Како го балансирам мајчинството со кариерата?

Пред да се роди Дарио, наивно сметав дека без проблем ќе можам да си ја балансирам кариерата и мајчинството. 

Бев прочитала некаде дека бебето ќе спие по 20 часа на ден, па си реков дека ќе имам доволно време за да му пружам љубов, внимание и нега на бебето, а во меѓувреме да ги извршувам работните обврски.

Како фриленсер, немав законско право на породилно. Но, дури и да имав, не планирав да престанам да работам од 2 причини:

1️⃣ Бизнис иницијативата што ја покренавме со сестра ми нема да успее ако претрпи долги паузи.

2️⃣ Страв ми беше дека ако си дадам неколку месечна пауза, целосно ќе ја изгубам желбата и навиката за работа.

balans-majcinstvo-kariera

Неколку месеци по раѓањето на син ми, сметам дека сум ја донела вистинската одлука да работам од дома додека се грижам за своето новороденче.

Не би рекла дека има некоја посебна “тајна” како успешно да ја жонглирам кариерата и мајчинството.

Сè се сведува на мултитаскинг и елиминирање на дистракции како Нетфликс, бесконечно скролање на социјалните медиуми и слично.

Еве некои тактики што мене лично ми помогнаа:

✅Воспоставување (ноќна) рутина за работа

Утрата се мојот најпродуктивен дел од денот. Тоа е период кога максимално сум фокусирана и можам многу од работните обврски да ги завршам за многу кратко време. Но, тоа е и времето кога син ми е најбуден и го сака моето внимание.

Сакала или не, неопходно беше да го “трампам” утринското работење со вечерно кога бебето спие. Во тие неколку часа мир и тишина навечер, немам друг избор освен да сум максимално фокусирана и да завршам сè по список. Затоа што времето е апсолутно лимитирано.

✅ Состаноци со бебето во рака

Како да имаш состаноци со бебе што во секој момент може да се расплаче?

Едноставно, го земаш бебето во рака или го ставаш на града и ја креваш камерата погоре за да го прикажува само твоето лице. 

Кога луѓето ќе ме прашаа кој го чува моето бебе, ќе им го покажев на камерата дека сум го чувала цел час во рака и тие слатко ќе се смееја. Ова даваше и една човечка димензија на состанокот. Сепак сме само луѓе. 🤭

✅ Работниот простор е насекаде

Порано имав посебен работен простор во домот каде што ќе можам да се фокусирам на мојата работа.

Но, тоа е веќе минато. Сега работам од каде ќе стигнам: на креветот во спална, на тераса, во кујна, додека го шетам бебето во маало… 

Буквално ја користам секоја можност и локација за да завршам што е можно повеќе работа без да ја занемарам грижата за бебето.

✅ Поддршка од најблиските

Иако теоретски делува ветувачки идејата дека ќе можам да го оставам бебето неколку часа да го чува член на фамилијата за јас да можам да се фокусирам на работата.

Сепак, реалноста е дека кога ќе слушнеш како бебето ти плаче, дури и да си во друга соба, вниманието ти се свртува кон него. 

Во првите месеци од животот, бебето е нераскинливо поврзано со мајката. Кога ќе го слушнеш како плаче, природно ти доаѓа да ја ставиш работата на пауза и да истрчаш за да му ги задоволиш потребите.

Сепак, секоја минутка што можеш да ја украдеш додека некој го чува бебето е драгоцена.

✅ Флексибилна to-do листа

Најчесто си ја организирам листата на обврски една недела однапред и ја ревидирам вечерта претходно.

Сепак, она што го сфатив е дека не секогаш зависи од мене дали ќе успеам да ги завршам сите задачи по списокот колку и добро да си го организирам времето.

Понекогаш на бебето си му потребна 24/7, па обврските од тековниот ден преминуваат во следниот.

Овде е важно да се напомене дека не треба да се извршуваат задачите ден пред краен рок од горенаведените причини.

✅ Поддршка од жени што поминале низ истото

Она што особено ми помогна и се уште е мој извор на поддршка и вечна инспирација се други working moms кои што исто така жонглираат со кариерата и своето новороденче. 

Ме смирува кога ги слушам туѓите искуства и совети за воведување на баланс. Знам дека не сум сама во ова. Не сум само јас со “надреални” амбиции да го имам најдоброто и од двата света.

Верувам дека имам уште многу да учам за балансирањето помеѓу мајчинството и кариерата. Затоа и овој блог пост постојано ќе се надополнува со нови практики што лично ми помогнале. 

Сè до тогаш, во потрага сум по други working moms што би сакале да ги споделат своите практики што им го олесниле животот. 

П.С. Никогаш не сум посакувала повеќе денот да има повеќе од 24 часа за да имам доволно време ем да му се посветам на бебето, ем да си ја сработам работата. Сепак, бебето секогаш е и ќе биде мојот приоритет во овие лимитирани 1440 минути во денот.