Ние жените, а особено мајките, имаме тенденција да поставуваме нереални очекувања од самите себе. Очекуваме да бидеме најдобрата верзија од себе веднаш по враќањето на работа по породилно, без да си дадеме еден неопходен период на прилагодување. 🤷♀️
Ова на своја кожа го почувствувала Ана Амитова – Трајкова, инспиративна мајка која што на потешкиот начин сфатила дека не треба да биде толку строга кон самата себе и треба да си верува многу, многу повеќе.
„Во мојот случај, за среќа, се вратив на работа како лидер на прекрасен тим што ме дочека со ентузијазам и ми ги олесни првите денови назад. Но, притисокот што си го создадов сама на себе дека морам да перформирам како никогаш да не сум била отсутна, ми создаде огромен стрес. Затоа, ова би им препорачала на сите мајки: Дајте си време да се прилагодите назад и не бидете толку строги. Во ред е да не сте веднаш “уходани” назад во работата, да сте побавни и продуктивноста да не ви е на 100%”.
Таа смета дека во Македонија сѐ уште владее некој страв да се зборува на теми како важноста компанијата да ги слуша своите вработени-родители и да биде флексибилна да им излезе во пресрет кога им е неопходно.
Ова резултира родителите да се чувствуваат осамено во предизвиците со кои што се соочуваат, на пример:
⚠️ Бројни промени што се случиле во нивно отсуство на кои треба да се прилагодат за многу кратко време.
⚠️ Чувството на imposter syndrom дека повеќе не се компетентни за позицијата што ја имаат, бидејќи биле отсустни долго време (иако сосема е логично на почеток продуктивноста да им е намалена).
⚠️ Очекување од бизнисот и компанијата дека можат да преземат тон обврски веднаш, како никогаш да не биле отсустни.
⚠️ Нефлексибилност во ситуации кога детето им е болно или треба да го земат од градинка.
⚠️ Општата слика дека родителот не треба кариерно да напредува, бидејќи ако има дете, нема да биде доволно посветен.
„Време е да бидеме гласни! Да се сетиме дека вработените се пред сѐ – луѓе. Ако се третирани како луѓе со сопствен живот, семејство и здрав work-life balance, продуктивноста ќе биде многу поголема, ќе имаме помал burnout, помалку откази, а компанијата ќе биде многу постабилна и ќе постигне поголеми резултати”.
Ана со порака до компаниите:
„Третирајте ги вработените како луѓе, бидете флексибилни, ценете ги, дајте им доволно време да се прилагодат на новата ситуација и пружете им поддршка особено во првите неколку месеци по враќањето од породилно. Оваа “инвестиција” многукратно ќе ви се исплати, бидејќи родителите се експерти за ефикасно менаџирање на време, справување со проблеми, предизвици, неочекувани и непредвидливи ситуации. Реалноста е дека секој би сакал да има вработени со овие карактеристики – ваше е како работодавци да им обезбедите средина каде што ќе бидат најуспешни. И за да имате такви луѓе во својата компанија, особено на лидерски и менаџерски позиции, “се исплаќа” да бидете флексибилни кога детето им е болно или треба да излезат од работа еден час порано”.
Таа смета дека компанијата на родителите треба да им се обезбеди простор за флексибилност и можност сами да си ја организираат сопствената работа за да ги вклопат обврските околу детето во текот на денот. 🤱
Дополнително, работодавците треба да бидат трпеливи на почетокот додека се прилагодат на промените што настанале во нивно отсуство, да обезбедат соодветен onboarding процес после враќањето на работа по породилно отсуство и соодветни обуки за менаџирање на времето и обврските. Треба конечно да ја напуштат културата на overworking и да се фокусираат на ефикасно менаџирање на времето во рамки на регуларните работни часови.
„Мислам дека чувството на грижа на совест кога сме на работа, а не со детето, никогаш не исчезнува целосно. Доста е олеснително кога знам дека детето ми е добро згрижено додека сум на работа. Сепак, тешка ми е секоја минута што не можам да му ја посветам. Но, во тие моменти се обидувам да се потсетам дека секое дете заслужува мајка што е среќна и исполнета на сите полиња, но и жена која ќе му биде пример во животот за тоа што значи успех. Тоа најмногу ме мотивира да продолжам напред дури и кога ми е тешко”.
Реалноста е дека има денови што се тотално хаотични и денови каде што мислам дека сум супержена и можам сѐ да постигнам, вели Ана. Паметното организирање на обврските е вештина што полека ја усовршува. 🦸♀️
„Секогаш приоритет број 1 ми е детето и неговата добросостојба. Што се однесува до работните обврски, гледам на почеток на секоја недела да направам план на обврските што треба да ги завршам, да ги распределам визуелно во календар и да направам соодветни time-blocks. Истата тактика ја користам и за приватните обврски. Запишувам апсолутно сѐ за да не ми избега мислата. На тој начин го ослободувам мозокот од памтење на бесконечната to-do листа. Иако давам сѐ од себе да завршам сѐ навреме, доста сум и флексибилна. Знам да ги одложам или преместам работите што не се итни за подоцна, во случај да не оди сѐ по план. Ако нешто научив од мајчинството, тоа е дека не сѐ што се презентира како итно и ургентно, навистина е така, туку навистина се трудам да проценам што е најприоритетно што треба да се заврши во моментот”.
Еве кои стратегии таа ги користи за да постави здрава граница помеѓу работата и фамилијата:
„Давам апсолутно сѐ од себе кога сум на работа да бидам максимално продуктивна и да го користам времето рационално, но истото важи и за дома. Како една доста очигледна тактика што многумина ја забораваат би ја навела – почитувајте си го работното време и не работете по завршување на истото! Доколку не можете да си ги завршите работните задачи за 8 часа работно време, решението не е во прекувремена работа. Ви требаат или попаметни стратегии за менаџирање на обврските или да научите да бидете храбри и да кажете ‘не’ кога некој друг пробува да ви натовари обврски што не се завршуваат во 40 саати неделно работење. Редно време е токсичната култура на докажување кој работи најмногу саати и очекувањето луѓето да немаат живот и да бидат достапни 24/7, да ја оставиме во минатото. Ајде да го мериме успехот во постигнати резултати, а не во поминати часови пред екран”.
Ссопругот и поширокото семејство се нејзината најголема поддршка. ❤️
„Без нивната безрезервна поддршка и разбирање, животот би ми бил многу, многу потежок. Чувството дека детето ми е безбедно згрижено кај баба му додека сум на работа е непроценливо и ми дава мир дека му е убаво. Секој ден кога ќе го оставам кај баба му, се радува и ги подава рачињата накај неа, што за мене е неизмерна среќа. Понатаму, мојот неверојатен тим покажа неверојатна почит и разбирање кон мојата ситуација и ме пречека назад на работа со ентузијазам. Моментално јас повеќе учам од нив отколку тие од мене, но ваквиот однос ме мотивира да бидам уште подобар лидер и максимално да се борам за нивната добросостојба на работа”.
Недостаток на време за себе и чувство дека цело време нешто заборава, грижата за мало дете и покрај помошта, е минимум full-time работа, објаснува Ана. Додадете на ова full-time професионален ангажман, обврски по дома и само 24 часа во еден ден. 😩
„Природно и нормално е да се чувствувате дека ви е премногу. Важно е да не бидете строги према себе доколку не завршите нешто и да одвоите макар 30 минути време за себе секој ден, без да чувствувате притисок дека мора да е продуктивно. Ако ви се гледа половина час во ѕид или ви се скрола по Instagram, тоа е сосема оќеј. Грижата за себе изгледа различно секој ден. Некогаш е сведена на минимум и е само долго туширање на крај на напорен ден, или само да си легнам веднаш штом го заспијам детето во 8 часот навечер. Сепак, гледам да одвојам време за работите што ме прават среќна – барем еднаш во неделата да отидам на масажа, да истрчам некој километар или да испијам пијачка со другарка.”
Working Mom платформата која е преполна со искуства и порталот mamma.mk за едукација на мајки се места каде што таа се екипира со совети релевантни за нашето поднебје и соодветна едукација, почнувајќи од бременост, па сѐ до менаџирање на работни обврски и родителство.
„Веќе правите многу! Working Mom е прекрасна заедница каде што може да се споделуваат искуства и верувам дека многу мајки (и татковци) се чувствуваат помалку осамени во своите предизвици. Ми се допаѓа иницијативата за организирање на обуки во рамки на самите компании. Би сакала ова да се прошири и секоја компанија да има можност за едукација на ова поле. Тука би додала и иницијатива за едукација на HR професионалците на оваа тема, за да ги имаат сите потребни ресурси да бидат поддршка на новите родители. Од странските ресурси би го препорачала The Real Stuff подкастот, кој споделува реални и нефилтрирани искуства на многу предизвици со кои се соочуваат родителите”.
© 2023 Created with love