Како да им помогнеш на своите деца да го реализираат својот потенцијал?

Ќе почнам од зборот МАЈКА. Свет збор. Благословен од Бога.

Мене Бог ме благослови со рожба на мои 22 години кога добив син. Најголемата среќа и гордост ја почувствував тогаш. Чувството им е познато на сите мајки. 🤱

За среќата да го достигне врвот, на 24 години добив и ќерка. Фала му на Бога. Сполај му.

И двете мои чеда се прекрасни, интелигентни и среќни сега. Возрасни веќе. Студенти.

Ова го пишувам во контекст на темата за која сакам да го споделам моето искуство како мајка во делот од нивното образование.

Јас се вработив кога син ми почна трето, а ќерка ми прво одделение. Оттогаш почна мојот стремеж да им бидам поттик и поддршка во нивното образование и мојот труд и финансиски да допринесам во нивниот развој и успех во учењето и животот.

Во тие години наназад (13тина), со неразвиена технологија и тешко наоѓање работа, и многу ниски приходи, па и не беше толку лесно да бидеш и дома и на работа, а да останеш силна и полна со енергија за да ги издржиш сите предизвици со кои се среќаваш.

Имаше многу тешки денови, непреспани ноќи, премореност до бескрај, но поривот да бидам секогаш достапна за децата за да им помогнам во секоја нивна потреба, беше посилен од сè.

Имав чувство дека можам и планини да прескокнам. Само децата да ми бидат среќни, добри, исполнети и задоволни. 💪

Уште од најрана возраст, имаа афинитети кон науката, се стремеа кон успех, со една неисцрпна енергија за искачување врвови, желба за убав и културен живот.

Да не се трудевме доволно, ќе беше една огромна штета ако не ги поттикнев да напредуваат.

Кога детето го сака нештото што е добро за сите во семејството, почнувајќи од самото себе, како родител ќе најдеш начин и време за да придонесеш и да помогнеш во нивната реализација на таа желба.

И покрај тоа што сами ги совладуваа материјалите во училиште, сепак секогаш бев тука до нив за проверки ако побараат. И за критика исто. Така се стекнаа со една прекрасна навика за педантност, принципиелност, континуитет и конзистентност во самото учење и творење. И основното и средното образование ги завршија со континуирано одличен успех.

Јас како мајка секогаш бев и сум тука за нив за поддршка, и емотивно и за наука, како и нивни голем критичар, советник и пријател за да правилно се насочат да го одат патот кон успехот и да стигнат до замислената цел.

Никогаш не им наметнав одлуки, секогаш им давам само мое мислење и поддршка во нивните одлуки, со мотото: „Што ќе посееш, тоа ќе жнееш”. 💯

Како доста строга мајка, мислам дека децата стануваат посамостојни и самоуверени, а со тоа се доаѓа до взаемна почит, семејна блискост и отвореност, комуникација и сето тоа вродува со сладок плод.

Само со негување здрав семеен однос,доверба, разбирање и почит, секоја пречка се пребродува полесно.

А јас како доволно посветена мајка мислам дека придонесов моите деца да се оформат во здрави, образовани, културни личности и веќе знаат што сакаат од животот.

Мојот стремеж  и поттик вродија со добар плод, мојата мисија во нивниот образовен  процес е успешна.

Јас сум добар учител, а тие добри ученици кои ја научија лекцијата за убав и квалитетен живот.

Понатаму им останува да ги следи среќа и успех во идните чекори до дипломирање и вработување.

Бидете и вие добри, грижливи, посветени, но и строги родители. Само така успехот е загарантиран. 🚀

 

Автор: Билјана Петрова