Растеме заедно: Како да воспитаме независни и успешни деца

Една од најважните лекции што ги научив во бизнисот и во родителството е дека растот доаѓа кога ќе ја прифатам несигурноста и ќе оставам работите да си се тркалаат сами. 💯

Како сопственик на успешен бизнис и мајка на две деца, сфатив дека претприемничкиот дух и родителскиот пристап се многу слични. И двете улоги бараат негување на потенцијалот, поттикнување независност и подготвеност да застанеме настрана за да дозволиме раст – дури и кога тој раст е хаотичен или непредвидлив.

Современата психологија ни покажува дека луѓето, особено децата, напредуваат кога се охрабрени да го истражуваат светот со љубопитност и самодоверба. 

Но, како родители, често несвесно ги пренесуваме нашите верувања, стравови или очекувања врз децата, обликувајќи ја нивната перцепција за можностите пред тие самите да ја дефинираат.

Тука сакам да споделам неколку практики што ги применувам за да им помогнам на моите деца да го развијат својот потенцијал – без да им ги наметнувам моите сопствени ограничувања или верувања за тоа како треба да изгледа успехот. 

 

Од „водење“ до „поттикнување“

Во бизнисот научив колку е важно да се поттикне тимот да преземе иницијатива, да прави грешки и да учи од нив. 

Истото го применувам и како родител – наместо да го контролирам секој аспект од животот на моите деца, се обидувам да ги запознаам со различни алатки и начин на размислување за самостојно да ги надминуваат предизвиците.

Поттикнувањето на децата започнува со слушање – не само на нивните зборови, туку и на нивните интереси, грижи и соништа. На пример, кога мојата ќерка изрази желба да си направи мал бизнис од продажба на цртежи и новогодишни украси, наместо веднаш да размислувам за трошоците и времето, решив да кажам: „Интересно! Како би го направила тоа?“ 🤩

Тоа едноставно преминување од решавање проблеми во љубопитност, ни отвори простор за заедничко истражување. Ги разгледавме опциите, најдовме материјали што би помогнале во изработка на продуктите и заедно создадовме палета на уникатни производи. Почна да размислува за цени, начин на продажба и комуникација со „клиенти“.

Што беше најважно? Не беше конечниот резултат што ќе направи, туку беше процесот – таа научи да ги спроведува своите идеи, да надминува пречки, самостојно да донесува одлуки и да ја негува својата креативност.

 

Создавање простор за размислување без ограничување

Често, како родители, сакаме да ги мотивираме децата со зборовите: „Можеш да станеш што и да посакаш!“ 

Но, што всушност им пренесуваме со оваа порака? Дали сме навистина подготвени да ги поддржиме во било која насока што ќе ја одберат, или несвесно ги насочуваме кон „сигурни“ и веќе утврдени патеки?

Нашите постапки и зборови понекогаш носат конфликтни пораки. На пример, им кажуваме дека можат да сонуваат големи соништа, но потоа ги охрабруваме да изберат професија која нам ни изгледа стабилна или престижна. 🤔

Овој дисбаланс може да создаде чувство на несигурност кај децата – дали да ги следат своите соништа или да се придржуваат до очекувањата што им ги наметнуваме?

Токму овде мислам дека се јавува потребата од growth mindset – идејата дека интелигенцијата, способностите и вештините не се фиксни, туку се развиваат преку труд, учење и упорност. Овој начин на размислување го охрабрува детето да не го гледа неуспехот како доказ за неспособност, туку како неизбежен чекор во процесот на учење.

Како родители, имаме моќ да ги обликуваме верувањата на нашите деца за успех и учење. Еден од начините кои јас ги користам е изборот на зборови. Наместо да кажам: „Толку си паметна!“, што сугерира дека успехот е резултат на вроден талент, често кажувам: „Гледам колку многу се потруди да успееш“ што го насочува вниманието кон трудот, а не кон фиксирани способности. 

Мислам дека овој суптилен, но моќен пристап им помага на децата да гледаат на предизвиците како можности за раст, и да не ги гледаат како неуспех. И обратното, сметам дека децата кои се воспитани во духот на fixed mindset често ги избегнуваат предизвиците затоа што стравуваат од неуспех. 

 

Давање избор и креативна автономија

Како родители, често имаме своја визија за иднината на децата, како треба да ги постигнат обврските, па дури и како да успеат во секојдневните активности. И ова е во ред до некаде, затоа што како родители тоа е и наша обврска, но не сме свесни дека таа визија, формирана од нашите искуства, стравови и желби, може несвесно да го ограничи нивниот успех. 

Лично, секогаш се залагам на децата да им дадам простор да ги истражуваат своите перспективи, дури и ако тие не се во согласност со моите очекувања. 

Еве зошто:

Детскиот избор – колку и да изгледа мал или за нас неважен – ја гради нивната доверба во сопствените способности. Кога дозволуваме децата да преземат одговорност за своите одлуки, без страв дека ќе бидат осудени, ги учиме како да развијат автономија и критичко размислување. 💪

Кога им даваме простор да експериментираат, учат и растат, ние истовремено им покажуваме дека ги цениме нивните уникатни таленти и дека веруваме во нивниот потенцијал. Ова не само што го гради нивното чувство за себе, туку и ја отвора вратата за еден свет без ограничувања.

Во суштина, сметам дека клучот за поддршка на детскиот развој не е во тоа што ќе им кажеме дека можат да станат „сѐ што ќе посакаат,“ туку во тоа што ќе им помогнеме да веруваат дека имаат способност, храброст и упорност да истражуваат што навистина ги прави среќни и исполнети.

 

Рамнотежа меѓу поддршката и letting go

И родителството и лидерството се умешности што бараат баланс меѓу давањето насоки и дозволувањето на другите да го пронајдат сопствениот пат. 

Искушението да ги заштитиме децата од неуспех е природно и длабоко вкоренето во нашата желба да ги видиме среќни и успешни. Но, тоа што често го забораваме е дека токму искуствата на грешки и падови се тие што го обликуваат нивниот карактер, отпорност и креативност.

Како родители, нашата интуитивна потреба да ги контролираме околностите на нашите деца може да доведе до претерана заштита. Ова, иако се со добра намера, ги лишува од можноста да се соочат со предизвици, да ги надминат и да развијат самодоверба.

Една од најтешките лекции што ја научив како мајка е важноста на letting go – тоа значи ослободување од моите стравови, очекувања и желбата да го контролирам секој чекор на моите деца. 

Секојпат кога ќе направам чекор назад и ќе застанам како набљудувач, откривам колку моите деца имаат способност да најдат креативни решенија, да се адаптираат на ситуациите и да ги изненадат сите, па дури и себе си. Токму тогаш се појавува магијата – моментот кога тие сфаќаат дека успеале, не поради мене, туку поради нивната храброст и труд.

Letting go не значи да се биде помалку ангажиран, туку напротив, да се биде присутен на еден зрел и рефлективен начин. Да ги оставиме да се качат на дрвото, но и да бидеме тука ако им треба поддршка кога ќе се симнат. Да ги оставиме да донесат одлука, но и да бидеме тука ако треба да разговараме за нејзините последици.💡

Кога им дозволуваме на децата да превземат ризици соодветни на нивната возраст – било да е тоа да направат свој проект во училиште, да решат конфликт со другарче или да донесат некоја важна одлука – тие учат како да бидат одговорни и независни. Нивната автономија се гради преку нашата поддршка во позадина, а не преку нашата контрола.

За ова да биде успешно треба доверба – не само во децата, туку и во себе како родител. Тоа значи да веруваме дека нашите вредности, насоки и љубов ќе останат како темели, дури и кога децата ќе одлучат сами да истражуваат нови територии.

Но, ова исто така значи да ги прифатиме нивните грешки. Наместо да ги спасуваме од секоја тешка ситуација, можеме да ги поддржиме да ги разберат последиците од нивните одлуки и да научат од нив. Овој процес, иако полн со предизвици, им дава чувство на одговорност и ја зајакнува нивната способност за решавање на проблеми.

И на крај, растот не доаѓа од совршениот пат што го поставуваме за нив, туку од просторот што им го даваме за да го пронајдат својот. Токму таму, во тие моменти на нивна автономија и наша доверба, се гради вистинската врска и нивната сила за иднината.

 

Наместо заклучок

Родителството не е натпревар, туку патување. Нашата улога не е да ги обликуваме децата според нашите идеи, туку да им помогнеме да ги истражат нивните сопствени потенцијали.

Како родители, не можеме да контролираме кои ќе станат нашите деца, но можеме да контролираме како ние ќе се покажеме пред нив – како љубопитни слушатели, поддржувачи и инспиратори.

Да ги поттикнеме нашите деца да сонуваат без граници – за нив, но и за светот што сите заедно го градиме! 🚀

 

Автор: Љубинка Такашманов