Пред нецела година, на меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари, се роди „Правопис за деца“. Се роди од желбата да им се помогне на децата и на родителите подеднакво да го прифатат и да го совладаат македонскиот јазик.
Она што започна како мала едукативна страница на „Инстаграм“ брзо прерасна во искрена мисија: учењето на граматиката и на правописот да се направи забавно, привлечно и достапно за секого.
Не планирав да основам бренд. Не планирав брендот да го претворам во свој бизнис. Кога ја објавив првата јазична лекција на „Инстаграм“, единствената цел ми беше да создадам мало катче каде што децата и родителите ќе можат да учат заедно – простор каде што правописните правила ќе бидат објаснети на начин што децата вистински го разбираат, каде што ќе се негува љубовта кон мајчиниот јазик и кон културното наследство.
Меѓутоа, како што поминуваше времето, се случи нешто прекрасно. Почнаа да пристигнуваат пораки од родители од цела Македонија. Ми раскажуваа како им ги читаат објавите на своите деца пред спиење, како цело семејство учи заедно, како се изненадиле што толку работи не знаеле. Денес, на моја огромна радост, „Правопис за деца“ стана заедница од над две илјади пријатели што ја делат истата страст за мајчиниот јазик.
Заедно создадовме многу забавни и интерактивни лекции и откривме многу јазични „мистерии“. Сè на што работев досега работев со огромно внимание и љубов, па затоа сум многу благодарна што ми се исполни желбата оваа страница да предизвика љубопитност кај младите умови и да ги инспирира да се гордеат со својот мајчин јазик.
Секако, идејата ќе останеше без реализација да не беше мојата најголема инспирација и мотивација, мојата ќерка Ника, според која и е креиран главниот лик на „Правопис за деца“. Веројатно идејата постоеше и долги години наназад, некаде длабоко во мојата потсвест, но ми беше потребна токму Ника за да добие свое отелотворување.
Да се балансира меѓу мајчинството и секојдневните работни обврски, а притоа да се работи на свој бренд што е во зародиш, не е воопшто лесно. Како и многу други родители, честопати се чувствувам како да жонглирам со сите животни улоги – брзам од работа да стигнам дома, подготвувам ручек додека одговарам на пораки, сосема уморна за да креирам нова содржина за „Правописот“ доцна навечер, кога дома е конечно мирно. Сакам да бидам целосно присутна во детството на Ника, да го истражувам светот покрај неа, да одговарам на нејзините бескрајни прашања и да ја славам секоја мала победа.
Во исто време, сакам да продолжам да го негувам растот на својот бренд бидејќи верувам во неговата мисија и влијанието што го има. Целата исцрпеност се исплати во оние навидум сосема обични, но за мене многу важни моменти – кога Ника ќе ме изненади со нешто ново што го научила, кога некој родител ќе ми испрати порака за да ми каже дека сите дома заедно учат од „Правопис за деца“, кога гледам дека оваа мала заедница расте…
Тука морам да кажам дека ништо од ова не би било возможно без мојот сопруг Александар, мојот партнер во секоја смисла на зборот, без чија поддршка не знам како би се снашла. Ника може да ви потврди дека е тој, без претерување, најдобриот татко на светот – трпелив, присутен, секогаш подготвен да помогне. Функционираме како тим и најмногу ме инспирираат убавите (а понекогаш и хаотични) моменти од нашето секојдневје.
Еден едноставен разговор, смешна јазична грешка од страна на Ника или Алек, или приказна пред спиење – од сè може да произлезе нова јазична лекција. Оттука, „Правопис за деца“ не е само мој личен проект, туку е рефлексија на нашето семејство, нашите вредности и начинот на кој се обидуваме учењето да го направиме радосен дел од секојдневниот живот.
Кога „Правопис за деца“ полека почна да ги надминува моите очекувања во поглед на растот, сфатив дека сето ова може да стане многу повеќе од платформа за јазични совети. Колку повеќе работев на „Правописот“, толку повеќе идеи постојано ми доаѓаа – идеи што би можеле да го направат учењето уште попривлечно и подостапно за децата. Затоа решив да го направам следниот голем чекор.
Моментално ја пишувам својата прва книга, а многу наскоро воведуваме и цела палета производи за деца, како сложувалки, боенки и интерактивни игри – сите дизајнирани да им помогнат на децата да ги совладаат азбуката, правописот и граматиката на разигран начин.
Она што ме прави најсреќна е сознанието дека овие ресурси не само што ќе им помогнат на децата туку и ќе ги поддржат родителите учењето да стане природен дел од секојдневниот живот, а се надевам ќе им обезбедат и на наставниците нови, привлечни алатки за реализација на наставата во училницата.
Покрај тоа, оваа година започнувам уште нешто ново – јазични работилници. Првата, одржана непосредно пред Нова година, беше неверојатно искуство, исполнето со смеа, љубопитност и практично учење. Одѕивот беше одличен и го потврди она во што отсекогаш сум верувала: децата најлесно учат низ игра.
Затоа, едвај чекам да организирам нови работилници што ќе го оживеат јазикот и ќе создадат уште повеќе можности за децата да истражуваат, да играат и притоа да учат. „Правопис за деца“ веќе стигна подалеку од она што некогаш го замислував и не се сомневам дека ова е само почеток на едно неверојатно патување.
А морам да дополнам и дека сето ова не го правам сосема сама. Ако „Правопис за деца“ има лице, тогаш тоа лице е Марко Трпески, илустратор и графички дизајнер со кого долго време соработувам и кој ми ја оживува секоја идеја.
Доколку сакате да бидете во тек со сите содржини, следете ја @pravopiszadeca на „Инстаграм“ и приклучете се во нашата група на „Фејсбук“. А доколку сакате да разменуваме мислења и искуства, може да го побарате и мојот профил на „Linkedin“.
Автор: Кристина Дукоска
© 2023 Created with love