За мајчинството и континуираната едукација

За мајчинството често ќе чуете дека е најважната работа што ќе ја имате, но која со себе носи и бројни предизвици. 🤱

Јас сум личност што обожава постојано да учи и да се надоградува. Веќе 3 години, откако за прв пат станав мајка, постојано се обидувам да го најдам деликатниот баланс помеѓу моите професионални амбиции и улогата на мајка. 

Кога се роди мојата ќеркичка, на само 6 месеци постпартум, отидов на едукација поврзана со моите докторски студии, понесувајќи ја и нејзе цела недела со мене. На 9 месеци, исто така ја земав на компанискиот работен тим билдинг. 

 

Како изгледа да се држи говор на ораторска вечер со бебе во рака?

Пред неколку дена имав една интересна можност да бидам дел од Школата за Млади Лидери, повторно додека уште ми траеше породилното отсуство. Овој пат, со мене беше моето 7-месечно синче. 

Она што го направи овој настан посебен, освен тоа што моето бебе беше со мене сите денови додека траеше академијата, беше тоа што на ораторската вечер излегов да одржам говор со него.  Говор за уметноста на балансирање на работа и мајчинството. 

Да го земам моето бебе со мене цела недела на обука и овој пат беше свесен избор. За мене, ова е потсетник дека мајчинството и учењето можат да одат рака под рака. 💪

Многу нови мајки можеби мислат дека присуството на некаква обука со бебе е голем предизвик и не прават таков чекор, оставајќи ги своите амбиции за подоцна. Но, јас го видов ова како можност да покажам како мајките можат да се инспирираат меѓусебно. 

На настанот, не бев само учесник, туку и сведок за идејата дека навистина “е потребно село” за да може да се истера еден ваков настан со набиена агенда. 

Несомено поддршката од мојот партнер и семејството го направи ова искуство за мене повеќе од возможно. Потоа, поддршката од другите мајки во групата, организаторите и останатите учесници, создаде атмосфера во која се чувствував охрабрена. 

Ова ја потврди идејата дека нашето општество треба да создаде повеќе вакви работни средини што би ги прифатиле мајките, признавајќи ги нивните двојни улоги.

За време на мојот говор на ораторската вечер, споделив свои искуства и предизвици, истакнувајќи ја важноста на семејството, заедницата и системите за поддршка за мајките кои работат. 

На моја огромна радост, мојата приказна резонираше со многу луѓе во публиката и го освоивме високото 2ро место. Освојувањето на таа награда беше чест, но вистинската победа беше да се доживее емоцијата на прифаќање во една прекрасна поддржувачката средина. 🏆

 

Каква беше ситуацијата позади сцената?

Ако мислите дека сѐ беше бајковито, би сакала да ви кажам дека не е. Моето синче вадеше запче, па имавме и непроспани ноќи. Понекогаш преку ден имаше и плачки. 

Паузите ги користев за да го нахранам и постојано трчав низ хотелот. Имаше и сесии на кои доцнев и не секогаш бев доволно концентрирана. 

Плус, имав и грижа на совест што едното дете ми е во друг град далеку од мене, па цело време се прекорував дека целото семејство морав да го мобилизирам во чување на децата. 

Мислите на една мајка не запираат ни кога е на обука. Но, знаев дека е оваа одлука е добра и дека тоа што вложувам во себе, ме прави среќна и сум пример за нив двајцата во идина. Пример дека со многу волја и добра организација може да се наминат сите предизвици на патот до остварување на соништата. 🚀

Што значи успех за една мајка?

Живееме во време кога постојано слушаме дека треба да успееме. Но, што значи успех за една мајка? 

Откако станав мајка, успехот доби нова дефиниција за мене. Сега тоа е наоѓање еквилибриум помеѓу децата и она што јас го сакам. 

И да, има денови кога повеќе им требам на децата и сум целосно посветна на нивните потреби. Но, има и денови кога треба да се посветам повеќе на учењето и професионален напредок. И тоа за мене во ред – тоа е мојот баланс. 

На сите Working Moms би им кажала: Вашите амбиции се важни, колку што се важни и вашите дечиња. А, вашиот придонес е непроценлив и во двете улоги. 

На крај, повторно ќе нагласам дека навистина е потребно село за еден ваков “потфат”, а јас сум и повеќе од благодарна што го имам. ❤️

 

Автор: Ангела Костовска