Да се стане мајка е несомнено најубавото, но воедно и едно од најпредизвикувачките, најтешките, најодговорните, најисцрпувачките и најрадосните искуства во животот на една жена.
Ова е моментот кога жената ужива во породилно отсуство од работа и целосно се посветува и привикнува на новото искуство, новите чувства и емоции, новите обврски.
Некаде прочитав дека после бременоста запознаваш нова личност и тоа не е твоето бебе – туку самата ти. Па, породилното отсуство е баш со таа цел – да ја запознаеш новата ти и да се посветиш на новиот начин на живот и потребите на бебето.👶
Сепак, јас се најдов во друга ситуација и тоа целосно по мој избор. Кога се соочив со изборот дали да земам породилно отсуство или да продолжам да работам, решив да тргнам по помалку конвенционалниот пат.
Имајќи ја привилегијата да работам од дома за компанија со седиште во Лондон, но без локални канцеларии, ги немав бенефитите што ги нудат локалните фирми. Имав можност да одлучам дали и колку ќе ми трае породилното отсуство и искрено се радувам што беше тоа така.
Основачот на компанијата каде што работам, од моментот кога дозна за мојата бременост ми повторуваше дека можам да земам породилно отсуство толку колку што ќе ми биде потребно, без никаков притисок и со целосно покриена компензација. Мојот одговор од ден 1 беше – нема да земам породилно отсуство и ќе продолжам да работам.
Знам дека можеби звучи преоптимистички да се донесе таква одлука кога воопшто не знаеш што те очекува во периодот на мајчинството (мене ми беше прво дете, значи сосема непознато искуство), ниту пак знаеш какво ќе биде бебето затоа што сите знаеме дека секое бебе е различно и си има индивидуални потреби.
Но, ако во нешто силно верувам, тоа е дека само среќна и исполнета мајка може да биде добра мајка. Тоа ми беше силата што ме наведе кон таа одлука – сакав да бидам добра мајка за моето бебе.
Тоа што лично мене ми беше најголем предизвик секогаш кога ќе спомнев дека нема да имам породилно отсуство, туку ќе продолжам да работам, беше притисокот од околината и моето блиско опкружување.
Живееме во општество што наметнува некои конвенционални норми кога е мајчинството во прашање, така што не е невообичаено да биде стигматизирано размислувањето околу таа тема.
Имаше 2 прашања што постојано се повторуваа кога и да споделев за мојата одлука: како и зошто? Дојде време да одговорам на прашањата што своевремено ги избегнував. 😀
Изборот да не земам породилно отсуство и да продолжам со работа беше моја одлука, секако целосно поддржана од партнерот. Тука морам да напоменам дека без него, ништо од тоа немаше да биде ни одблиску возможно, затоа што оваа одлука бара внимателно планирање и безусловна поддршка.
Еве како успеав во тоа:
🧡Флексибилност: Клучот за управување со работата и мајчинството е флексибилноста. Преговарав со мојот работодавец за флексибилен работен ангажман што ми овозможи да ги приспособам распоредот и обемот на работа по потреба. Оваа флексибилност гарантираше дека можам да се грижам за потребите на моето бебе додека ги исполнувам моите професионални обврски, без никакво компромитирање на квалитетот на работата.
💚Работа на далечина: Мојата работа е работа што се извршува целосно од дома. Не морам да бидам физѝчки присутна, што истовремено ја елиминира потребата за патување до и од работа и ми овозможува да бидам присутна дома додека сè уште сум продуктивна на работа.
💜Поддршка: Безусловната поддршка беше од клучно значење. Се потпирав на мојот партнер (потешка околност е што немаме апсолутно никаква помош околу чувањето на детето, па двајцата сами се грижиме за него од ден 1), доверлива дадилка со којашто ги споделуваме одговорностите за грижата за детето и секако разбирањето од страна на мојот работодавец. Сета оваа “мрежа” за поддршка беше и е од непроценливо значење за мене.
❤️Управување со времето: Ефикасното управување со времето стана моја супер моќ. Давање приоритет на обврските што ги имам во денот, поставување реални цели и максимално искористување на секоја минута во мојот ден. И да, најголемиот дел од денот е и секогаш ќе биде наменет за квалитетно време поминато со бебето и партерот како најголеми приоритети.
💙Страст за мојата кариера: Сите што ме познаваат знаат колку уживам и колку ме исполнува работата. Јас сум навистина посветена на мојата кариера и не сакав да ја ставам во мирување на одредено време. Продолжувањето со работа ми овозможи да го задржам мојот професионален идентитет, да придонесам во мојата област и да дадам позитивен пример за моето дете. Можеби голем удел во оваа одлука има и тоа што и јас самата сум израсната со таков пример и сакам да бидам достоен пример и за моето дете.
🤎Финансиска стабилност: Значаен беше и финансискиот аспект. Политиките за породилно отсуство се разликуваат бидејќи работам за странска компанија. На овој начин можев да ја осигурам финансиската стабилност на нашето семејство и да инвестирам во нашата иднина, а пред сè во подобра иднина за моето дете.
💗Лично исполнување: Непрекинатата ангажираност во мојата кариера ми обезбеди чувство на лична исполнетост и цел, надвор од мајчинството. Тоа е од суштинско значење за мојата ментална благосостојба и целокупна среќа.
💛 Поставување пример: Сакам да го научам моето дете за важноста на амбицијата, напорната работа и упорноста. Продолжувајќи да работам, се надевам дека ќе ги всадам овие вредности уште од негова рана возраст така како што кај мене ги всадиле моите родители, особено мојот татко. Засекогаш ќе му бидам бескрајно благодарна за тоа. Затоа што на крајот на денот, децата гледаат што правиме, а не што зборуваме!
Изборот да не земам породилно отсуство и да продолжам да работам беше одлука што функционира и за мене и за моето семејство. Тоа ми овозможи да одржам рамнотежа помеѓу мајчинството и мојата кариера, да постигнам финансиска стабилност и да најдам лично исполнување.
Иако можеби не е вистинскиот избор за секого, од суштинско значење е да се признае дека не постои единствен пристап кон мајчинството и работата. На крајот на краиштата, се работи за наоѓање на она што најдобро функционира за вас и прифаќање на тој избор со доверба и одлучност.
Многу е лесно во целиот тој предизвикувачки период во почетокот на мајчинството мајката да биде емотивно и физички исцрпена, што ја прави пораздразлива и понервозна, а сите знаеме дека тоа резултира и со пораздразливо бебе. Токму поради тоа, од исклучителна важност е мајката да не се изгуби самата себе во процесот на мајчинството и да открие што е тоа што ѝ пружи задоволство.
Потоа, мора да најде макар и минимално време од половина час во денот да се посвети на тоа што ја прави среќна и да си даде простор за себе. На овој начин, ќе може многу полесно да се избори со емотивниот дисбаланс што неминовно се доживува за време на првите неколку месеци од мајчинството.
И за крај, дали повторно би ја донела истата одлука? Да, секогаш одговорот би бил ДА! 🚀
Автор: Слободанка Шатранова
© 2023 Created with love