Мојот рецепт за да бидете успешни како мајка и професионалец

Работењето во денешно време, особено кога си родител, се разликува од времето кога работеле нашите родители, па дури и бабите и дедовците. 

Многумина од нас работата ја гледаме не само како нешто што ни пополнува 8 часа од денот и ни носи егзистенција, туку и како можност за сопствен раст и развој, остварувајќи ги своите кариерни амбиции. 🎯

Секако, работата претставува и извесен предизвик. Работниот ден “лета”, а истиот треба да се искористи и за семејството, пријателите, како и за грижа за себе. Од моето искуство, едно можам да кажам, а тоа е дека ништо не е невозможно. 

Лично јас, одлучив да го завршам факултетот кога син ми имаше неполни 2 години. Во меѓувреме останав бремена со ќерка ми. Но, во ниту еден миг не се откажав од намерата да ја земам дипломата во раце. 

Во меѓувреме работев и иако на моменти беше доста тешко, со силна волја и неопходната поддршка од моето семејство, заедно успеавме во тоа. 💪

 

Мојата “тајна” за добро балансирано секојдневие

Работата и самата работна навика се нешто без коешто не можам да го замислам својот живот. Сакам и моите деца да бидат инспирирани од многуте примери што ги имаат околу себе дека сепак е возможно да се постигне здрав баланс помеѓу работата и приватниот живот.

Рецептот е следниот: 

✅ Силна волја

✅ Поддршка од семејството – без тоа речиси е невозможно да се справувате со обврските околу децата, во домот и на работа.

✅ Работа што ја сакаш – каде што ќе имате желба да станете наутро бидејќи таму поминувате повеќе време (будни) во текот на денот отколку дома со семејството.

Во одреден период не сум работела и сум била дома со децата. Но и таа “работа” не е ни најмалку лесна, ниту пак за потценување. Напротив, силата и трудот што се вложуваат овде се незанемарливи. Тоа е работа во која речиси и да нема пауза.

Затоа, ги поддржувам сите жени и девојки да се борат за своите соништа без разлика какви и да се тие. Ги охрабрувам да завршат факултет, да го продолжат образованието, да ја најдат својата работа од соништата или да бидат дома со своите дечиња. 

Сè она што ги исполнува и радува – е она правилното и најдоброто за нив. 🚀

 

Совети до мајките

💡 Секогаш верувајте во своите инстинкти, зошто тие ретко лажат. Доколку внатрешниот глас ви кажува дека нешто треба или не треба да се направи во одреден момент, тоа е најчесто вистинското. 

💡 Не одбивајте помош, бидејќи истата е неопходна за да се постигнат сите обврски. Но и  несебично понудете ја својата помош онаму каде што е потребна (на другарката која добила бебенце, на колешката која се бори со непроспиени ноќи и слично).

💡 Најважниот совет според мене е: Секогаш ставајте ги децата на прво место!  Пружете им ја вашата безрезервна љубов и поддршка, затоа што не постои нешто како премногу љубов или внимание за нашите најмили!

 

Автор: Вероника Алексиќ