Working Mom на Неделата: Ангела Мариноска

Не е крај на светот ако некоја корпа алишта остане неиспрана или некој извештај непополнет. Не е возможно сѐ да е завршено. И тоа е сосема во ред. Треба да прифатиме дека сме само луѓе и дека понекогаш нема да ни е денот. 👌

Кога би можела да се врати назад во времето, Ангела Мариноска би се советувала самата себе да не си прави толкав притисок во однос на тоа дали ќе успее да ги заврши сите задачи на работното место и дома. 

„Останувам на ставот дека не е крај на светот ако нешто остане незавршено во текот на денот. За она што имам време и волја да го завршам не го оставам за следниот ден. Кога конечно навечер децата се заспани, а работното време е одамна завршено, без никаква грижа на совест успевам да украдам некој момент за себе и да погледнам некој филм, серија или да земам книга во рака. Иако можеби нешто останало да се сработи и за утре, јас знам дека сум го дала својот максимум за тој ден и тоа е сосема доволно за мене. По однос на менаџирање на време, се водам од познатиот цитат на Џеф Безос – Stress doesn’t come from hard work. Stress primarily comes from not taking action over something that you can have some control over”.

Таа смета дека најголем предизвик за родителите е неприродната потреба да се “правдаат” пред претпоставените кога ќе се случи нешто со нивното дете и кога треба да отсуствуваат од работа некој час или неколку дена. 🤷‍♀️

„Според мене е бесцелно да се полемизира зошто мора да си одиш дома, кога едноставно мораш да одиш. Без разлика дали детето се разболело, се случило нешто на училиште или слично, секој работодавач треба да разбере дека е најнормално на прво место да е семејството, па 10 места празни, па сѐ останато”. 

Ангела се надева дека ќе се промени начинот на размислување во компаниите дека кога еден човек ќе стане родител, тоа не значи дека постојано ќе биде дефокусиран и расеан, туку многу попосветен и попродуктивен.

„Не се соочуваат со исти предизвици мајка и татко што работат во смени и оние што имаат фиксно работно време, за да можеме да зборуваме за флексибилност или генерални правила што би функционирале секаде. Она што би сакала да се промени во една компанија е “mindset-oт” дека кога некој ќе стане родител веќе нема да е толку посветен на работата како порано, дека ќе е расеан заради децата, помалку сконцентриран, итн. Ова е според мене сосема погрешно. Јас мислам дека работникот кога ќе се оствари како родител станува уште попосветен работник од тоа што бил претходно, затоа што сега веќе не се грижи само за самиот себе. Компаниите треба да го препознаат овој момент и да разберат дека лојалноста кон компанијата од страна на работникот-родител е барем за неколку проценти зголемена бидејќи сега имаат поголема потреба од стабилен приход. Доколку дополнително наидат и на поддршка во родителството од страна на компанијата и признавање на нивните потреби како родители, таквите вработени сигурно не би дале отказ при првата потешкотија на која ќе наиде компанијата”. 

Еве каде Ангела го гледа решението: 💡

„Компаниите можат да им помогнат на своите вработени само со високо развиено чувство за емпатија. Мене искрено ми е драго што во последно време сѐ повеќе се актуализира темата за емоционална интелигенција во колективите и тимовите. Се прават напори да се разбере однесувањето на секој вработен, се посетуваат обуки и работилници. Иако имаме уште многу долг пат за изодување пред ова да се воведе како нешто најнормално во секоја работна организација, сега за сега нештата се движат во добар правец. Мојот совет до сите нас што сме вработени некаде е да сме тука еден за друг. Компанијата во која што работиш во истиот момент кога ќе си заминеш оттаму ќе го тргне твоето име од секоја задача што ти била доделена и твоето работно досие ќе заврши во некој шкаф. Но, колегата на кој си му се нашол кога си му бил потребен, кој што си го ислушал или си му помогнал со некоја задача, никогаш нема да ја заборави твојата човечност и колку пријатно се чувствувал додека сте работеле заедно”.  

Избери компанија што ќе го почитува твоето работно време и нема да те вознемирува со мејлови и нотификации додека си дома со семејството, препорачува Ангела.

„Главната стратегија е да работите во компанија која го почитува вашето приватно време. Тоа значи по завршување на работното време кое е договорено во договорот за вработување, вие на никаков начин не смеете да бидете вознемирувани. Мојата компанија дури има и забрана вработените на своите приватни мобилни телефони да имаат сетирано компаниски e-mail или Skype. Кога работите се вака поставени, нема никаква потреба вие да смислувате дополнителни стратегии, штом сте исклучени од директна комуникација со било кој од работното место. На вас само останува остатокот од денот да го посветите на семејството и на себе”.

Нејзината најголема поддршка се децата, сопругот, родителите и сестра ѝ. ❤️

„Јас не сум човек што останува во комфорна зона долго време. Секогаш барам нов предизвик и до сега неколку пати го имам сменето кариерниот пат, а најверојатно ќе го направам тоа и уште неколку пати во иднина. Со самото тоа што моето семејство верува во мене и не ме одвраќа во намерите кога сакам да се соочам со нов предизвик, мене ми е ветар во грб и поттик да верувам уште повеќе во моите способности”. 

Најголем предизвик што си го искусила како Working Mom е давање отказ од тогашното работно место по завршување на првото и на второто породилно отсуство.

„Децата според мене беа премали за на 8 или 9 месеци да ги пратам во градинка. Друг проблем беше тоа што градинките беа преполни и не прифаќаа нови деца. Но во тој момент, решив да дадам приоритет на семејството и да ја оставам кариерата настрана. Секако дека беше тешко затоа што како семејство останувате со една плата помалку а и Корона кризата дополнително го отежна самото седење дома со 2 мали деца. Меѓутоа, секој предизвик кога ќе го надминеш носи искуства со себе. Мене овој предизвик ме научи дека ако се сака, сѐ може да се почне од почеток дури и со поголема мотивација од претходно”. 

За да ја собере потребната енергија и да се рестартира, Ангела максимално се труди да ги направи своите деца што понезависни од неа и сопругот. 

„Ова подразбира уште од најмала возраст сами да им дозволиме да си најдат алишта, да се облечат, јадат, направат едноставен појадок, итн. Ако се тргнеме од наративот “немој, не знаеш ти сам”, или “немој, лом ќе направиш” ќе видиме дека краткорoчно ќе имаме повеќе за чистење додека детето се научи само да го прави нештото, ама долгорочно ќе имаме самостојно дете на кое нема да мора сѐ да му дадеме во раце. Tака ќе ни остане повеќе време да правиме работи што нас нѐ исполнуваат”. 

Платформата Working Mom освен што ни пружи утеха дека не се бориме само ние со тие предизвици на родителството, исто така ни дава едно чувство на припадност кон една заедница. Ова е заедница на родители кои сакаат да им пружат среќно детство на своите деца, а притоа да не се изгубат самите себе, смета Ангела. 🙋‍♀️

„Дополнително можеме да си помогнеме само ако поблиску се запознаеме, почнеме почесто да комуницираме барем со оние мајки и родители кои се во наша близина. Можеби ќе звучи неконвенционално, но јас би им препорачала на родителите доколку имаат можност да се преселат во помал град. Како некој што живеел во Скопје, а сега веќе 8 години живеам во Охрид, од лично искуство можам да кажам дека квалитетот на живот и времето што останува за семејството е неспоредливо. Во помалите градови сѐ уште го има она чувство на заедница и маалско дружење. Каде и да одиш, ќе ја завршиш работата истиот ден без да те вратат 100 пати назад, или пак да се изначекаш во ред или по семафори”.