Во еден бизнис свет каде секоја втора фирма тврди дека вработените се како едно гооолемо семејство, иронично е како може во дел од секундата да бидете ставени на маргините само затоа што сте жена која сака да има семејство.
Често се случуваше да добивам прашања околу моите идни планови и на истите наивно одговарав мислејќи дека интересот е од чисто пријателски побуди.
Спротивното никогаш не се докажа, но при последниот разговор со мојата надредена како утеха ми беше кажано следново: „Ете – сега конечно ќе можеш да се посветиш на сопругот и вашето идно семејство.” Една поразителна реплика кажана од жена-мајка на жена која сака да биде тоа.🫣
Да се остане без работа нецел месец пред свадба, среде еден куп заеднички планови, беше далеку од идеално. Згора на тоа, следеа месеци и месеци трагање по нова работна позиција која ќе ги исполни моите критериуми и ќе ми овозможи да ги остварам своите потенцијали.
За време на потрагата се случија бројни интервјуа, а на дел од нив сè уште ги добивав истите лични прашања:
Дел успеав да ги одбегнам. Дел ги одговорив со неверување, прашувајќи се дали треба да ми биде непријатно мене или на тој што ми ги поставува.
По завршувањето на интервјуто посакав никогаш да не добијам повратен одговор. Како да работам во средина каде платата на брат ми беше поважна од моето професионално портфолио? 🧐
…И тогаш, се случи нашето мало чудо. Веста дека сум бремена за момент ги избриша сите грижи и постоеше само мислата дека за девет месеци нè очекува нова авантура. Максимално се посветив на личната благосостојба, ставајќи ја потрагата по работа во втор план.
Fast forward, Костадин има 7 месеци, а мама веќе некое време истражува опции. Ќе излажам ако речам дека овој пат нема предрасуди околу мајчинството, но мојот став сега е поинаков.
Сега не дозволувам мојата страст за наоѓање на правата позиција и за обезбедување побезбедна иднина за моето дете да бидат под влијание на чудовиштето наречено несигурност.
Желбата да имам семејство не беше моја слабост. Напротив – таа стана една од моите најсилни страни! Сега кога семејството ни брои тројца, имам уште поголем мотив да стигнам до својата цел. 🚀
Првично морав да се ослободам од чувството на вина. Mи се чинеше дека ако сум посветена на семејството, нема да имам време да се посветам на работата. Моето семејство е мојата движечка моќ, а не кочница.
Функционалноста на моето тело и ум се од клучна важност за секоја улога која ја играм – приватно и професионално. Тотално истоштување (burnout) нема да ми користи ниту мене, ниту на моето дете, ниту на моите работни задолженија.
Начинот на кој живеам и на кој се справувам со предизвиците сакам да биде пример за син ми. Сакам да биде храбар, упорен, да си ги следи желбите, да ја знае сопствената вредност, да не толерира неправда и да најде мотивација што ќе го движи – онаква каква што најдов јас кога тој дојде во мојот живот. ❤️
Автор: Магдалена Блажеска
© 2023 Created with love