Мама Муабет на Екс со Елена Бубало Михајловска

💔 Најтешкиот момент во моето мајчинство беше кога…

Најголемиот син започна во училиште и се соочив со реалноста за тоа како влијае нашето воспитување како родители во борбата со уличното воспитување. 

Тоа ми беше една шлаканица за да се освестам и да ги тргнам розевите очила. Во тој ист момент престанав да читам сѐ што има да каже една мајка со бебе дома и да соли памет што е мајчинство. 

Додека се само покрај нас, лесно е да кажуваме и споделуваме искуство, ама кога ќе ги пуштиме сами надвор, тогаш нема никој гласен, сите се повлекуваат и тогаш ти викаат оди на детски психолог. 

 

✨ Пресвртна точка во тоа како ја доживувам улогата на мајка беше кога сфатив дека…

Брзо растат и дека морам да го уживам секој момент со нив макар и тешките моменти. Секој ден барам начин како да сакаат да останат покрај мене. 

Денес вртев листови за да ми каже најголемиот син: „Добро, ајде вечер ќе правиме нешто со листови – arts and crafts. Не мора да дојде другарче на гости!” Mоја мала победа.

 

🕰️ Да можам да го вратам времето, би…

Би почнала да раѓам порано деца. Првото го родив на 27, a третото на 35 години.

 

☕ Кога сум уморна и преоптоварена, најефикасно ми е да…

Да го оставам телефонот на страна, да го напуштам домот, затоа што постојано имам работа во него, да ги качам децата во кола и да отидеме во природа, дури и да нарачам храна по пат за да ја земам. 

 

💡 Најважната лекција што ја научив од моите деца е…

Вистински да ги слушам, а не само да им климам со главата демек слушам, затоа што тие знаат и следат сѐ и се навредени ако е обратно. 

😨 Мојот најголем страв како мајка е…

Болест и прерана смрт.

 

📚 Нешто што би сакала да го знаев пред да станам мајка е…

Да не почнувам ништо ново со работа, нови проекти баш кога треба да сум си со бебето, туку да работам помалку за да уживам повеќе во времето со нив. 

 

😥 Најчесто се чувствувам виновна како мајка кога…

Ќе им се развикам на децата. Јас работам на себе, се обидувам да бидам смирена, ама луѓе сме и едноставно не можам сѐ да исконтролирам, а сигурно и не мора. Важно ми е да сум свесна каде грешам, па пробувам да поправам за нареден пат.

 

💡Најдобриот совет што го добив за мајчинството беше…

Елена, не брзај да им правиш посебни соби на децата. Најубавиот период од животот е кога сите живеете во една соба.

 

🫂 Осаменоста во мајчинството ја надминувам со…

Поминување повеќе време сама со сопругот.

 

Автор: Елена Бубало Михајловска