За нежното родителствување (gentle parenting) и неговото влијание врз нашите деца

Претходната недела, зборувајќи за слатките маки дека моето доцнење се должи на бесконечната дискусија што да се облече за во градинка со моето 2 ипол годишно девојче, бев осудена, (од личност со која не се познаваме), дека тоа се должи на нашето нежно родителствување. 🤔

Како психолог и мајка, секогаш сум отворена за совети, па и коментари, се насмевнувам и продолжувам со денот, но секогаш рефлектирам и размислувам дали тоа нешто значи и како би можела да го искористам за да го подобрам своето родителствување. 

Овој пат, некако особено ме погоди. Својата едукација и живот ги посветив на проучување на луѓето како најголема енигма за мене, а кога дојде ред родителството, купив безброј книги од кои ниту една не прочитав, и кои веднаш ги ставив да ги красат полиците. 

Зошто? 

Затоа што го поседувам номиналното знаење на академската психологија, и отвореноста да го следам детето и да се прилагодам на неговите потреби. 

Свесна сум, и работам на себе, иако понекогаш се фаќам затекната од социјалните норми, наративите на социјалните мрежи и модерните книги за самопомош. Но, да се вратиме на нежното родителствување. 

Во теоријата постојат многу поделби за родителствувањето. Најпознатата, и да речеме најраспространетата ги дели родителите на три видови на родителство:

⭐Aвтократско – јас наредувам, ти следиш, 

⭐Aвторитетно – јас те водам, ти одлучуваш и 

⭐Oпуштеното (laissez-fair родителство) – ти одлучуваш, јас не ти наметнувам никакви правила, забрани или граници. 

Првото, е практика на некој социјален систем кој постоел пред нас. Владеел по страв и почит. Повеќе страв, и наметната почит. На детето е одземено правото на критичко мислење, и одредување на важност на авторитет. 

Дали тоа ни покажа генерација на исполнети луѓе, или луѓе кои прифаќаа, само да не се спротивставуваат на наметнатиот авторитет? Дали свесно размислуваме на ефектите на стресот над психосоматиката? 🤷‍♀️

Второто, дава можност на детето да одлучи, но родителот ја има водечката улога. На децата, како и на сите нас, им е потребен водач. 

Но, секое дете е различен темперамент и носи со себе различни карактеристики. Водениот пристап значи заедно да најдеме насока, која ќе го води детето кон исполнет живот. 

Ќе има препреки? Секако. Но ќе има ли намален ризик од психосоматика? 

Последниот стил е стил на отсутен родител, кој е насочен кон сопствените приоритети, а се прикрива под модерниот норматив на слободата. Нема да зборувам многу за оваа тема. 

Преку осудувањето за нежно родителствување, вторите родители ги сместуваме во третите. Теоријата никаде не потврди дека агресивноста, физичкото насилство и високиот тон, доведоа до посреќни и поисполнети деца. 

Напротив, децата пораснати во семејство на отвореност, љубов, емпатија и разбирање, растат во возрасни и професионални кои ќе ги практикуваат принципите кои ги научиле дома. Да не заборавиме дека семејството е примарниот фактор на социјализација на секое дете. 

Децата во првите години ја поседуваат способноста само за доживување на примарни емоции. Па изразите ‘ми тера инат’, ‘љубоморно е’, ‘одбива да јаде затоа што не сака грашок’, најчесто имаат друга позадина. 

Транзиција? Тага? Физичка потешкотија? 

Неможност да искаже нешто? Рефлексија на семејна ситуација? 

Сѐ е можно. 

Децата се луѓе, и заслужуваат разбирање и можност да израснат во здрава средина. А најголем благослов кој можат да го добијат, е присутен родител. 

Ајде да им го овозможиме тоа! 🚀

 

Автор: Моника К. Томашевска – психолог, мајка.