За децата и растенијата во домот од аголот на еден ботаничар

Како едукатор зад профилот botanico.mk и мајка на мало детенце и миленик, секогаш ги охрабрувам мајките кои имале растенија уште пред да се остварат во оваа улога или сакаат да започнат со нега на растенија во мајчинството, да го направат тоа без страв, а ќе ви кажам накратко и зошто. 🌺

Ќе започнам со тоа дека моето дете е растено во дом со многу растенија – ќе ви кажам дека имам преку сто растенија дома, од кои 30тина на дофат и дополнително преку илјада во лексаник. Пред моето дете, и мојот миленик е растен на истата територија и фала му на бога, до сега не сме имале инциденти, ниту очекувам да имаме. Ве уверувам дека бенефитот од растењето на вашето малечко во ваква средина, ќе го победи вашиот страв да ја започнете вашата зелена приказна.

 

Зошто луѓето имаат страв од “токсични” растенија 

Нема да ви кажам дека растенијата не се токсични, но ќе ви објаснам што е токсично и зошто е генериран страв поврзан со оваа теза уште од нашите предци, иако сепак до сега никој не умрел од растение дома.

Во составот на клеточниот сок на едно растение има различни хемиски компоненти како на пример: млечен латексен клеточен сок, оксалати, ликорин, хедерини, сапонини, танини и останати соединенија кои при ингестија (т.е конзумација) може да создадат од помали симптоми како што се дигестивни проблеми, течна столица, гадење итн. до труење. 

Колку е помала килажата на живото суштество кое ги ингестира дете/миленик, со толку помала доза може да настане побрза реакција.

Но, многу често зборувам дека ова не треба да ве плаши како родители, бидејќи како што децата додека се мали не ги оставаме сами со остри предмети, запалливи супстанции и останати работи опасни по нивното здравје, така и со растенијата треба да се однесуваме претпазливо и детето да го запознаваме со истите во домот, со цел при одење надвор од дома (на гости, во ресторан итн) детето да не посегне истото да го стави во уста бидејќи му е непознато. 🌼

 

Децата и нивната љубопитност 

Децата, особено оние помалите, уште од почетокот на нивниот развој на различни начини ја осознаваат природата и околината, па така секоја нова форма или предмет го доживуваат со возбуда и сакаат да го допрат и стават во уста.

Првиот сензорен орган, после малите рачиња, преку кој малите деца ги спознаваат работите е усната празнина, односно се она што го допира детенцето, го става во уста со цел подобро да го осознае и да ја задоволи својата љубопитност.

Верувајте ми, подобро е да го учите детето дома како да се однесува со растенијата и дека истите не се храна, отколку да ве дочека неспремни ставање во уста растение кога ќе појдете некаде каде што има растенија, бидејќи не можете да го спречите тоа.

 

Предности на децата кои растат со растенија

Кога детето расте покрај растенија, од мали нозе ја разбира потребата за нега, гради трпение кон околината, се учи да ја сака природата и да ја негува, не се плаши да се извалка со земја, сака да помага во активностите и поминува квалитетно време со родителот.

Поради ова, во иднина се надевам дека вашите дечиња ќе бидат добри помошници и заедно ќе имате градина каде тие ќе учествуваат во садење и одгледување на своето растение. 🌿

Исто така би сакала да ве поканам да го следите мојот профил и да не пропуштите можност да го донесете детето на работилници за запознавање со природата, садење растенија, учење за сите бенефити од здравото живеење во зелена и убава еколошка средина.

 

Автор: Силвана Стефановски