Гордана од Едуфронт: Поттикнуваме учење кај детето преку обиди и грешки и постојано експериментирање

Како родител на две деца на школска возраст и долгогодишен учесник во формалното образование, во 2018 година, Гордана Мишевска забележала зголемена потреба од дигитална писменост кај децата. 👨‍💻

Таа увидела дека постои голема разлика меѓу застапеноста и користењето на компјутерите и паметните уреди од страна на децата и едукацијата за нивното правилно и корисно користење.

Со напредокот на технологијата и пристапноста на различни дигитални алатки, таа цврсто верувала дека и нашите деца заслужуваат достапно и квалитетно образование за дигитални вештини. 

Од лична мотивација и желба за солидно и квалитетно ИТ образование, дошла до идејата за основање на Едуфронт – наш едукативен центар за обуки за деца каде што над 400 ученици ги стекнале своите први дигитални вештини. 🚀

„Ние сме едукативен центар што е посветен на развивање на дигитални вештини кај децата на училишна возраст. Нашите програми нудат спектар на обуки што одговараат на различни интереси на децата. Тимот на едукатори во Едуфронт е составен од млади луѓе со теоретско и практично искуство од програмскиот јазик или дигиталната вештина што ја предаваат, имаат желба да работат со деца и да им пренесуваат знаење на интересен и инспиративен начин. Нашата виртуелна училница е безбедно место за комуникација и учење со соучениците. Во исто време, овој начин на настава овозможува да ни се приклучат деца од цела Македонија, а на учениците од Скопје им заштедува дел од времето што би го поминувале во транспорт од еден до друг дел од градот”. 

Со цел да го пренесат знаењето до што повеќе деца, академиите се одвиваат онлајн за да можат да се приклучат деца од цела Македонија.

„Дигитални патеки за учење на деца се наменети за деца од основно образование – на возраст од 8 до 14 години. Со обуките за програмирање во Scratch може да се започне на 8 годишна возраст, кога детето е веќе описменето, самостојно чита и пишува и може самостојно да работи на компјутер. Сите други обуки се соодветни за деца од 10 до 14 годишна возраст. Нашите обуки се одвиваат онлајн, па можат да ни се приклучат деца од цела Македонија, независно во кој град или село живеат”. 

Она што ги прави Едуфронт уникатни се развивањето на структуриран пристап кон предизвиците кај детето, го поттикнуваат учењето со метод на обид и грешки и постојаното експериментирање. 💡

„Во последниве години се зголемува трендот за воведување на децата во кодирањето од рана училишна возраст. Кодирањето или компјутерското програмирање се смета за витална вештина за иднината, што им овозможува на децата да ја развиваат логиката, да решаваат проблеми и успешно да ја применуваат најновата технологија. Иако е точно дека кодирањето може да биде вредна вештина за оние кои сакаат да градат кариера во технологијата, неговите придобивки се протегаат многу подалеку од тоа. Учењето кодирање кај децата развива начин на размислување што вклучува разложување на сложени проблеми на помали делови, анализа на обрасци и создавање чекор-по-чекор решенија. Ова кај децата развива структуриран пристап кон предизвиците. Итеративната природа на кодирањето го поттикнува учењето со метод на обид и грешки и експериментирање. Ова ја развива истрајноста и издржливоста на децата и им го вкоренува ставот дека секој проблем има свое решение и дека понекогаш треба да бидеме малку поупорни и креативни во негово решавање”.

Образованието за компјутерски вештини во редовните училишта е недоволно или со застарени технологии. Како последица на тоа, родителите гледаат и препознаваат сѐ поголема предност во запишување на своите деца во детски едукативни центри, специјализирани за стекнување на основни и корисни дигитални вештини, вели Гордана.

„Како едукативен центар работиме веќе 5 учебни години, од кои 4 години сме со целосна онлајн настава. Во овие 5 години, се забележува зголемување на заинтересираноста на родителите нивните деца да следат обуки за дигитални вештини. Претпоставувам дека една причина е и трендот на зголемена побарувачка на кадри за ИТ индустријата во последниве години и привлечноста на овие кариери. Друга причина е неизбежниот контакт на децата со технологија/паметни уреди од најмала возраст. Најголемиот дел од децата додека се на училишна возраст веќе активно користат компјутери. Голем дел од времето на компјутер го поминуваат во гледање на видео содржини, следење социјални медиуми и играње видео игри. Помал дел ги користат за учење, обврски и проекти за на училиште или креирање свои содржини и дигитални дела”.

А еве како изгледа еден час во Едуфронт: ⬇️

„После формирањето на наставната група (што брои најмногу 8 ученици) започнуваме со настава некаде во средина на септември и заедно учиме до јуни. Часовите се одвиваат еднаш неделно, во попладневен термин и секој час трае по 75 минути. Си имаме утврдени дигитални канали за комуникација и одвивање на часовите. Секој час започнува со прегледување на зададената домашна работа/задача од изученото на претходниот час. Се продолжува со активности за усвојување на утврдените цели на часот – воведување на нов материјал и практични вежби за изученото, најчесто по неколку вакви блокови за да се задржи вниманието и концентрацијата на учениците. Во зависност од обуките, се користат платформи или дигитални алатки за учење за да го направиме учењето поефикасно и позабавно. На крај од секоја обука се работи на завршни проекти – заеднички или индивидуални во коишто учениците ќе ги применат стекнатите знаења и ќе внесат нешто свое. После секој час учениците добиваат материјали од часот (презентации, кодови и инструкции за домашна работа). Во случај на отсуство од час, ученикот добива и снимка од часот за да го надополни пропуштениот материјал”.

Уписите за новата учебна година во Едуфронт стартуваат на 5 август. ⌛

Пред почетокот на учебната година ќе се одржат бесплатни и отворени часови за обуките: Програмирање во Scratch, Програмирање во Python, Веб дизајн со HTML/CSS и Графички дизајн со Canva. 

Децата коишто ќе се приклучат на овие отворени часови, ќе можат активно да учествуваат и да научат воведни знаења од конкретна обука и со тоа од прва рака да ја почувствуваат атмосферата на еден час во Едуфронт.

💡 Ако овие академии ви делуваат како нешто што сметате дека ќе дадат вредност за вашите најмили и ќе им го трасираат патот во ИТ индустријата, пополнете ја ОВАА ПРИЈАВА и од тимот ќе ве контактираат за подетални информации.