За да се грижиш за своето дете, треба најпрвин да се грижиш за себе!

Секое родителско патување е уникатно. Сите родители ги имаат добрите денови, но и лошите кога едвај се грижат за себе, додека паралелно ги растат децата. 

Во овие редови, ќе го споделам моето лично искуство за работа од дома со мало дете.

Донесувањето мало невино суштество во светот за време на пандемија беше стресно искуство за мене. Првите месеци ми се како во магла. 😔

Се сеќавам дека претерано се грижев за сѐ што би можело да се случи и да тргне наопаку. Не можев да се препознаам. Долго време ми требаше да се освестам дека страдам од постпородилна анксиозност со депресивни мисли. 

Моето “село” за одгледување на син ми беше и е лимитирано во однос на време и услови, со оглед на тоа што моите родители живеат во друг град.

 

Државниот систем не ни е прилагоден за дополнителна поддршка околу децата

За време на моето породилно отсуство, поднесов документи да го запишеме синот во градинка. Во меѓувреме, маќеата на сопругот се понуди да го чува додека траеше мојата адаптација назад на работа. 

Работев поголем дел од времето од дома, па ја имав привилегијата да го гледам син ми на паузи во текот на работното време, бидејќи тој беше на катот над мене. 

Така поминаа неколку месеци, а од градинката ни трага ни глас. Се потрудивме да фатиме врски. Но, упорно ни кажуваа дека има многу пријавени деца на листата за чекање и дека ќе ни се јават кога ќе се формираат групи.

Како што син ми проодуваше и стануваше посамостоен, дојде време на летни одмори, а после и сезоната на есенски вируси. 

Поради овие причини, тој остануваше подолго време со мене, со исклучок на неодложни ситуации со состаноци или кога беше неопходно да ја посетувам канцеларијата. Во овие периоди, сопругот, маќеата на сопругот или сестра ми го чуваа детето. 

 

Кога чувствуваш дека си како робот кој во секој момент може да се распадне

Работам како регрутер. Сопругот го имаше истото работно време како мене. Но, поради различен распоред со слободни денови, темпирав одење во канцеларија кога тој беше слободен.

Како што минуваше времето, почувствував дека ми станува сѐ потешко да го одржам секојдневното темпо. Да работам ментална работа што бара постојана комуникација со колеги, клиенти и кандидати, а во исто време се трудам да ги задоволам потребите на мало дете кое го истражува светот преку љубопитност. 🤷‍♀️

Моето внимание постојано беше одвлекувано и поделено. Поминував цел спектар на емоции на дневно ниво – вина, тага, радост, бес, итн.

Секој ден носеше нови предизвици, а сепак беа еднолични. Се случуваше да му се изнавикам на син ми и веднаш да се покајам за истото, но имаше и ситуации каде што се смеевме заедно на повик со тимот од самата негова појава. 

Такви ретки моменти ме одржуваа при свест, бидејќи поголемиот дел од денот се чувствував како анксиозен недоволен родител и се обидував да се прилагодам според потребите на син ми.

Планирањето на деновите беше неопходно, исто како и снаоѓањето во секој период од денот. Го хранев дур пребарував кандидати, (пре)закажував состаноци, темпирав интервјуа во периодот кога син ми спиеше, доработував во попладневните часови кога ќе се вратеше сопругот од работа. 

Доколку се разбудеше за време на состанок, го земав во раце и го нушкав под маса да презаспие. Затоа и правев повеќе аудио наспроти видео повици. 

За среќа, наидував на разбирање од повеќето луѓе. Па, колку и да ми беше тешко, сепак успеав да остварам успех во мојата работа. 

 

Крик за помош

Привремени решенија се наоѓаа, но моето ментално здравје беше сериозно загрозено. Се чуствував како робот кој во секој момент може да се распадне. 

Започнав да барам повеќе време за себе, без разлика дали се работи за активност, разонода, кафе со другарка или, пак, едноставно одмарање во тишина. 

Побарав помош и од психотерапевт и почнав да го усвојувам фидбекот дека сум престрога спрема себе. Дека треба да поработам на реалистично намалување на моите очекувања и значително зголемување на задоволството од себе за сето она што го правам, без разлика колку и недоволно добро да ми се чини. 💡

Колку и да се чувствував безнадежно, се трудев на овој голем предизвик да гледам како најголем успех – некогаш само приоритетите го прават денот и тоа е во ред.

 

Лекцијата е научена

По година ипол, син ми тргна во градинка, иако тоа носеше нови предизвици – долга адаптација и многу болести. 

Јас и понатаму ја носам одговорноста да работам од дома кога и да има потреба, но научив да не си ставам многу на грбот – одложувам и делегирам кога можам. Мојот став кон работата од дома со мало дете е позитивен, сѐ додека не е на долг рок.

По животното прегорување што го искусив, најважна ми е лекцијата – за да се грижам за моето дете, морам да научам да се грижам и за себе. 🚀

 

Автор: Софија Стефановска