Мама Муабет на Екс со Катерина Колева

💔 Најтешкиот момент во моето мајчинство беше кога…

За да го одговорам ова прашање треба да опфатам поширок контекст од мојот живот, бидејќи по карактер сум личност која е achiever, јас не можам да не правам нешто.

Кога станав мајка, ми беше прилично тешко да го надминам тој момент дека сега јас сум мајка и сѐ друго околу мене може да почека.

 

✨ Пресвртна точка во тоа како ја доживувам улогата на мајка беше кога сфатив дека…

Јас СУМ сега мајка, дека на тоа мало детенце јас сум му се. И дека “it takes a village and to raise a child”, односно помошта од најблиските е повеќе од добредојдена.

 

🕰️ Да можам да го вратам времето, би…

Би го послушала сопругот повеќе за работите поврзани со родителствувањето. Модерниот пристап е секако корисен, но за нас има нешта кои се покажаа како контрапродуктивни.

 

☕ Кога сум уморна и преоптоварена, најефикасно ми е да…

Да седнам, да пијам кафе на раат, да поминувам време со мојот сопруг и секако физичкиот одмор, како спиење, ми е многу важен. Затоа се трудам понекогаш кога бебето спие да спијам и јас, иако искрено тоа ретко се случува.

 

💡 Најважната лекција што ја научив од моите деца е…

Научив да бидам трпелива. Научив да не ги водам сите битки, туку само оние кои во моментот се приоритет. Научив од блиску да ја препознавам човечката себичност и да се давам себеси 100%.

Децата ме научија да ги забележувам малите работи/деталите и да не ги пренебрегнувам. И да го намалам темпото. Ништо не пропуштам. Кога сум со нив јас – СУМ, а кога не сум со нив тогаш – ПРАВАМ.

 

😨 Мојот најголем страв како мајка е…

Искрено, се плашам од светот во кој ќе излезат моите деца. И затоа со сопругот се обидуваме сите наши вредности и сета наша вера да ја вградиме во нив уште додека се мали, за кога ќе излезат надвор да имаат основа преку која ќе филтрираат.

📚 Нешто што би сакала да го знаев пред да станам мајка е…

Па, посакувам да знаев дека не можам да ја имам целосната контрола и да биде онака како што јас сум си замислила во однос на моите деца, па и на сѐ друго. 

Не може детето да спие толку колку што мене ми е потребно време за да средам низ дома или да си завршам некоја работа за мојата работа. Не може да спие точно како што тренерот за спиење претпоставил, итн. 

Едноставно посакувам да знаев дека не морам да живеам со притисокот децата да влезат во мојот “калап”.

 

😥 Најчесто се чувствувам виновна како мајка кога…

Се чувствувам виновно кога не поминувам “доволно” време со нив. Се чувствувам виновно кога наместо готвена јадат “брза храна”, односно храна во која јас немам вложено многу труд. 

Исто така, кога посветувам повеќе внимание на новороденото, отколку на другите две.

 

💡Најдобриот совет што го добив за мајчинството беше…

Уживај со нив додека се мали. Кога ќе пораснат поретко ќе ги гледаш, поретко ќе ги прегрнуваш и ќе посакуваш да го вратиш времето.

 

🫂 Осаменоста во мајчинството ја надминувам со…

Читање Библија, читање друга литература, разговор со мојот сопруг, разговор со други мајки, прошетки…

 

Автор: Катерина Колева