Чувството на вина и грижа на совест се дел од прифаќањето на улогата на мајка. Како мајки, подобро е да прифатиме дека повремено ќе нè обзема чувство на вина и да се помириме со тоа. 🤷♀️
Мајката има 24/7 ангажман и не е воопшто природно да сме секогаш 24/7 во форма да одговориме на тој ангажман. Сепак, на крајот на денот, ние сме само луѓе.
Ова е лекција што на Ана Јованоска ѝ го трасирала патот да стане посвесен родител.
„Најдобрата стратегија за поставување на здрава граница помеѓу работата и фамилијата е да не се мешаат овие сегменти. Едноставно, додека сме на работа, да не мислиме на домашните задачи, а додека сме дома, да не мислиме на работните обврски. Секако, не можеме ништо да преземеме, доколку не сме физички присутни. И затоа, нема потреба да се преокупираме со работи коишто не можеме во моментот да ги решиме. Наместо тоа, подобро е целосно да им посветиме внимание кога ќе бидеме во можност. Само така ќе бидеме попосветени и на двете полиња”.
Таа смета дека најголемиот предизвик за денешните родители е да стасаат навреме да си го земат детето од градинка или училиште, бидејќи со работното време на нашите компании и хаосот во сообраќај, тоа е речиси невозможно.
„Компаниите треба да обезбедат пофлексибилно работно време за родители на деца до 12 години. Треба да имаат разбирање и да им понудат можности на вработените родители за подобро балансирање на работното време”.
Ако може да промени една работа во своето досегашно искуство како Working Mom, тоа би било да си обезбеди подобар сон (ако е тоа е воопшто возможно). 😅
„Најголем предизвик како мајка на 2 деца, ми беше да спремам докторски студии, додека паралелно одев на работа. Но ете, го постигнав и тоа. Ако имаме силна волја и не се откажуваме од целта, можеме сè да постигнеме. Секако, за ефективно да управувам со времето, користам техники како планирање и дефинирање на распоредите, календари, to-do листи, потсетници, аларми поставување на рутини, делегирање, сетирање рокови и најважното прифаќање на секоја понудена помош и поддршка од семејството.”
За да се наполни со енергија, Ана посветува време на работи што ја релаксираат и исполнуваат, организира фамилијарни и социјални активности, чита книги, вложува во развој на себе и прошетки во природа.
„Сметам дека е покорисно да си ги разбереме сопствените потреби преку истражување на себеси. Треба да ги ислушаме внимателно потребите на своите деца и да се прилагодуваме меѓусебно, отколку строго да се држиме до некои општо прифатени правила за успешно родителство. Она што функционира за некој, не функционира за друг. Сите сме различни личности и треба да си ги почитуваме различностите. Платформата Working Mom им помага на родителите преку овозможување на меѓусебна поддршка. Дефинитивно појаки сме кога знаеме дека не сме сами!” 🙌
Ние жените многу често се чувствуваме како да не можеме да ги задоволиме превисоките барања и стандарди што општеството ги поставува пред нас. Од тука произлегува стресот и чувството на незадоволство поради недостатокот на време за себе, смета Ана.
Таа вели дека тежината на предизвикот да балансираме, не се состои само во управувањето со времето, туку и во справувањето со емоционалниот и психолошкиот товар што произлегува од постојаното чувство на вина.
„Балансирањето на мајчинството и кариерата е еден од најголемите и најсложените предизвици со кои се соочуваат жените во денешното општество. Како мајки, често се наоѓаме на раскрсница помеѓу професионалните обврски и потребите на семејството, што создава постојан притисок да бидеме одлични и на 2те полиња. Често е многу тешко да се балансираат овие улоги и да се најде вистинскиот пат помеѓу нив. Затоа, важно е да разбереме дека нема универзален рецепт за успешен баланс помеѓу мајчинството и кариерата. Секоја жена има свои индивидуални околности и потреби. Најважно е да прифатиме дека не ни треба одобрување од околината. Наместо тоа, треба да се стремиме да бидеме лично задоволни со изборите што секојдневно ги правиме”.
Според Ана, најважно е да се потсетиме дека успехот не се состои во одобрувањето од општеството, туку во процесот на континуирано растење и личната исполнетост од улогите што ги извршуваме како мајки и професионалци. 💡
© 2023 Created with love