Како жени, често сме склони да ги преземаме сите работи на наш грб и да ги одржуваме сите топки во воздух, да се трудиме да сме успешни во сите полиња, да напредуваме на работното место, да сме посветени мајки за своите деца, да ги остваруваме своите цели и идеи. 💯
Овој притисок Сандра Гакидев особено го почувствувала при основањето на Мамма Пренатал, едукативно онлајн катче за трудници, мајки и бебиња.
Кога би можела да го врати времето, таа би се охрабрила да побара помош и поддршка уште при започнувањето на работа на брендот.
„Со текот на времето, научив дека делегирањето на обврски е клучно за да можам да се фокусирам на оние важни обврски што ги имам кон работата, мојата компанија и кон семејството. Научив како да го искористам времето за максимално да си ги исполнувам обврските како IT Аналитичар и тим лидер, како едукатор за трудници и како мама на две дечиња. Порано не можев да делегирам одредени работи и очекував да бидам тука секогаш за сите и за сѐ. Но, она што сега ми е најважно е времето што го поминувам со моите деца да биде квалитетно, заедно да си играме, да се учиме, да се забавуваме. Кога сме заедно, целосно им се посветувам, што им дава посебно значење на тие моменти”.
За поставување на здрава граница помеѓу работата и фамилијата, Сандра ги користи следниве стратегии:
✅ Прво и најважно, утврдувам јасни граници за време. Кога сум во канцеларија или на работа, се посветувам максимално на работата. Кога моите деца се дома, тие се мој приоритет, и се посветувам на времето со нив без други работни обврски. Откако тие ќе заспијат (за среќа двете заспиваат прилично рано околу 19-20 часот), останатиот дел од денот го користам за едукација, работа или време за себе.
✅ Се стремам ефикасно да управувам со времето, користејќи методи за time management. Поставувам листа со обврски што мора да се завршат на дневно и неделно ниво. Голем дел од домашните обврски во делот на домот и чистење ги делегирам со цел да бидам послободна за работните обврски и семејството. Го делам денот во делови и му давам на секој дел конкретна цел. На пример, од 8 до 4 сум фокусирана на мојата работа, делот од денот кога моите деца се дома е резервиран за нив, додека делот на вечерта е наменет за мојата работа за Мамма Пренатал или лични активности.
Сопругот ѝ е нејзината најголема поддршка. ❤️
„Тој ми е непрекинат извор на поддршка, и за работата и за грижата за семејството. Неговата поддршка ме охрабрува да се стремам кон своите цели, да се доедуцирам и да се борам за успех на секое поле. Конкретно ме поддржува со тоа што ми обезбедува време да посветам на дополнителни едукации и патувања во странство. Имам огромна поддршка за грижа за домот, за децата и за семејството, а притоа ми е ветар во грб за сите нови идеи и планови што ги имам”.
Во својата желба да се посвети на кариерата како IT Аналитичар, на основањето на својата компанија и обврските околу семејството, имало подолг период кога таа заборавила дека ѝ е потребно време лично за себе, вели Александра.
„Најголемиот предизвик што го искусив како Working Mom беше тоа што заборавив да си одвојам време за моите лични интереси и грижата за себе. Кога увидов дека во месецот немам ниту еден час посветен лично за себе, почнав да поставувам граници и време за себе во распоредот. Одредив конкретни делови од неделата што се посветени само на мене, каде што можам да ги практикувам моите интереси, да се опуштам и да се одморам (ова често значи вежбање). Ова обично е време кога и сопругот има други обврски а децата спијат. Овие моменти на грижа за себе ми даваат енергија за да се справам со своите други обврски и да бидам подобра мајка и претприемач”. 💪
Таа од своето искуство вели дека еден од најголемите предизвици за еден родител е да се постигне баланс помеѓу работата и семејството и добра организација, особено кога децата ќе се разболат и ништо не оди според планираното.
„Важно е да се наоѓа начин да се посвети време и внимание на кариерата, истовремено одржувајќи го квалитетот на семејниот живот. Нашиот личен голем предизвик беше притисокот што го чувствуваме при почетокот на адаптацијата на нашите деца во градинката, каде што доста често се разболуваа. Тој период требаше да правиме добра организација и поголем баланс помеѓу работата и грижата за децата”.
Решението го гледа во политики и програми за флексибилно работно време што би им овозможиле на родителите ефективно да го организираат своето работно време со сите “изненадувања” што ги носи денот.
„Сметам дека убаво би било да се создадат и да се имплементираат политики и програми за флексибилно работно време што би им овозможиле на родителите паметно да го балансираат своето работно време. Ова би вклучувало флексибилни работни часови, работа од дома и други бенефиции како дневни центри за деца во рамки на компанијата, што ги олеснуваат родителските одговорности без да се жртвува квалитетот на кариерата. Ова може да им помогне на родителите да го усогласат своето работно време со потребите на нивните деца”. 💡
Не грижете се дека времето за семејството ќе ви одземе дел од вашето време за успеси и личен напредок, туку напротив – ќе ви биде мотивација плус да бидете успешни на секое поле, смета Сандра.
„Понекогаш слушам дека луѓето велат кога ќе дојдат децата нема веќе толку време за лични успеси и напредок. Не грижете се дека времето за семејството ќе ви одземе дел од вашето време за успеси и личен напредок. Напротив, децата и семејството се уште поголема мотивација за остварување на соништата и инспирација за поголеми успеси и достигнувања”.
© 2023 Created with love