8 работи што ги научив како working mom на близнаци

majka-na-bliznaci

1. Распоред 🗓️

Кога имаш близнаци, нештата мора да се одвиваат по распоред. 

Во првите две години, оброците и дремките беа во точно одредено време во денот за да можат и двете деца да го добијат подеднакво тоа што им е потребно и секако, да имам и јас време и за работа. 

Додека Ема и Хана беа помали работев freelance, па ги користев нивните почести дремки за да сработам што повеќе. Работев на проекти и бидејќи се работеше за креативна работа, многу често ми се случуваше да се инспирирам повеќе навечер, продолжувајќи со работа и после полноќ.

Доколку не постоеше соодветен распоред на спиење, хранење, прошетка надвор – ништо од ова немаше да функционира. 

2. Градинка 🪁

Според мене, кога и двајцата родители имаат full time работа, градинката е најдобро решение за близнаци. Одењето во градинка им помага на децата да добијат слобода и активности преку целиот ден, а мене ми овозможува да останам фокусирана и успешно да ги завршам работните обврски. 

Покрај сите обиди за чување на децата  од нашите најблиски (бабите😊) до ангажирање дополнителна помош, сепак на крај можам да кажам со сигурност дека најдобро решение останува градинката и ја препорачувам на сите родители на близнаци. 

3. Внимание 👀

Главен предизвик кај одгледувањето на близнаци е тоа што не можат да го добијат целото внимание на родителот истовремено. Не можеш во исто време да им се посветиш за сè што им треба, особено во првите 2 години. 

За јас и сопругот да бидеме успешни како во родителството, така и со работата, потребни ни беа различни реквизити што кога имаш едно дете можеби изгледаат и како непотребни, па дури и “луксуз”. 

На пример, уште во првите месеци купив релаксатор, лулашка, игрална и хранилки. За да можам побрзо да седнам да работам, најлесно ми беше да ги ставам децата паралелно во лулашка и релаксатор и да ги заспивам истовремено. 😊 

На почетокот ова одеше тешко. Како и секое бебе коешто сака да биде во прегратката на мајка си додека заспива, така и тие плачеа и негодуваа. Некогаш им требаше и до час и половина за да заспијат. 

На крај, упорноста се исплати, па откако почнаа доста брзо да заспиваат на овој начин, можев брзо да се вратам на проектите или да уживам во малку одмор тие 1-2 часа. 

4. Упорност  🚀

За секој чекор со близнаци е потребна голема упорност. Никогаш ништо не можеш да постигнеш од прва со двете деца истовремено. Мора упорно да се бориш и постепено да го балансираш времето со нив и работа. 

Ова го увидов кога почнав да работам full time работа од дома и ќе се случеше да не одат некој ден во градинка (најчесто поради настинка). 

На почетокот, тие денови беа најтешки и некогаш морав и да се заклучувам во соба за да сработам, слушајќи ги како тропаат и ме бараат пред мојата врата. Упорноста повторно се исплатеше и со тек на време, тие научија дека мама има работа и тие ќе мора да се задоволат со вниманието од тато или од баба. 

5. Поврзаност со близнаци 👧👧

Моите ќерки не го добиваа тоа вообичаено внимание за едно бебе и мало дете. Немаше цел ден држење во раце и заспивање во раце од причина што тие се 2, а јас не можев да им се посветам на тој начин, па никогаш не беа толку “закачени” за мене.  

Поради ова и немавме проблем да се одвојат од мене кога почнаа со градинка, или кога ги оставам со баба и тета. Многу ретко се случуваше да се расплачат и да не ме пуштаат да излезам, па така немав некој проблем кога работев од канцеларија или кога требаше да завршам нешто надвор. 

Во мојот случај, бабите плачеа повеќе за да се вратам дома отколку близнаците 😊 

6. Помош 🫴

За да успешно балансираш работа, градинка, дома, прошетка со близнаци навистина е потребно да имаш помош – трето лице покрај мама и тато. 

Јас и сопругот максимално се трудиме да постигнеме сè, но кога се двајца родители и 2 близначиња и двајцата сме подеднакво зафатени со по едно дете, со полни раце работа и не можеме да си помогнеме еден на друг кога има некаков проблем при прошетка, дома или со некоја дополнителна обврска од работа надвор од работното време. 

После 2та година, сè потешко можеше секој од нас сам да се справи со нив додека другиот има некоја обврска. Мој совет е секогаш кога треба сам да ги гледаш, да пробуваш да ги вклучиш во некои домашни обврски или да пробаш да им го задржиш вниманието со некоја игра. 

Лесно е тоа да се каже секако, но во пракса е секогаш потештко – така и моите близначиња се многу различни во она што ги интересира, па многу често единствено нешто што ќе им го задржи вниманието е брканица низ дома. 🤸‍♀️

Со близнаци, секогаш ќе ти треба повеќе помош. Иако целата помош од роднини и пријатели е повеќе од добредојдена, сепак пробај да да не ги користиш тие “џокери” премногу често за да секогаш имаш помош во навистина “екстремни” ситуации. 

7. Фокус 🎯

Животот со близнаци е во исто време тежок и најубав. Покрај сите предизвици, стресови, убави моменти, непроспиени ноќи, откриваш и некои работи за себе коишто не си ги знаела. Јас открив дека можам да бидам супер фокусирана на една задача кога е тоа потребно. 

Овие 3 години ме научија да бидам целосно фокусирана на моите деца кога сум со нив и да бидам целосно фокусирана на работа кога работам. Со тек на време, станав и многу подобра и поефективна на 2та фронта. 😊 

Мојата улога на мајка на близнаци ме научи дека треба да бидам присутна во моментот затоа што децата ја чувствуваат секоја отсутност. Од другата страна, како мајка на работа, сега многу пофокусирано и поефективно ги завршувам работните задачи следејќи ги истите принципи на присутност во моментот. 

8. Работа од дома 🏠

Како full time вработена мајка на близнаци, морам да признаам дека работењето од дома додека децата се во градинка е навистина голема среќа. Првпат се соочувам со работа од дома, за разлика од сопругот кој почна со тој модел уште од мојата бременост. 

За некој како мене, кој претходно беше постојано во канцеларија и на терен, транзицијата кон комплетно “remote” работење од дома на почетокот ми беше тешка. Но, веднаш ги увидов сите предности и заштеди на време и енергија што се толку потребни кога имаш близнаци. 

Потоа, почнаа и да ми фалат некои работи што порано си ги земав здраво за готово кај работата во канцеларија, како на пример моментот да станеш од кревет, да се дотераш, да одиш во канцеларија и комуницираш со тридимензионални луѓе а не само со лебдечки глави на екран. 😊

Совет за сите мајки коишто работат од дома: 

Доколку е можно, пробајте хибриден модел на работа, некој ден работа од дома, некој ден од канцеларија или некој локал. 

Јас наскоро започнувам со хибриден модел на работа. Сопругот работи така веќе неколку години и делува како успешен пристап. Се надевам ќе биде така и за мене. 🤞

Автор: Кристина Проданова