Би почнала со тоа дека дефинитивно има разлика кај жените во однос на нивниот работен процес пред и по станувањето родител. Сигурно и кај татковците, но сега ќе говорам само за себе. 😊
Пред да станам мајка, описот на работното место и условите ми беа важни да, но не до тој степен како откако станав родител.
Кога тоа се случи, други моменти беа во игра како:
☑️ Флексибилноста на работно место
☑️ Стабилноста во однос на плата
☑️ Емпатијата и разбирањето од менаџментот
☑️ Можноста за работа од дома
Сето тоа го пронајдов на актуелното работно место, на позиција консултант за Финансии за ERP систем во една IT фирма во Скопје.
Иако ги уживам тие некои бенефиции, секако родителството во ова време не е баш најлесно за мене, а и општо верувам за сите, заради повеќе причини…
Прво, очекувањата од општеството за жената се превисоки. Таа треба да е успешна и активна на сите можни приватни и кариерни полиња – практично да е октопод. 🐙
Второ, работното време најчесто не е како порано што било од 8 до 14 часот или од 7 часот.
Верувам повеќето работиме за странски фирми или во најмала рака странски клиенти, па така работниот ден почнува од 9 часот, ако не и подоцна. на тој начин, балансот помеѓу семејството и кариерата е малку потешко да се воспостави.
Трето, порано луѓето генерално живееле во заедница, каде бабите/дедовците биле млади пензионери заради X причини или невработени.
За разлика од денес, кога тие се исцрпени од работа, па ја чекаат старосната пензија за да се одморат, а не да продолжат со неплатена работа – бејбиситување. Поради тоа имаме “помалку раце” за помош.
Четврто, и да не говорам за моментот дека многу семејства се по потекло од други градови низ Македонија, каде поддршката од семејството ја добиваат поретко заради физичката оддалеченост.
Мојата приказна е дека иако повозрасниот син е во градинка од свои 8 месеци (тоа беше единствената солуција), тоа не нè спречи со сопругот да размислуваме да му подариме братче. 😊
Моментално сум на породилно отсуство по втор пат. Сега од втора, кога барем за мене е психички порелаксирано, гледам да најдам време да ги прочитам актуелностите поврзани со моето работно место, на некој начин to keep up with everything, барем кога бебето спие, а брат му е во градинка.
Еден од поголемите предизвици што го искусив како мајка ми беше преминот од едно на друго работно место – премин од една во друга индустрија: од продажба на инвестициски фондови – во IT индустрија со гап од 4 месеци, кога првиот син имаше само 9 месеци.
Да си невработен некое време, а истовремено родител, не е ни најмалку лесно, пред сè психички. Но, ете и тоа помина и се надмина, секако, најмногу со поддршка од сопругот и најблиските.
Си го најдов сопствениот мир во моето душевно катче кое ми велеше:
Не мора да си најдобра секој ден. Некој ден биди и оќеј на сите полиња со цел да не прегориш и да си го сочуваш пред сè менталното здравје. Биди во некоја зона каде што ќе бидеш задоволна од сама себе и горда на сама себе, притоа радувајќи се на животите кои си ги создала и благодетот кој ти го дал природата. ❤️
И второ: Внимавај каде ја расплинуваш својата енергија која ти е најважен ресурс! Потребна си пред сè и над сè дома и на работа (каде одиме со крајна цел да го одржуваме домот финансиски). Сè друго може да почека додека да најдеш време за истото!
Се водам до тоа дека не мора секогаш да има ручек зготвен од мама дома, не мора секогаш да свети домот од чистота, бидејќи тоа нема да го паметат моите синови.
Тие ќе паметат колку мајка им издвоила време за нивниот развој преку игра и слично и колку пати им покажала и докажала дека се неизмерно сакани.
Една жена е можеби заменлива секаде, освен во својот дом, меѓу своите најсакани. Затоа мајки, главата горе, одлични сте и кога мислите дека не сте!
Не потпаѓајте под влијанија и притисоци на околината и општеството, туку водете се по сопствените правила за добро родителување и сопствениот инстинкт! 💪
Автор: Маја Дургутова
© 2023 Created with love