Мама Муабет на Екс со Весна Алексовска

💔 Најтешкиот момент во моето мајчинство беше кога…

Бев на породилно, на самиот почеток. Додека чекав да се врати маж ми дома, се чувствував сама, исплашена, беспомошна, ми требаше човек, ми требаше да имам 5 минути слобода… некогаш со солзи гледав во вратата и заспивав со бебето во раце.😭

 

✨ Пресвртна точка во тоа како ја доживувам улогата на мајка беше кога сфатив дека…

Јас и ќерка ми сме тим. Ние против светот, ние за светот. Секоја обврска, секоја прошетка, секој момент на среќа и тага беше споделен … сфатив дека тоа е љубов – најголемата, најубавата, најдобрата, најсреќната, нема друга како неа и не се споредува со ништо.

 

🕰️ Да можам да го вратам времето, би…

Би си кажала да не се грижам, да го прегрнам секој ден со насмевка, да бидам поискрена и да кажувам НЕ многу почесто.

 

☕ Кога сум уморна и преоптоварена, најефикасно ми е да…

Да пуштам музика и да танцувам, да скокам, да пеам на цел глас, да чувствувам слобода, да се почувствувам себеси.

 

💡 Најважната лекција што ја научив од моите деца е…

Секое ново пријателство има свое значење, има зошто ти дошло во животот. Секој момент на болка и среќа треба да се доживеат во целост. Научив дека денес е за денес, за утре ќе мислиме утре. Играј, танцувај и ослободи ја фантазијата.

😨 Мојот најголем страв како мајка е…

Дали сум добра мајка? Што значи добра мајка? Дали сум добар пример?

 

📚 Нешто што би сакала да го знаев пред да станам мајка е…

Дека е ужасно тешко, дека има многу страв и тага, никој не кажува од колку многу работи треба да се откажеш, никој не кажува колку боли, колку може да биде осамено на моменти, никој не кажува колку многу поддршка ти треба. Зборувајте мајки, нема кој да зборува за нас. Не смееме да се лажеме меѓу себе. И најтешките моменти треба да се споделени исто како и најсреќните.

 

😥 Најчесто се чувствувам виновна како мајка кога…

Кога патувам за работа или со друштво, кога некои денови немам време да ја гушкам ќерка ми, да бидам до неа, да правам нови работи со неа. Ама знам дека треба да бидам пример, дека жената не е само мајка, туку и милион други работи.

 

💡Најдобриот совет што го добив за мајчинството беше…

Издржи, ќе биде подобро. Уште малку, уште малку … ден по ден …

 

🫂 Осаменоста во мајчинството ја надминувам со…

Креативност, фантазија, слобода, станувам дете со мојата ќерка и тогаш ништо не е важно веќе, заедно можеме сѐ.

 

Автор: Весна Алексовска