„Како би се викал филмот снимен според мојата вистинска приказна?”
Често ме прашуваат како ми е како жена “со сопствен бизнис”, со кариера?
Одговарам – „Добро ми е, благодарна сум! Воопшто не се доживувам како “директорка” но тоа е перцепцијата која ќе се спомне дека имам моја компанија. 😊
За мене најголемата придобивка од мојот кариерен пат е што можев и можам да избирам кога и колку ќе сум дома со децата, а колку ќе се посветам на работата – да бидам подостапна за нив. Тие ќе кажат колку успевам во ова. Мислам дека многу мајки со ова можат да се поистоветат.
Потребата да можам да ја имам флексибилноста се појави со раѓањето на мојот прв син. Морам да кажам дека со добивањето на таа за мене најважна “титула” мојата работа доби друга димензија, свесност и одговорност на сосема друго ниво.
Го сакам ова што го работам и сакам на моите деца да им дадам пример дека вреди да се вложиш во работа што ја сакаш. Да се избориш за неа, наместо децата да се изговор или причина што не си успеала и професионално да се реализираш.
Денес сум мајка на 3 мили деца – син од 20 години и близнаци од 11 години. Благодарноста што сум нивна мајка ги надминува сите граници што можат да се опишат со зборови.
Истовремено сум консултант за човечки ресурси, тренер и бизнис коуч во моја компанија што ја започнав во 2011 година – на некој начин како идеја од дневната соба, со многу љубов и уште повеќе труд и посветеност.
Затоа што таму започна ова мое професионално патување – помеѓу играчките, детската смеа (и плачење 😅) и купот домашни задачи. Немав канцеларија (и денес работам главно од дома), немав тим, големи буџети – имав само идеја и силна волја.
Дневната соба е главниот “плоштад” на кој се случуваат најважните нешта во денот. Утрата со подготовките за училиште, денот со работа на лап топ и домашни задачи, вечерта со прегратките на троседот. Ја сакам таа магија на секојдневието.
Почнав со желба да им помогнам на компаниите да ги изградат своите тимови на здрави основи – со вистински луѓе, добра организациска култура и фер пристап.
Често работев кога сите спиеја, а планирав кога децата беа на училиште или градинка. Немаше некој гламур, имаше само страст и упорност.
Во 2011 многу блиски не можеа да разберат како се одлучив за оваа област по скоро 12 години во маркетинг. Првата моја професионална сертификација на Ерискон коучинг колеџот беше во Белград, како прва учесничка од Македонија на оваа престижна програма.
Убави времиња, многу ентузијазам. Некои гледаа ризик, опасност – јас гледав можност и потреба. Денес ми е мило што бев во право.
Искрено – тоа е мит што треба да се разоткрие. Ништо не е лесно – многу труд, планирање, координација. На позицијата мајка – одгледувањето деца е работа со полно работно време, а водењето бизнис исто така.
Жените кои се обидуваат да го направат и едното и другото не заслужуваат да се гледаат само како „снаодливи“, туку како еден вид херои на секојдневието кои придонесуваат и дома и во заедницата.
Да, можеме, успеваме, но тоа не значи дека е лесно…и не успеваме секогаш и во се’, и тоа е во ред! Тоа значи дека вложуваме огромен напор, често на сметка на сопствениот одмор и мир.
Тука е и мојот најголем предизвик – грижата за себе, која знам да ја ставам во заден план (а не треба 😊). Се работи за секојдневни ИЗБОРИ кои ги правиме, за да стигнеме до она што го посакуваме.
Кога балансираме – се чини како постојано некаде да не е наместено како што треба, едната страна да натежнува. Значи – не е баланс, туку вклопување на сите коцки во мозаикот.
Исто така, учев да прифаќам дека не мора сè да биде совршено, дека домот нема секогаш да изгледа како од каталог – но ќе биде топол, со многу љубов и сигурност.
Морам да ја напоменам и поддршката од поширокото семејство, бабите и дедовците. Тие се столбот во заднина – понекогаш чувари, понекогаш советници, а најчесто – нашата најсигурна резерва кога сè друго ќе откаже. Без нив, многу моменти немаше да бидат возможно да се изведат.
Среќна сум, не само со мојата работа и придонесот кој мислам дека го има во заедницата, туку и со тоа што моите деца растат со пример – дека со труд и посветеност можеш да бидеш и родител и лидер, и готвачка и преговарач, и трпелива и амбициозна. ИМА МОЖНОСТИ што со лично залагање се достапни за секого.
Најважно – успех за мене кога навечер сите сме дома, се смееме, иако денот можеби бил долг и хаотичен. Кога ќе добијам порака од клиент дека денот му е поинаков по нашата обука – тоа е успех.
Мојата работа обезбедува и финансиска стабилност на семејството, нешто што треба да се цени и признае. Успехот има многу лица – за мене успех е кога сме го добиле она што ни е важно – што и да е тоа за нас.
Почнете. И ако не знаете сè – ќе научите. Ако се плашите – добро е, значи ви е важно. И не мора сè да биде големо и идеално од почеток. Големите работи често почнуваат и се развиваат токму од дневната соба. Обезбедете си поддршка – како на пример платформата Working Mom. ❤️
Опкружете се со луѓе кои веруваат во вас и вашата визија, тоа е клучно. Вклучете ги – не очекува никој да направите сè сами. Креирајте заедница во која идеите и соништата возможни и најважно од сè – верувајте во себе!
Автор: Наташа Ивановска – мајка на три деца и претприемачка, основачка на INSIGHT Group – консултантска и тренинг компанија за организациски развој
© 2023 Created with love