Баба, дадилка или градинка: На кого да го доверите Вашето малечко?

Бебето расте побрзо од што се надевате. Веќе е седум месеци, седи, јаде кашички, се превртува, а тебе мамичке те фаќаат паники како ќе го оставиш за да се вратиш на работа. 👀

Веќе размислуваш на кој начин да го продолжиш породилното: Дали да искористиш лански одмор, годинешен одмор, а можеби планираш и боледување од недела или две?

Ако си вработена во државна институција, можеби размислуваш и за неплатен одмор, но ти текнува дека си во Македонија и ретко кој може да си дозволи неплатен одмор. 

Во приватен сектор оваа опција не ти ни доаѓа на памет. Можеби Вам не Ви кажале, но ние често сме ја слушнале фразата “Ако не се вратиш, ќе најдам друг”. Така да, “неплатен одмор” можеби е само мисловна фраза, еднорог за кого сме слушнале, но не сме го виделе… 🦄

Колку и да се обидувате да го продолжите породилното, сепак еден ден ќе мора да се вратите на работа, освен ако не направите драстичен чекор – да си дадете отказ и целосно да се посветите на децата и домот. 

И тоа е во ред, сè додека сте среќни за Вашиот избор. И не дека нема да работите, сепак домашните обврски и работа не се викаат за џабе – работа. 

Најголемата дилема во целата збрка наречена “враќање на работа” е на кого да го довериш твоето најсакано малечко. Баба, дадилка или градинка, прашањето е сега, а изборот е тежок. 🤔

Доколку живеете во различни градови или држави со Вашите родители, тогаш баба-сервис отпаѓа како опција. 

Но, сепак дилемата е дали да го оставиш со странец кој ќе биде посветен на детето цело време или градинка каде би се грижеле за повеќе од 10 деца во група?

Надолу во текстот ќе пробам да ги набројам предностите и недостатоците за овие три избори кои за родителите се најголема дилема. ⬇️

 

Нејзиното Височество – баба 👵

Кога Вашето дете е со баба, да знаете дека никогаш нема да биде гладно и секогаш ќе биде навремено пресоблечено. Можеби малку ќе се помачат со заспивање, но нишкање во раце и пеење приспивалки секогаш се избор на било која баба за мисијата спиење да биде успешна. 

Недостатоците кога баба се грижи за бебето е дека може да гледаат премногу турски серии и цртани наместо да прелистуваат црно-бели сликовници. 

Истотака, постојат баби кои не ја слушаат мајката од X причини и не му даваат на бебето да јаде тоа што мајката кажала, него си тераат по нивното “битно да не е гладно”. 😤

Во вакви случаи за да се избегнат конфликти, бидејќи кога-тогаш се излегува на виделина, најдобро е бабата да си биде баба. Кога е слободнa, нека ги прошета внучињата на некој саат, а во викенди нека ги земат на поседок.

 

Дадилка – личност која поминува многу повеќе време со Вашето најмило од било кој друг 🤱

Сте размислиле ли колку време дадилката ќе поминува со Вашето дете? 254 дена во годината! 

Или ако ви треба објаснување, дадилката ќе се грижи за Вашето малечко 8 часа дневно, 5 дена во неделата, околу 22 дена во месецот. Дадилката дефинитивно поминува многу повеќе време со Вашето дете од било кој друг член од Вашето семејство. 

Таа е личноста која треба да му овозможи на детето исполнување на неговите физиолошки потреби, да го научи на хигиена, правилно однесување, и ред други работи. Дадилката ќе прави сè како што ќе ѝ биде кажано. Ќе дава за јадење тоа што е спремно, ќе играат како што е кажано. 

Многу родители одбираат “жена” за чување на нивните деца со препораки, преку групи по социјалните медиуми или преку сопствен оглас. Најчесто овие “жени” не се пријавени во агенции за дадилки, туку сами се обидуваат да најдат “дете на чување” за да обезбедат средства за живот.

Мој совет е да си одбере дадилка со препораки од фамилии или да се избере преку агенција со потпишување на договор. Сепак одбирате странец да се грижи за Вашето најмило, па добро е да бидете претпазливи. 💡

Платите за дадилки се движат во однос на искуството што го имаат, па така спремете добар буџет за добар квалитет. Недостатокот е претежно кај родителите, кои тешко можат да се одлучат за дадилка, а уште повеќе да изградат доверба према неа.

Моја препорака е изборот на дадилка да почнете да го правите неколку месеци пред враќањето на работа, со тоа што дадилката би работела барем еден месец скратено за да може подобро да се запознаете, а бебето полесно да се прилагоди на новата личност.

 

Детска градинка – катче каде Вашето дете ги стекнува основите на квалитетен живот 🛝

Градинката е одговор на сите Ваши молитви. Таа е место каде се поставуваат темелите на сите аспекти од развојот на детската личност. 

Колку и да е тешка адаптацијата на детето, колку психички да ја изморува мајката од самата разделба, сепак во градинка детето ќе научи ред. Ако не заспивало само, ќе почне само да се успива, ако не јадело само, ќе научи само да јаде. 

Сите основни животни вештини ќе ги научи во градинка. Најбитниот аспект е социјализацијата со деца на негова возраст. 🤸‍♂️

Недостатокот на државни градинките е што групите се преголеми или нема место. Така да, доколку сакате детето да Ви оди во државна градинка уште од девет месеци, поднесете документи со самото раѓање на бебето. 

Друг недостаток е немање протокол за справување со болести кај децата, па тие често се настинати и се разболуваат. На овој начин детето гради имунитет, но товарот паѓа на самите родители што мораат да земаат боледување за да се грижат за детето. 🤒

Приватните градинки имаат подобра организација во бројот на групите, но се прилично скапички, почнувајќи од 10.000 денари па нагоре. Исто така имаат опција за бирање на храна и можност детето да си донесе храна од дома.

Морам да ги спомнам и дневните центри или игротеки што ги загрижуваат децата на неколку саати. Овие центри најчесто згрижуваат деца од поголема возраст, од 3-4 години, па сè до почеток на училиште. Нудат најразновидни програми за подготовка на училишна работа.

Градинките, без разлика дали се приватни или државни, опфаќаат комплетна и компактна целина за целосен развој на детската личност. Мој совет е да го пуштите детето во градинка без разлика на која возраст е. 

Доколку се мислите дали е малечко за во јасли, тогаш одлучете се за во градинка на 3, 4 па и 5 години. Дури и една година да биде згрижено во градинка, детето ќе ги извлече најдобрите работи за негов личен развој. 🚀

 

Што понатаму?

Изборот кој да го згрижи Вашето дете навистина е тежок, а посебно емотивен за мајката која покрај оваа одлука, се мачи со чувство на грижа дека го напушта нејзиното малечко. 

Адаптацијата може да биде и прилично тешка и за неа, а голем дел од мајките може да се најдат на крстопат дали воопшто да се вратат на работа.

Доколку финансиски се во можност, многу од нив би одлучиле сами да се грижат за своите деца, па работата да ја оставаат за во иднина кога детето ќе биде поголемо или кога ќе почне да оди на училиште. 

 

Направете план за полесна адаптација

Пред да донесете било каква одлука, размислете добро. Што најдобро одговара за Вас како родители и што е најдобро за Вашето дете? Дајте си време изборот добро да Ви легне. Размислете што може да ви ја олесни адаптацијата. 🤔

Градинките си имаат план за полесна адаптација на детето. На почетокот, децата престојуваат само по неколку часа, за да се навикнат на новата средина. Овој план е добро да се земе во предвид доколку го чува баба или дадилка. 

Најдобро би било детето секојдневно да го чува бабата или дадилката по неколку саати дневно уште пред истекот на породилното. На овој начин, мајката полесно ќе ги прифатат промените, а детето ќе се запознае подобро со бабата или дадилката.

Доколку во иднина се сомневате во Вашиот избор, не се плашете воопшто, затоа што можете во секој момент да ја смените Вашата одлука. 

Ако не Ви се “погоди” дадилката, дајте ѝ шанса на бабата доколку сака. Доколку не Ве примиле во градинка кога сте сакале, почекајте – можеби ќе се ослободи место.

 

Донесовте одлука?

Изборот е тежок, а емотивниот товар за мајката е уште потежок. Немојте да се обвинувате дека сте направиле “лоша” одлука. 

Сепак добро сте размислиле пред да го доверите Вашето најмило во рацете на други луѓе. Градинка, баба или дадилка и не е толку битно, доколку Вашето дете расте безгрижно и среќно. 👶

 

Автор: Лидија Магдеска