Во денешно време сите мајки сме преплавени со содржина за родителство од други мајки. Често на социјалните мрежи може да видиме како една мајка прави сама играчки за детето или како лепи шарени макарончиња на картон.
Друга мајка, пак, има цела детска соба од соништата внатре уредена како за во списание. Или споделува како секој ден му готви здрави балансирани оброци на своето дете (и како детето целата чинија ја изедува). 🙄
Пред 3 ипол години кога станав мајка, и јас потпаднав под оваа влијание. Почнав и јас да пробувам да ги правам сите овие работи. Но, тоа многу тешко ми одеше и ми предизвикуваше анксиозност.
Дури почнав и да се прашувам дали сум доволно добра мајка бидејќи такви работи не ми “лежат”. Но, затоа пак, имаше моменти кога со ќерка ми скокавме на кревет, игравме со топка, со колички, мноооогу се смеевме и ни беше ептен забавно, во кои моменти се чувствував одлично.
И тогаш еден ден застанав и си реков:
„Чекај малку, ајде да размислиме убаво. Што е она што јас како мајка го носам и што е она уникатно кај мене, што другиве мајки го немаат?”💡
Кога ставив на “тацна” кои се моите уникатни карактеристики и која е мојата вредност, што е она што јас го правам за моето дете што другите мајки не го прават, тогаш одлучив дека веќе нема да се споредувам. Напротив, ја променив мојата перцепција со која го гледам контентот на интернет.
Денес, секогаш кога ќе ми излезе контент од мајка, застанувам и свесно размислувам:
„Дали ова што го гледам е во склад до мене? Дали можам да извлечам некоја инспирација?”
Доколку тоа е не e случај, само си кажувам БРАВО за оваа мајка и си продолжувам со денот. Јас мојот живот не го снимам и не го прикажувам на социјалните мрежи. Но, сигурна сум дека доколку би почнала, сигурно би имало мајки кои и мене ми би викале браво.
Секоја од нас заслужува едно големо БРАВО, бидејќи сите правиме она што е најдобро за нашите деца. Но и сите ние сме уникатни и имаме свои уникатни работи што ги носиме. И тоа што го правиме треба да биде во склад со нас. 👏
Ова не значи дека ако нешто функционира кај една мајка, дете, семејство, ќе функционира и кај нас. Затоа, ве охрабрувам да си ги најдете своите уникатни работи што ги носите само вие и да ја смените перцепцијата со која го гледате контентот на интернет.
Нека тој ви служи како инспирација, а не како причина за анксиозност.
Автор: Ивана Тасеска
© 2023 Created with love