја прифатиме ситуацијата онаква каква е, толку полесно ќе ни биде.

Една наша пријателка еднаш многу одамна ни кажа за мотото ″The power of now″. Да се биде присутен тука и сега. Да не бидеме заглавени во минатото и да се обвинуваме каде сме згрешиле и да не ја мислиме иднината, иако многу ја мислиме. Да се посветиме на нашето дете сега и тука, да ја прифатиме реалноста и колку и да е тешко и да паѓаме, повторно да станеме, да ја избришеме правта и со исправена глава да продолжиме. Оти само така и никако поинаку, ќе им помогнеме и на нашите деца. 

Сите родители се борци, тоа воопшто не е тема на разговор, ама родителите на деца со атипичен развој, тие се херои за мене. 🦸‍♀️

Сето она за што си се спремал за време на бременоста, си читал на интернет и по книгите за родителување како ќе биде, сето тоа пропаѓа во вода. Наеднаш вртиш 

нов лист, започнуваш нова книга, сосема поинаква. И никој не те подготвува за тоа.

Те гледаат чудно на игралиште, го гледаат чудно твоето дете, некои и ги тргаат своите деца настрана. Родители, сите оние кои ќе го прочитате овој текст, ве молам, приближете ги вашите деца кога ќе видите дете со атипичен развој на игралиште, обично никој не им приоѓа. 

Зборувајте со своите деца, образувајте ги дека има деца со различности, да знаат како да се однесуваат кога ќе сретнат дете кое е поинакво од нив. Да не бегаат, да не му се смеат и да го нарекуваат со погрдни имиња. Нема полоша глетка кога едно дете исмејува друго. 

Децата се одраз на родителите, затоа воспитувајте ги вашите деца да ја прифатат различноста. На крајот од денот тоа е многу поважно отколку ајфонот и Nike патиките што ќе им ги купиме.

Научете ги да помогнат на овие деца, нека седнат до нив на училиште, викнете ги дома да си поиграат заедно, одете кај нив на гости, одете во кино, на пица. На децата со атипичен развој им требаат другарчиња, им треба да почувствуваат дека се прифатени, дека има некој тука за нив. 🫴

Родители, ако познавате некој родител на дете со атипичен развој, јавете му се за разговор, за кафе, за прошетка. И она што е најважно за родителите на деца со атипичен развој: Земете си време за себе!

Знам сега ќе помислите: Aма како? Тешко е, но сигурно не е невозможно. Прошетајте низ паркот сами, одете на Водно, возете велосипед, вежбајте, слушајте музика, излезете на кафе со пријателите, опкружете се со луѓе кои ви ја греат душата. Некогаш е доволно само еден час во неделата или два, ништо повеќе. 

Само ако ги наполниме нашите батерии и се спремиме за новата работна недела која следи, само така ќе бидеме добри и за нашите деца и ќе имаме доволно енергија да се соочиме со новите предизвици кои нè очекуваат.

Знам дека не измислив топла вода со примерите кои ги набројав, но се надевам дека ќе поттикнам некого да направи одредени промени. Или едноставно, да помисли: не сум сам/а во сето ова. 

Верувајте ми, потрудете се и одвојте време за себе, затоа што родители со убава и позитивна енергија се потребни на децата, а посебно на децата со атипичен развој. 💡

 

Автор: Ирена Додевска