Сања од Вербаториа: По неколку неуспешни бизнис потфати, се охрабрив да свртам нова страница

Јас сум Сања Бошковска, пред сѐ – жена, сопруга и мајка на две дечиња. 

Од како знам за себе, во потрага сум по смислата на животот, во потрага по себеси. Откако останав бремена по прв пат, почнав да работам на мојот личен и професионален развој за да откријам што е она што најмногу го сакам во животот, која е мојата идеална професија и како да живеам секојдневно исполнето со радост и смисла. 🔍

Тоа беше период на Ковид, па го искористив времето дома да завршам магистерска по менаџмент и организациони науки. Присуствував на неформална обука од областа на маркетинг, да научам како да ги водам профилите на моите мали бизниси и да размислам за мојот тогашен бизнис како и дали ќе продолжам да работам. 

Работата ми предизвикуваше стрес и не се пронаоѓав повеќе во истиот бизнис – агенција за недвижности. Без разлика на профитабилноста, размислував да започнам нешто сосема ново што ќе ме радува иако сѐ уште не знаев што е тоа.

Во меѓувреме, имав напишано книга ﮼Книга за моето куче” и споменар за миленичиња што што ги продавав преку инстаграм профилот – dogspower. Освен книгата и споменарот, продавав и блузони со вез за кучиња, за возрасни и за деца со порака ﮼Кучињата се љубов”. 🐶

Наидов на многу препреки, пред сѐ од финансиска област, но и недоразбирања со соработници кои не ги изработуваа блузоните добро, правеа грешки. Имаше и печатници што за мала количина или не се нафаќаа да ги печатат, или им беше скапо, ми ги изготвуваа секогаш во различни бои и со грешки. Кога не иде, не иде. Изгубив многу финансии. 

Па така, ја затворив агенцијата, ја затворив идејата за продажба на книги и блузони и се посветив на времето за себе, на бременоста и детето.

Одлучив да се препуштам и да почнам од нула со празна глава. Тоа за мене значи да не се форсирам да размислувам што сакам да бидам и да правам, туку некое време само да се препуштам на животот.

Во текот на работата на себе преку различни обуки и психотерапии, дојдов при себеси и ми се разјасни патот по кој сакам да тргнам. Магистрирав на факултет за менаџмент и набрзо потоа се запишав на факултет за психологија. Од ново бев и сум студент. 🙂

Паралелно се запишав на едукација за гешталт терапија и на НЛП со системски пристап. Почнав да учам нов правец што ми лежи на душава, без разлика колку ќе трае. 

Учејќи НЛП во Центарот за бизнис психологија ми се отвори можност за работа и почнав да работам таму. Освен едукацијата НЛП со системски пристап, таму ја завршив и Професионалната системска коучинг едукација.

Всушност во Центарот за бизнис психологија се запознав со Вербаториа. 🚀

Иронично или не, за Вербаториа дознав од како веќе бев тргната по мојот нов животен пат. Обуката и тестирањето во Центарот за откривање на природни таленти и потенцијали ﮼Вербаториа” во Белград само ми го потврдија она што одлучив да го учам и да бидам. Прекрасно е кога знаеш дека си на вистинскиот пат.

Откако дознав за Вербаториа, бев воодушевена и некако со неверување дека таков метод постои во светов, а уште помалку дека можам да работам со Вербаториа тука кај нас во Македонија. 

Се чувствував како да се оствари една моја фантазија што си ја имав цел живот, а тоа е да има некоја алатка што ќе ми овозможи да се запознаам подобро себеси и да ме насочи во кои области можам да си ги исполнам своите природни потенцијали, а притоа да се чувствувам емотивно исполнета. 

Воодушевена бев што ќе имам можност да го искористам овој метод на моите деца со кој ќе им помогнам полесно да се пронајдат и да бидат она што сакаат, да бидат свои на своето. 💪

Инаку мотивација за животот е мојата фамилија, од секогаш. Пред да оформам мое семејство, мојата движечка сила беа моите родители и брат ми. Нашите односи, љубов, дружење и доверба претставуваа за мене основа за еден среќен живот. Откако оформив мое семејство, таа љубов и движечка животна сила од моето примарно семејство само се зголеми и се продлабочи многукратно. 

Мојата желба е да бидам личност каква што сакам да бидат моите деца, поточно да бидам исполнета и среќна. Сѐ што работам и живеам е со таа цел. 

Со огромна страст учам и го продлабочувам своето знаење и едукација за родителство во работата со деца. Неодамна се сертифицирав како меѓународен едукатор за родителство со позитивна дисциплина. Со сите свои досегашни едукации само го надоградувам моето искуство и работата во Вербаториа со деца и родители.

Верувам дека квалитетот на животот на една индивидуа зависи од неговото детство. Па затоа, во ова време кога имаме толку можности за едукација, да се едуцираме, да се грижиме за децата уште од најмала возраст за да пораснат во среќни и успешни индивидуи со самодоверба. 

И многу важно, да учиме и ние од тој цел процес, да учиме од нив за себе и да се трудиме да бидеме role model за нашите деца. 🦸‍♀️

 

Автор: Сања Бошковска

Неврометрист и советник за развој на човечки потенцијали

Едукатор за родителство со позитивна дисциплина

Професионален системски коуч

НЛП Практичар